за

Рели во штедливо возење на Skoda: Победи Octavia со 2,95 l/100 km

Skoda Octavia 2.0 TDI победи на 33-то рели во штедливост со просечна потрошувачка од 2,95 литри на сто километри.

На 20-ти септември се возеше 33-то рели во економичност во организација на Skoda. Целта на релито е да се докаже штедливоста на моделите на чешката марка. Победници се Јири Пилни и Петр Сима со просечна потрошувачка од само 2,95 литри дизел на сто километри, со Skoda Octavia Combi 2.0 TDI со 140 КС од 2006 година.

На стартот во оваа година се појавија 48 тимови. На еднодневното рели учествуваат само модели на Skoda, со бензински и дизелски мотори, со цел да извозат 309 километри со колку е можно пониска потрошувачка на гориво. Стартна и целна точка беше Космоноси во близина на седиштето на Skoda во Млада Болеслав, со попатна станица во фабриката за мотори на чешката марка во Квасини.

Поделени во пет категории, учесниците се оценуваат врз основа на најниската емисија на СО2 врз основа на просечната потрошувачка на гориво. При оценувањето се земаат во предвид и постигнатата просечна брзина, како и разликата меѓу постигнатата и фабричката потрошувачка. При идентични вредности и емисија на СО2 решаваат повисоката просечна брзина, односно поголемата работна зафатнина на моторот.

За прв пат во оваа година се користеше нова постапка за мерење на потрошувачката. Електронскиот уред за дијагностика пресметува колку гориво се наоѓа во резервоарот пред и по возењето. Возилата стартуваат со три четвртини полн резервоар, а разликата меѓу двете мерења ја дава точната количина на потрошено гориво. Во минатите години резервоарите се полнеа до врв и потошеното гориво се одредуваше по дополнувањето на резервоарот.

За следното рели се очекува рекордни вредности да постави новата Fabia, чијашто продажба стартува есенва. Новата генерација на Fabia има мотори со потрошувачка намалена до 17 проценти, а најштедливата верзија GreenLine троши само 3,1 литри дизел според фабричките вредности.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot 208 GTi 30th: Сеедно дали е мало или големо, важно да има лавче

Opel Mokka поштедлив за 20 проценти со новиот дизел мотор