за ,

Рекордна сума за Ferrari F40: Над еден милион евра од новиот сопственик

F40 не е како останатите. Тој е последниот Ferrari за чијшто развој потпиша лично Енцо Ферари. Колекционерите чекаат пригода да дојдат до него, но цените веќе почнуваат да достигнуваат астрономски вредности.

Ferrari F40 е автомобил со посебно поглавје во историјата. Тој е последниот модел за когошто Енцо Ферари лично го потпиша налогот за развој. Моделот потекнува од 1987 година, кога италијанската спортска марка одбележуваше 40 години постоење. Оттаму доаѓа и бројката во ознаката. Но, останатите бројки исто така заслужуваат почит. Во F40 работи 2,9-литарски мотор V8 со 478 КС, кој го забрзува болидот за 4,1 секунди до сто и продолжува до 325 km/h. Со овие вредности, F40 може да се носи и со повеќето суперспортски автомобили од денешницата.

Ferrari F40 како предводник на серијата, заедно со F50, Enzo и LaFerrari
Ferrari F40 како предводник на серијата, заедно со F50, Enzo и LaFerrari

До 1992 година од F40 се произведоа 1.315 примероци, по цена од околу 230.000 евра за примерок. Во меѓувреме, цените на ексклузивниот F40 почнаа да достигнуваат астрономски вредности. На интернет берзите се нудат неколку примероци, за коишто сопствениците бараат меѓу 800.000 и 1,4 милион евра.

Автомобилот на Најџел Менсел достигна само 690.000 евра

Очигледно е дека за тркачкиот автомобил од Маранело не само што се бараат високи суми, туку купувачите и ги плаќаат. Тоа се потврди денес, за време на големата награда за олдтајмери на Нирбургринг, кога еден од последните примероци од F40 го смени сопственикот за 1,12 милион евра. Пред една година на наддавање се појави и автомобилот на поранешниот возач и шампион во формула 1, Најџел Менсел. Неговиот Ferrari F40 достигна 690.000 евра на наддавањето, но автомобилот имаше голем број претходни сопственици, а и релативно голема километража – 36.000 километри.

Примерокот на наддавањето во Нирбургринг е дел од приватна збирка. Тој има само еден претходен сопственик и има поминато само 7.881 километри. Покрај тоа, историската вредност на овој F40 се зголемува со фактот што тој е еден од последните произведени примероци од серијата. Моделот е произведен во декември 1992, а испорачан е на 4-ти јануари 1993. Иако автообилот е возен ретко, сопственикот решил да ги обнови облогите на седиштата во 2010 година – што сведочи за беспрекорното одржување. Потоа, F40 бил паркиран во климатизирана хала, каде што мирувал до минатииот месец. Новиот сопственик не сака да го открива идентитетот. Вредноста на Ferrari F40 сосема сигурно ќе почне штотуку да расте и да ги достигнува останатите „класичари“ на марката од Маранело.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Alto е најиздржлив градски автомобил според JD Power

Toyota е светски шампион во патентирање изуми