за

Пронаоѓачот на литиум-јонската батерија јавува нова технологија

Инженерски тим предводен од 94-годишниот Џон Гудинав, професор на Универзитетот Тексас и еден од пронаоѓачите на литиум-јонската батерија, разви батериски ќелии коишто се побезбедни, побрзо се полнат и издржуваат подолго, за користење во преносни уреди, за акумулирање енергија – и за електрични автомобили.

Последниот изум на Гудинав е евтина батерија, којашто не експлодира при оштетување и има долг век на траење, со висока енергетска густина и брзо полнење. „Цената, безбедноста, брзината на полнењето и долгиот век се решавачки за поголемата прифатеност на автомобилите со батериски погон. Веруваме дека нашиот пронајдок ги решава повеќето од овие проблеми кај денешните батерии“, открива Гудинав.

Најмалку тројно зголемување на досегот на електричните автомобили со едно полнење

Новите батериски ќелии имаат најмалку трипати поголема енергетска густина од литиум-јонските батерии. Тоа значи дека електричните автомобили ќе постигнуваат поголем досег до следното полнење. Се зголемува и бројот на циклуси на полнење и празнење, и уште поважно, полнењето се скусува од неколку часови на неколку минути.

Денешните литиум-јонски батерии користат течни електролити за пренос на јоните на литиумот меѓу анодата и катодата. При пребрзо полнење постои опасност од создавање „метални честички“ во електролитот, што предизвикува краток спој и опасност од експлозија или палење. Место течен електролит, научниците овојпат користат стаклени електролити, коишто овозможуваат користење на анода од алкален метал, без опасност од создавање дендрити.

Со користењето на анода од алкален метал (литиум, натриум или калиум) – што е невозможно со обичните батерии – се зголемува енергетската густина на катодата и се постигнува подолг рок на траење. На тестирањата се добија над 1.200 циклуси со низок отпор на ќелиите.

Неограничена применливост на електричните автомобили во различни климатски услови

Покрај тоа, бидејќи електролитите од цврсто стакло можат да работат и на 20 степени под нулата, ниските температури не ја ограничуваат применливоста на електричните автомобили. За првпат батерија со цврст состав може да работи под минус 60 степени Целзиусови.

Производството е поедноставно, а дополнителна предност е тоа што батериските ќелии може да се изработат од материјали што не се штетни за животната средина. Стаклените електролити дозволуваат замена на литиумот со евтин натриум. Тој се екстрахира од морската вода.

Научниците од Универзитетот Тексас очекуваат дека производителите на батерии наскоро ќе започнат со развој и тестирање на новиот вид батерии за примена во електрични автомобили и уреди за акумулирање енергија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овој мини Brabus чини колку Mercedes E-Class

Mercedes најавува GT со четири врати за Женева