за

Произведен шестмилионитиот Audi со погон quattro

За само една и пол година откако го прославуваше петмилионитиот примерок со погон на сите тркала, во фабриката во Инголштат веќе дојде време за следниот милион.

Во фабриката на Audi во баварскиот Инголштат е произведен шестмилионитиот автомобил со погонот на сите тркала quattro, само една и пол година по петмилионитиот quattro. Јубилејниот примерок е Audi SQ5, којшто ќе биде испорачан во САД. Од првиотмодел quattro, како прв модел воопшто на Audi со постојан погон на сите тркала во 1980 година, оваа технологија ги освои патиштата низ светот. Со околу 170 варијанти со погон quattro, марката со четирите прстени има најголема понуда на модели со погон на сите тркала од сите премиум марки.

Лани Audi произведе вкупно 710.095 автомобили со погон quattro. Во обете германски фабрики во Интолштат и Некарсулм дневно се произведуваат околу 2.000 возила со погон на сите тркала. Овие модели постигнуваат успех низ целиот свет. Во 2013 година, дури 44 проценти од сите купувачи на Audi се решиле за модел со погон quattro, што е неспоредливо поголемо учество отколку кај конкурентските марки од премиум сегментот. Најпродаван модел со погон quattro е Audi Q5, пред Audi A4. Најголем интерес има во САД, Канада, Русија и на Средниот Исток.  Вклучувајќи ги сите каросериски форми, мотори и менувачи, постојат дури 170 моделски варијанти на quattro. Моделите Audi Q7, Audi R8, Audi A4 allroad, Audi A6 allroad, како и сите модели S и RS се произведуваат исклучиво со погон на сите тркала.

Марката со четирите прстени го претстави погонот за прв пат на салонот во Женева во 1980 година во моделот Audi quattro. Иако првично беше замислено quattro да се произведе во мала серија, поради хомологација за трки, моделот продолжи да се произведува дури 11 години. Audi имаше повеќе рекламни кампањи и спектакуларни спотови што придонесоа за светската популарност на погонот на сите тркала. Повозрасните возачи уште го помнат спотот од пред 30 години, кога Audi 100 CS со сопствена сила се искачи на скијачката скокалница во Каипола, Финска. Незаборавно е и триумфалното возење на Валтер Рерл во 1987 година, кој со Audi Sport quattro S1 постави рекорд на патеката Пајкс Пик во Колорадо, САД.

Во аналите на мотоспортот стојат четири шампионски титули во светскиот шампионат во рели, три победи на Пајкс Пик, шампионска титула во серијата Транс-Ам, две титули во ДТМ, десет национални шампионски титули во трки со туристички автомобили и една титула во светскиот куп со туристички автомобили.

Откако погонот на сите тркала беше забранет во трките со туристички автомобили во 1998 година, Audi се врати на тркачките патеки во 2012 година со Audi Audi R18 e-tron quattro, со хибридна технологија, и постигна двојна победа на легендарната 24-часовна трка во Леман. Потоа следеа уште два триумфа во 2013 и 2014 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bosch останува најголем добавувач на автоиндустријата

Audi со јубилеен модел за 25-годишнината на TDI