за , ,

Проект V-Charge: Автомобилот паркира сам и си ги полни батериите

Замислете дека го оставате возилото пред супермаркет и заминувате на купување, а за тоа време, автомобилот сам си бара паркинг и ги полни батериите. Оваа визија може да стане реалност во многу догледно време.

Рестораните и хотелите што држат до себе се грижат престојот на гостите да го направат колку е можно попријатен уште на влезот. Запирате пред ресторанот, го предавате клучот на персоналот и спокојно одите на вечера, додека некој друг бара слободно место за паркирање на возилото. На заминување, возилото чека пред локалот. Оваа услуга е мошне распространета во САД, но во Европа наидува на послаб интерес. Кој би го дал клучот во рака на непознат?

Наскоро паркирањето ќе биде задача што возилата ќе ја извршуваат самостојно

Но, овој вид на сервис за паркирање може да стане секојдневие за само неколку години, со користење на мобилни апликации. Замислете дека запирате пред паркиралиштето, излегувате од возилото, ја активирате апликацијата на паметниот телефон и потоа возилото си поаѓа самостојно да најде слободно место за паркирање. На крај, преку истата апликација возилото се повикува на местото на оставање. Ова сценарио е дел од проектот V-Charge, на кого што Volkswagen работи веќе четири години. V-Charge е акроним од „Valet Automated Parking and Charging for E-mobility“ и доколку се работи за електрично возило, се грижи и да ги наполни батериите додека истото е паркирано. Полнењето се одвива по пат на индукција, слично како кај електричните четки за заби.

Сопственикот чека неговото возило да се појави на излез од паркиралиштето, по повикувањето преку мобилна апликација
Сопственикот чека неговото возило да се појави на излез од паркиралиштето, по повикувањето преку мобилна апликација

V-Charge е заеднички проект на ЕУ, во кој учествуваат Volkswagen, Bosch и универзитетите Брауншвајг, Парма и Оксфорд, под раководство на Техничкиот универзитет Цирих. Носител на проектот е Golf со погон на струја, опремен со сензорска и камерна техника што е блиска до таа што се користи во сериското производство. Во техничкиот арсенал, покрај широкоаголни камери, две 3D-камери, дванаесет сензори за ултразвук, спаѓа и технологијата Car2X, користена за комуникација со мрежата од полначи за струја и со другите електрични автомобили. Целата оваа техника сочинува мрежа од „сетила“ што му овозможуваат на e-Golf да се движи самостојно.

Стартување преку таблет, мобилен телефон или паметен часовник

Проектот веќе функционира во практика. Електричниот Golf стартува преку апликација на таблет, но може и преку мобилен телефон или паметен часовник. Автомобилот чита како изгледа инфраструктурата на паркиралиштето или на катната гаража и добива информации за патот на движење и за слободните места од дигитална марта со фиксни маркери. Картата се вчитува во надворешен сервер или во возилото. Причината што се користи ваков тип на карти е фактот што сателитската навигација најчесто не функционира во катните гаражи.

Освен преку мобилна апликација, активирањето на паркирањето може да се изврши и преку таблет или паметен часовник
Освен преку мобилна апликација, активирањето на паркирањето може да се изврши и преку таблет или паметен часовник

Електричниот Golf се движи со максимална брзина од 10 километри на час, без возач зад воланот. Возилото самостојно го коригира правецот со помош на информациите од сензорите и камерите, па дури и запира за да го пропушти пешакот на патот или друго возило на паркиралиштето.

Точност на паркирање до сантиметар

Откако ќе се приближи до слободното место за кое што добива информации преку инфраструктурата, возилото се паркира наназад и се мести над станицата за полнење, којашто всушност е индукциска плоча вградена во подот. Кога автомобилот ќе се постави самостојно во правилната позиција со точност до сантиметар, плочата се подигнува кон подот на возилото и почнува полнењето на батериите.

Според техничарите во проектот, V-Charge може да стартува со практична примена веќе во 2020 година, иако системот уште денес е подготвен за тоа. Остануваат да се разрешат само правните рамки, на пример, чива би била вината во случај на оштетување на друго возило и слично. Тоа веројатно ќе остане и последната пречка за револуцијата на автономното возење.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мора да се испроба: Говедски бифтек зготвен на топлина на мотор

Хајнц Холервегер открива детали за Audi R8 LMS: Помалку отпор, повеќе потисок