за ,

Рекордна нарачка за луксузната марка: Триесет „ролс-ројси“ за хотел во Кина

Стивен Ханг (л.) и шефот на Rolls-Royce, Торстен Милер-Етвес (д.)

Која лимузина е најсоодветна за превоз на гости во хотел кадешто преноќување чини 130.000 долари? Rolls-Royce, што друго! Хотел во Кина нарача 30 парчиња од луксузната марка. Тоа е рекордна нарачка за Британците.

Гостинот е цар. Тоа правило важи особено во еден хотел што се гради во Макао, околу 50 километри од Хонг Конг. Инвеститорот и индустријалец Стивен Ханг ја направи досега најголемата нарачка од луксузната марка Rolls-Royce. Тој купи 30 примероци од моделот Phantom за хотелскиот возен парк, односно за превоз на гостите меѓу казината. Вредноста на нарачката е точно 20 милиони долари, односно околу 15,4 милиони евра. Макао важи како кинески Лас Вегас.

Нарачката на господинот Ханг повеќе од двојно ја надминува досега најголемата нарачка од 14 примероци од Pahtom, којашто хотелот Пенинсула во Хонг Конг ја направи во 2006 година. Луксузниот хотел има набавено 70 примероци од Rolls-Royce во периодот од 1970 година до денес. Најстариот автомобил е Phantom II од 1934 година, кој уште се користи секојдневно за превоз на гостите.
Кина е еден од најголемите извозни пазари за Rolls-Royce. Во минатата година Народната Република го престигна САД како најголем продажен пазар за британската луксузна марка. Во 2013 година, британската марка во сопственост на групацијата BMW продаде 3.630 возила во светот.

Ханг и Rolls-Royce го потпишаа договорот во седиштето на авто производителот во Гудвуд. Луксузниот хотел го носи името Луј Тринаесетти и ќе биде отворен во почетокот на 2016 година. Луј Тринаесетти бил крал на Франција и Навара во 17-от век и меѓу другото ја започнал изградбата на Версајскиот дворец. Два примерока во нарачаната флота се најскапите модели што досега се нарачани, со позлатени елементи однадвор и во кабината.

Хотелскиот холдинг уплати два милиона долари на сметката на Rolls-Royce, а втората рата од три милиони долари треба да биде префрлена кон крајот на годината. Преостанатите 15 милиони евра ќе бидат платени откако лимузините ќе се испорачаат во првата половина од 2016 година. Цената на Phantom изнесува околу 600.000 долари, но никој не плаќа толку – нарачаните примероци со многуте детали по желба на купувачот најчесто ја надминуваат оваа вредност повеќекратно. Казината во Макао во минатата година постигнаа промет од 45 милијарди долари, што е седумпати повеќе од конкуренцијата во Лас Вегас.

Ханг е поранешен инвеститорски банкар и познат е по неговиот раскошен стил. На територијата на новиот хотелски ресорт ќе се гради вила во којашто преноќувањето ќе чини 130.000 долари – тоа е речиси занемарливо во споредба со цената на Rolls-Royce.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Ford S-Max ќе се нуди и во верзија со погон на сите тркала

Audi го престигна BMW и кај крадците на автомобили