за ,

САД го обвинуваат Volkswagen за манипулации околу издувните гасови

паѓа продажбата на дизелот

Volkswagen е следниот автомобилски гигант што се соочува со можност да плаќа скапи казни, под обвинение од американските власти дека користел софтвер за манипулирање на емисијата на неколку свои модели.

Американската агенција за заштита на животната средина EPA го обвини Volkswagen дека го прекршил законот за екологија „Clean Air Act“ и бара германскиот производител да изврши сервисен повик на 482.000 возила во Калифорнија. Станува збор за моделите Jetta, Golf, Beetle и Passat, произведени меѓу 2009 и 2015 година, но и за моделот A3 2.0 TDI на марката Audi. На Volkswagen му се заканува опасност од казна во висина и до десетици милијарди долари.

dizel amblem sad
Европските марки вложија многу во рекламирањето на дизелот како чист погон во САД, барајќи конкурентска предност пред азиските марки на пазарот

Покрај високата казна, на Volkswagen му се заканува и опасност од нарушување на угледот на марката на пазарот во САД. Тоа секако ќе биде дополнителен проблем покрај слабата продажба на Volkswagen на тамошниот пазар. Но, гигантот од Волфсбург не е единствен под напад на властите, туку целата германска автоиндустрија е загрозена. Во минатите неколку години, Daimler и BMW инвестираа многу во рекламирање на дизелот во САД како чиста технологија. Доколку Volkswagen биде обвинет, тоа ќе се рефлектира и врз сите германски производители, но и воопшто врз штедливиот и чист дизелски погон.

Издувните гасови наводно се манипулирани со користење специјален софтвер

Како што агенцијата EPA соопшти вчера во Вашингтон, Volkswagen наводно користел специјален софтвер за да прикаже помала вредност на штетни материи во издувот од реалната. Од компанијата уште не излегуваат со конечен став, затоа што судската постапка е веќе отпочната.

Казната за Volkswagen може да достигне 33.000 евра за секое продадено возило од моделите што американските власти сметаат дека се манипулирани во поглед на емисијата на азотни оксиди. Покрај 482.000 возила опфатени во сервисниот повик, тоа би значело казна во крајна висина од 15,9 милијарди евра. Од Volkswagen потврдуваат дека целосно ќе соработуваат во истрагата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Франкфурт 2015: Тајванска фирма со уште еден конкурент за електричната Tesla

Suzuki нема да развива наследник на лимузината Kizashi