за ,

Редок Aston Martin DB2/4 со мотор од Lada откриен во шупа во Куба

Редок примерок на Aston Martin DB 2/4 неодамна е откриен во шупа во Куба. Необичната судбина на овој потенцијално вреден олдтајмер му донесе мотор од Lada под хаубата. Проблем е тоа што „рускиот“ Aston Martin не смее да ја напушти Куба.

Никогаш не се знае што носи судбината. Тоа важи и за автомобилите. Кој би можел да претпостави дека Aston Martin DB 2/4, произведен во серија од 761 примероци меѓу 1953 и 1959 година, ќе доживее под хаубата да добие мотор од Lada или волан и арматурна табла од руската марка?

Aston Martin го претстави DB2-4 како дополнителна верзија со седишта во конфигурација 2+2 од двоседот DB2
Aston Martin го разви моделот DB2-4 како дополнителна верзија со седишта во конфигурација 2+2 од двоседот DB2

Токму тоа се случило со автомобилот на извесен Британец, кој по револуцијата во Куба во 1959 година не можел да си замине дома заедно со својот скапоцен Aston Martin и морал да го остави во земјата. Несудениот нов сопственик подоцна решил да го замени оригиналниот тркачки мотор на DB 2/4 со мотор и со арматурна табла и волан од Lada, за засекогаш да го реши проблемот околу забраната за набавка на оригинални резервни делови од Британија. Автомобилот сега се наоѓа во сопственост на извесна Кубанка и веќе со години собира прашина во шупата.

Кубанците би можеле да заработат многу со продажбата на нивните олдтајмери

Aston Martin е запознаен со ова необично откритие на реткиот автомобил, но не е во можност да превземе што било, затоа што од островот не смее да замине ниту еден автомобил што е произведен до 1959 година. Овој закон е на важност до денес и многумина љубители на олдтајмери се во неизвесност што понатаму со старите автомобили во Куба. По повторното воспоставување на дипломатските односи меѓу Куба и САД, прашањето околу старите автомобили повторно исплива на површина. Кубанците се свесни дека со евентуалното укинување на законот би можеле да заработат многу од продажбата на своите олдтајмери.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Chevrolet Camaro конечно стана вистински спортски автомобил

Српската марка Aqos најавува автомобил за салонот во Женева