за , ,

Производителот на iPhone подготвува електричен автомобил?

Дали светот наскоро ќе добие и iCar? Постојат гласини дека стотици експерти во американскиот компјутерски концерн веќе една година работат на развој на електричен автомобил.

Apple развива електричен автомобил. Повикувајќи се на интерни информации, „Вол Стрит Журнал“ објави дека во концернот работи тајна лабораторија во којашто се ангажирани стотици експерти. Шефот Тим Кук го одобрил проектот под работното име „Титан“ пред околу една година. Со проектот за електричен автомобил раководи ветеранот Стив Задески, којшто веќе има работено на iPod и iPhone, а има работно искуство и во Ford. Засега се работи на дизајнот на автомобилот со каросерија во стил на ван, но ќе минат уште неколку години додека стартува продажбата на „iCar“.

Уште не е сигурно дали концернот ќе го реализира проектот, пишува „Вол Стрит Журнал“. Apple е познат по тоа дека развива и прототипи коишто никогаш не влегуваат во производство, вклучувајќи го и телевизорот од компанијата. Доколку тимот на Задески достигне 1.000 лица, тогаш веќе би можело да се зборува за сериозен проект. Претходно и „Фајненшел Тајмс“ пишуваше дека Apple ги засилува активностите во развојот на автомобили: „Концернот вработува автомобилски инженери и таен тим од илјадници вработени се ангажирани во автомобилски производи“.

Шпекулациите за автомобилот на електронскиот гигант почнаа откако се дозна дека црниот ван со необични надградби по калифорниските патишта е изнајмен од Apple. Прво се претпоставуваше дека Apple ги користи камерите поставени на возилото за своите карти. Но, потоа почнаа да зачестуваат информациите дека сепак станува збор за развој на автомобил. Менаџери од Apple посетиле неколку фирми во Австрија, вклучувајќи го и Magna Steyr.

Развојот на автомобил трае повеќе години и бара големи суми пари. Тимот моментно истражува со повеќе различни метали и други материјали за производство на автомобили. Apple може да си дозволи скапи експерименти. Концернот располага со резерви во висина од 178 милијарди долари и особено преку продажбата на iPhone бележи постојан раст во добивката од година в година.

Интернет концернот Google исто така веќе долго време работи на технологија на автономни возила и лани го претстави својот прв автомобил од сопствен развој. Мини-двоседот со електричен погон е целосно управуван од компјутер и според првичната идеја на Google требаше да се појави без волан и педали. Целта е да се воведе револуција во градскиот сообраќај. Наспроти тоа, Apple не се интересира за автомобил што управува самостојно, туку за „нормален“ автомобил со електричен погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Civic Type R ќе вози со рекордни 270 km/h

Нови детали од знаменосецот на Škoda