за ,

Резервни делови носат 20% од прометот на автоиндустријата

резервни делови студија

Автомобилската индустрија остварува една петина од прометот на светско ниво од резервни делови и сервисирање. Претстојат многу промени. Деловите во иднина ќе се продаваат преку интернет, електричните и автономните возила ќе го намалат прометот. Производителите ќе реагираат со нови услуги.

Бизнисот со таканаречената постпродажба расте. До 2030 година, прометот што автомобилската индустрија го остварува од резервни делови и сервисирање ќе се зголеми од сегашните 800 милијарди долари на 1,2 трилион долари. Постпродажбата учествува со околу една петина во вкупниот промет и со тоа претставува еден од најважните носечки столбови на автоиндустријата.

Најголемиот раст во ова подрачје се очекува во Кина (+8,1%), што е неколкукратно повеќе отколку во Европа (+1,5%) или Северна Америка (1,6%). Повеќе од половината од прометот го носат потрошните делови (53%), следат поправките на оштетувања од судири со 9% и сервисните услуги со 6%. Тоа го открива најновата студија на познатата консултантска компанија Мек Кинзи.

Еден од четири резервни делови ќе се купува преку интернет

Според анализите во истата, постпродажбата ќе претрпи темелни промени во иднина. Резервните делови ќе се продаваат преку интернет. Тоа ќе ги смени актуелните врски меѓу производителите, добавувачите, дилерите и сервисните работилници. Во иднина најголем раст ќе бележат дигиталните услуги, како што е обновување на софтвер или заштита од кражба во реално време. На овие услуги за десетина години ќе отпаѓа една петина од прометот. Една четвртина од резервните делови ќе се продаваат преку интернет до 2030 година.

Кои се добавувачите на компоненти за: Opel Insignia

Од друга страна, зголемувањето на бројот на електрични возила, кадешто има помалку потрошни делови, ќе носи и соодветно помалку продажби на резервни делови, како и сервисирања. Ист ефект ќе имаат и возилата со технологија за автономно возење, од коишто се очекува да ја зголемат безбедноста во возење. Тоа значи помалку судири и оштетувања.

Во анкетата на Мек Кинзи, четири од пет претставници од браншата одговориле дека нивните компании во моментов не се подготвени за новите трендови. Повеќето добавувачи уште заостануваат далеку во поглед на дигитализацијата. Околу 42% од нив очекуваат намалување на профитабилноста во постпродажбата во следните десет години, додека само 29% се надеваат на поголема маржа во иднина.

Шест трендови ни претстојат во следните години:

  • Здружувањето на дилерите и големите трговци ќе продолжи со засилено темпо во Европа. Не е далеку сценарио како во САД, кадешто четирите најголеми трговци покриваат 40% од пазарот.
  • Производителите ќе го прошируваат бизнисот во постпродажбата преку привлечни попусти и можност на клиентите да им се понуди услуга „од една рака“.
  • Исто како и сите останати производи, автоделовите сé повеќе ќе се продаваат преку интернет. Единствено почувствителните компоненти, како воздушни перници или ветробрани, ќе се продаваат на вообичаениот начин.
  • Фирмите ќе сакаат да располагаат со возните податоци. Преку овие податоци, клиентите ќе добиваат подобра и побрза услуга, исто како и предупредување уште пред некој витален дел да се расипе.
  • Нови фирми од дигиталното подрачје, на пример од управувањето со возни паркови или осигурителните компании, во иднина ќе сакаат да посегнат по својот дел од бизнисот.
  • Цените ќе станат потранспарентни преку дигитализацијата. Секој трет клиент во Европа однапред се информира за поевтините сервисни работилници.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nissan Leaf DynamoBike Rim

Преку вртење педали до попуст за Nissan Leaf

Lucid Motors безински рекорд

Lucid Motors постигна рекордни 380 km/h за електрични автомобили