за ,

Рекорд на водородниот Hyundai: 2.383 километри за 24 часа

Двајца норвешки експерти за водороден погон го тестираа Hyundai ix35 Fuel Cell и дојдоа до резултатот: 2.383 километри за 24 часа. За сето тоа време, единствениот гас од издувот беше чиста водена пареа.

Двајца експерти за ворододен погон го тестираа Hyundai ix35 Fuel Cell во реални услови на возење во секојдневен сообраќај. Подвигот заврши со рекордни 2.383 километри за едно деноноќие. Зад рекордот стојат Норвежаните Арнт-Горан Хартвиг и Мариус Борнстејн, кои 24-часови го возеа автомобилот со погон на водород на Hyundai по јавните патишта низ Германија. Од издувниот систем на автомобилот излегува совршено чиста водена пареа.

Најголемата предност пред електричниот погон со батерии: Полнењето вородод трае 3 минути

Тестот се состоеше во минување на рутата од станицата за точење водород на Vattenfall во Хамбург до станицата на Shell во Берлин, во колку е можно повеќе пати во рок од едно деноноќие. Поради кусото времетраење на полнењето на резервоарот со водород од само 3 минути и просечната брзина на тестот од близу 100 километри на час, пред да измине рокот, Норвежаните веќе беа во петтиот круг по рутата меѓу обете станици за водород. Рутата водеше низ градска средина, но и по автопат. На тој начин се потврди дека Hyundai ix35 Fuel Cell одговара за најразлични услови на сообраќај во секојдневието. „Сакавме да ги покажеме можностите на електричниот автомобил со погон на водород и на постоечките станици за точење водород. Резултатот ветува,“ изјави тимот по завршетокот на патувањето.

Резултатот на обајцата еколошки пионери е последен во серијата предизвици, со кои што се докажува потенцијалот и ефикасноста на технологијата на горивни ќелии. Лани во јуни, истото дуо извозе 700 километри со едно полнење на резервоарот со водород. Потоа, норвешкиот тим извозе и тура долга 2.260 километри од Осло до Монако, полнејќи гориво исклучиво на јавно достапните станици за точење водород.

Hyundai е пионер на погонот на водород со продажба во 11 европски држави

Hyundai прв започна со сериско производство на автомобил со погон со горивни ќелии во 2013 година и го направи возилото достапни за крајните потрошувачи. Во моментов ix35 Fuel Cell се продава во единаесет европски држави, по цена од околу 65.000 евра, не вклучувајќи ги субвенциите што одделни држави ги применуваат за автомобилите со нулта емисија на штетни гасови. Исто како за останатите модели, Hyundai одобрува гаранција од 5 години или 100.000 километри.

Моделот базиран на претходната генерација на Hyundai ix35 поседува електромотор со моќност од 100 киловати, односно 136 КС и постигнува крајна брзина од 160 km/h. Возилото не испушта штетни гасови. Од издувниот систем излегува единствено чиста водена пареа. Според фабричката декларација, со едно полнење на резервоарот со водород се минуваат 600 километри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes со милионска продажба веќе во јули

Специјална серија за 40-годишнината на Volkswagen Polo