за ,

Саемот во Лас Вегас е фестивал на визионерите

Многубројни трендови ни пристигаат одеднаш: Електрификација на погонската спрега, автономни возила, вештачка интелигенција. Автомобилската бранша се наоѓа пред голема пресвртница. Сите нови технологии се прославуваат во Лас Вегас, кадешто денес завршува 50-то издание на саемот за потрошувачка електроника ЦЕС. Автомобилската индустрија веќе неколку години остава силен печат на саемот, не само да се покаже во модерно светло, туку првенствено поради тоа што во пустиската метропола се остваруваат најмногу контакти со експертите за електроника.

Најдобар пример за тоа беше конференцијата за печат на BMW, кога шефот за развој на минхенската марка Клаус Фрелих ги покани на бина неговиот колега од Intel, Брајан Крзанич, како и соосновачот на Mobileye, Амнон Шашуа. BMW во последните шест месеци соработуваше со двајцата експерти во развој на технологија за автономно возење. Оваа технологија BMW ќе им ја понуди и на останатите производители на автомобили. Предноста на отворените платформи е во тоа што BMW им овозможува слободен пристап на другите компании, но во исто време ќе може да посегне и по нивните кориснички податоци, со што може да се создаде огромна мрежа.

Добавувачите на автомобилските производители се најактивни на ЦЕС

Најактивни се добавувачите на автоиндустријата. ZF исто така половина година соработува со Nvidia на полето на вештачката интелигенција. Нивниот систем ProAl ги обработува податоците од сензорите и камерите преку технологија на Deep-Learning и скалирачка компјутерска платформа Drive-PX 2-Al. Стартот на сериското производство е планиран за 2018 година.

Bosch

Партнерство со Nvidia оствари и Bosch. На нивниот штанд беше прикажана студија изработена од Edag, којашто автомобилот го замислува како еден вид асистент. Возилото комуницира со домот на сопственикот и може да ја провери содржината на ладилникот, за возачот да знае кои продукти треба да се докупат. Притоа, автомобилот сам се упатува до супермаркетот по сопствн избор, за да ги набави продуктите потребни за рецептот што апликацијата во автомобилот ја избрала самостојно според утврдените желби на возачот.

BMW снабди цела флота лимузини од новата серија 5 со последните системи, со цел да ги покаже предностите на автономното возење. На возачот сепак не смее да му биде здодевно додека технологијата управува со возилото и за тоа време му се прикажуваат информации за локалните знаменитости или се посега по податоците во неговата агенда и му се даваат соодветни препораки за организација на остатокот од денот.

Концептот на BMW опремен со книги, перници и ќебе

Уште подалеку во иднината посега студијата BMW i Inside Future, дело на подружницата Designworks од Лос Анџелес. Замислата за ентериерот е наполно различна од досегашната претстава. Целта е на патниците во идните модели на BMW што целосно ќе бидат управувани од електрониката да им се обезбеди колку е можно поголем комфор. Дизајнерите дури ја снабдија студијата со 22 книги, две перници и ќебе, додека на задната клупа владее природна средина.

BMW i Inside Future

Daimler исто така се посветува на благосостојбата на патниците. Концептот Fit & Healthy, реализиран врз основа на Mercedes-Maybach ги проверува виталните податоци за патниците, со цел да им обезбеди телесно и духовно закрепнување. Придружба на футуристичкиот крстосувач му прави Vision Van, веќе претходно прикажаната студија за доставно возило, којашто располага со дронови за испорака на пратки и секако има електричен погон.

Mercedes Fit & Healthy Concept

Toyota не смее да отсуствува во ваква средина што живее во иднината. Нивниот Concept-i несомнено е најфутуристичката студија на саемот. Volkswagen пристигна со познатата студија ID од салонот во Париз, додека Audi воопшто не настапува, што е изненадувачка одлука, особено откако германската марка во последните години имаше впечатливо присуство на ЦЕС.

Парада на екстремните автомобили

Значајна премиера во Лас Вегас имаше Faraday Future FF 91, првиот сериски автомобил на кинеско-американската стартап компанија, којшто ќе стартува со испорака во 2018 година. Покрај нападите дека е во тешка финансиска криза, се случи и самостојното паркирање на возилото да закаже на бината среде конференцијата за медиуми. Со погонската техника сé е во најдобар ред: Со електромотори со вкупна моќност од 1.050 КС, иновативниот кросовер цели точно на Tesla Model X. Дизајнот е на страната на FF 91, но и концептот на ракување е далеку понапреден отколку кај калифорнискиот конкурент. Инвеститорите имаат причина да се заинтересираат: Акциите во Faraday Future се неколкупати поевтини отколку во Tesla.

Schaeffler biohybrid

Екстремната моќност не е домен на биохибридниот концепт на Schaeffler, којшто со должина од два метри и ширина од 85 сантиметри може да се движи и по тротоар. Погонот е на педали, со асистенција од електромотор, а брзината е меѓу 25 и 45 километри на час. Добавувачот е во преговори со неколку метрополи, меѓу кои и Лондон или Минхен, за возилото да се вклучи како алтернативна дополна во јавниот превоз.

Љубителите на напредната технологија се насладуваат од експонатите во Лас Вегас, а ниту познатите личности од оваа сфера не отсуствуваат. „Технолошкиот евангелист“ Гај Кавасаки е во улога на амбасадор на Mercedes, присутен беше и визионерот Ларс Томсен, кој во есента 2013 ја претстави својата „попкорн-теорија“, со прогнозата дека електричните автомобили ќе ја доживеат својата пазарна пресвртница во 2015 година и крајот на формула 1 ќе се случи со завршувањето на претстојнава сезона.

„Кога технологијата ќе достигне пазарна зрелост, деловите ќе се купуваат во дукан“

Од гледиште на потрошувачи, публиката нема причина за славење. Поголемиот дел од технологиите што се присутни на саемот уште не се докажани на пазарот, а уште се нејасни и предностите што истите ги нудат. Како и секогаш, постојат и скептици. Mazda не верува во предностите на автономното возење и воопшто не инвестира во развојот на оваа технологија: „Кога технологијата ќе пристигне на пазарот, компонентите ќе се продаваат во дуќан.“ Од друга страна, и шефот на една луксузна марка цени дека саемот во Лас Вегас е „наполно преценет“.

Контрадикторни сигнали се испраќаат од Лас Вегас. На само една и пол милја од Кобо Центарот се наоѓа кулата на Трамп. Тоа веќе кажува доволно.

[FAG id=26948]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota ќе довезе 45 автомобили за штандот во Детроит

Panasonic претстави нова генерација проекциски дисплеј