За Енцо Ферари се снимени повеќе филмови, но сите тие останаа незабележани. Тоа ќе се смени откако Роберт де Ниро ќе стане „Ил Комендаторе“. Улогата беше понудена уште во 1990-те години, но тогаш Де Ниро ја одби.
Холивуд планира нов „тркачки“ филм. Суперѕвездата Роберт де Ниро ќе ја има улогата на автомобилската легенда Енцо Ферари. Тоа актерот го изјави во интервју за италијанскиот „Ил Месаџеро“. Де Ниро е одушевен од идејата да се сними биографски филм за Енцо Ферари: „Ми претставува голема чест и радост, да го раскажам животот на овој исклучителен човек, којшто во неколку епохи воведуваше револуција во светот на мотоспортот.“ Холивудската ѕвезда требаше да се појави во филмот за „Ил Комендаторе“ во режија на Мајкл Ман уште во 1993 година, но Де Ниро тогаш ја одби улогата.
Финансиската подлога ќе ја обезбеди продуцентот Џани Боцачи, а сценариото би требало да биде на Стивен Џ. Ривел и Кристофер Вилкинсон, коишто работеа и на „Никсон“ на Оливер Стоун. Режисерското место би можело да му припадне на Клинт Иствуд.
Веќе има снимено филм за Енцо Ферари
Во 2003 година, Карло Карлеи ја екранизираше животната сторија на Енцо Ферари во филмот под наслов „Енцо Ферари – Филмот“. Но, филмот остана незабележан и не постигна финансиски успех. Во филмот со Де Ниро исто така се прикажува животот на Енцо Ферари во периодот од 1945 до 1980-те години. За разлика од уметничкиот карактер на филмот на Карлеи, новиот филм ќе биде многу „погласен и побрз“. Како основа на филмот што ќе се снима на оригиналните локации во Италија ќе послужи автобиографијата на Енцо Ферари и интервјуата на италијанските новинари со „Ил Комендаторе“.
Де Ниро често добива улоги на личности со италијански корени, како во „Кум“ или во улогата на боксерската легенда Џејк Ла Мота во „Разјарениот бик“. Но, освен презимето, коешто доаѓа од неговиот дедо со потекло од Италија, Де Ниро нема поголеми активности со земјата. Тој е дури и роден во Њујорк.