за

Продажбата на електричниот Nissan Leaf достигна 200.000 примероци

Пред пет години Nissan стартуваше со електричниот модел Leaf, за денес тој да биде најпродаван електричен автомобил во историјата, надминувајќи 200 илјади примероци.

Над две милијарди километри имаат поминато сите продадени примероци од електричниот автомобил Nissan Leaf во последниве пет години. Ова растојание што е еднакво на 2.600 повратни патувања до Месечината е особено значајно затоа што е постигнато без ниту еден грам штетни материи. Во петте години откако стартуваше првата генерација, Nissan Leaf ја има поштедено атмосферата од 348.482 тони јаглероден диоксид.

nissan leaf 200 00004Во јануари ќе биде испорачан и 200.000-от примерок од Nissan Leaf. Околу 90 проценти од продажбата е постигната на пазарите во САД, со 90.000 примероци, Јапонија (50.000) и Европа (40.000). Електричниот Leaf досега има освоено 92 награди, вклучувајќи ги наградите за автомобил на годината во Европа и во Јапонија, но и титулата на светски автомобил на годината.

Искуствата на Nissan со електричните возила датираат од пред 68 години, со тогашниот Tama Electric Vehicle. Оттогаш компанијата води сопствени истражувања и развој на батерии за електрични возила, преоѓајќи ги сите фази во развојот почнувајќи од батериите на база на цинк, преку метал-хидридни, до денешните литиум-јонски батерии. Во 1996 година, Nissan прв стартуваше со литиум-јонски батерии во моделот Prairie Joy. Овие искуства беа искористени како солидна основа за Nissan да оствари голема предност пред конкуренцијата во ова подрачје и да го комерцијализира првиот електричен автомобил од големосериско производство, Nissan Leaf. Јапонската компанија досега има инвестирано над 500 милијарди јени во проекти од електромобилноста.

Паралелно на комерцијализацијата на Leaf, Nissan постави и близу 10.000 брзи полначи за струја за електрични автомобили низ светот, кои овозможуваат батериите да се наполнат до 80 проценти за само половина час. Само во Јапонија се поставени 6.000 вакви полначи.

Новото моделско годиште на Leaf доби батерии со капацитет од 30 киловатчасови, со што досегот се зголеми за 20 проценти. Продажбата на овој модел во Европа ќе стартува во јануари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во потрага по мистериозниот загадувач на македонскиот воздух

Кина ги престигна САД како најголем пазар за електрични возила