за

Продажбата на автомобили во Словенија со двоцифрен пораст

Во Словенија во првите девет месеци од 2015 година се продадоа 45.993 возила или 11,2% повеќе отколку во истиот период лани. Пазарот во оваа земја е во постојан пораст веќе 13 месеци.

Според податоците објавени од здружението на автомобилски производители на Словенија, во досегашните три квартали, во државата се продале 45.993 возила или 11,2 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Пазарот во Словенија започна да заздравува со скромен раст во 2013 година, за во меѓувреме да достигне двоцифрен пораст.

На водечката позиција меѓу најпродаваните модели е Renault Clio, со 2.998 примероци до септември, пред Volkswagen Golf кој заостанува минимално со 2.950 примероци и Volkswagen Polo, со 1.683 примероци. На четвртото место следува уште еден модел од германскиот концерн, Skoda Octavia, со 1.587 возила, а водечката петорка ја заокружува кросоверот Nissan Juke, со 1.424 возила. Најголем пораст бележи Volkswagen Passat, со стапка од дури 212,4% и 1.234 продадени возила, a експлозија во продажбата регистрира и Skoda Fabia, со раст од 176,2 проценти и 1.245 продадени возила. Модели што изгубиле најмногу од продажбата се Skoda Rapid (-31,6%), Hyundai i30 (-21,7%) и Renault Captur (-18,5%).

Suzuki постигна пораст од близу 80 проценти, благодарение на новите Vitara и S-Cross

Меѓу марките, најпродаван е Volkswagen со 7.146 продадени возила, втор е Renault со 6.184 возила, додека трета е групацијата Skoda со 4.151 возила. Марката Opel е четврта (3.429 возила), петти е Ford со 2.760 возила до септември. Од позначајните марки на пазарот, Suzuki бележи раст од 78,2 проценти и 458 продадени возила, но и Mitsubishi има удвојување на продажбата, на 304 примероци.

Експертите го образложуваат големото подобрување на пазарот на автомобили со силната профатна потрошувачка и напредокот на пазарот на работна сила, како и на ниските цени на енергенсите, но тоа што придонесува најмногу е растечкиот извоз, кој е на пат да достигне највисока стапка во последните четири години, како најсилен поддршувач на економијата.

Десетте најпродавани модели во Словенија до септември 2015
  Марка и модел Продажба Промена во %
1 Renault Clio 2.998 18,8
2 Volkswagen Golf 2.950 13,3
3 Volkswagen Polo 1.682 -8,4
4 Skoda Octavia 1.587 -0,9
5 Nissan Juke 1.424 146,8
6 Skoda Fabia 1.254 176,2
7 Volkswagen Passat 1.234 212,4
8 Renault Megane 1.060 19,6
9 Dacia Duster 1.059 35,9
10 Opel Corsa 946 -2,6

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford тестира автономни возила во симулирана градска средина

Роботскиот автомобил на Google запрен поради пребавно возење