за

Рекордна година за авто-браншата: За првпат над 80 милиони возила

Во светот годинава за првпат се продадоа над 80 милиони возила. Аналитичарите очекуваат годината да заврши со 81,6 милиони продадени возила или за околу четири проценти повеќе отколку лани. Позитивниот тренд ќе се задржи и во претстојната година, но постојат некои фактори на ризик коишто можат да влијаат врз продажбата.

Трите најголеми пазари за автомобили во светот се развиваа различно годинава. Пазарот за нови автомобили во Западна Европа порасна за пет проценти, на вкупно 13,9 милиони возила. Наспроти тоа, во САД се продадоа за два проценти помалку возила отколку лани, односно вкупно 17,1 милиони автомобили. Најголемото изненадување е високата стапка на пораст во продажбата на кинескиот пазар од 15 проценти. Со 23,1 милиони продадени возила, Кина е убедливо најголем пазар за автомобили во светот. Заслуга за овој импресивен пораст имаат и даночните олеснувања во земјата, но тие повеќе нема да важат во наредната година.

За 2017 година се предвидува намалување на стапката на пораст. На светскиот пазар в година се очекува продажба од 83,6 милиони автомобили или за два проценти повеќе во споредба со тековнава година. Експертите очекуваат дека конечно ќе запре негативниот тренд на рускиот пазар и следната година ќе заврши со пораст од 5% или 1,5 милион возила. Истото се однесува и на бразилскиот пазар.

Неизвесност околу Брегзит и спогодбата за слободна трговија со САД

Прогнозите за Западна Европа наведуваат бројка од 13,9 милиони возила, односно 17,1 милиони возила во САД. Кина ќе го забави трендот и ќе забележи раст од пет проценти, со 24,2 милиони возила. Експертите веќе ги земаат во предвид последиците од Брегзит и предвидуваат продажбата на автомобили во Велика Британија да се намали за осум проценти. Голема неизвесност постои и околу спогодбата за слободна трговија со САД.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мадрид со 500 електрични возила за изнајмување

Lamborghini Aventador S со второ иницијално полнење