за

Претставен новиот Ford Focus RS: Погон на сите тркала и преку 320 КС

Третата генерација на Focus RS доживеа премиера денес на салонот во Женева. Тоа што го нуди RS може да му го обезбеди важниот трон меѓу лутите компакти, останува само уште да се појави времето на Нирбургринг.

Погон на сите тркала со приспособлива распределба на вртежниот момент и преку 320 „турбо“ коњски сили. Тоа се картите што новиот Ford Focus RS ги фрла на маса во вжештената битка за преземање на тронот на најбрз и најдобар спортски компакт. Срцето на RS е 2,3-литарскиот четирицилиндарец со директно впрскување и турбонатполнење од Mustang, за чијашто моќност Ford само наведува дека има „многу повеќе од 320 КС“. На тоа се надоврзуваат можност за избор на четири работни модуси, вклучувајќи и дрифт-модус, премиерно во класата, како и најмоќните сопирачки што Ford досега ги вградил во модел со значката RS.

ford focus rs 9836475Новиот Focus RS е последниот од преку дванаесет спортски модели што концернот ќе ги пушти во продажба на светскиот пазар до 2020 година. Мал тим од избрани инженери од новото одделение Ford Performance е заслужен за триесеттиот модел на Ford со легендарната ознака RS, под којашто имаат дебитирано многубројни пионери во техниката – почнувајќи од Escort RS 1600 со четиривентилец од 1970, од Sierra RS Cosworth со турбонатполнење, којашто во 1985 година привлече внимание и со радикалната аеродинамика, или Escort RS Cosworth од 1992 година со погон на сите тркала.

Првиот Ford Focus RS се појави во 2002 година, со дволитарски турбо-бензинец со 215 КС и стандардно опремен со блокада на диференцијал. Наследникот пристигна во 2009 година, со дури 305 КС на напредната предна оска RevoKnuckle. Последниов модел исто така ќе се произведува во Сарлуис, но ќе биде прв Focus RS што ќе биде достапен на глобалниот пазар. производството стартува во втората половина од годинава.

Врвна управливост со напредниот погон на сите тркала од Ford Performance

Меѓу главните белези на новиот Focus RS спаѓа погонот на сите тркала развиен од тимот на Ford Performance, со динамична распределба на вртежниот момент, заради постигнување врвни возни својства и уживање во возењето. Системот користи два електронски регулирани диференцијали на задната оска. Тие ја контролираат распределбата на вртежниот момент меѓу предната и задната оска, но дополнително можат да ја регулираат распределбата и меѓу двете задни тркала. До 70 проценти од моќта можат да се пренесат назад, пришто целата сила може да се распредели само на едно тркало од задната оска.

ford focus rs 9833475Брзата електроника „размислува“ 100 пати во секунда како да ја распредели силата меѓу оските или лево и десно. Преку сензорите за аголот на тркалата, попречното забрзување и брзината, електрониката може уште на влез во свијок да одреди повеќе вртежен момент за задното тркало од надворешната страна на свијокот, спротивставувајќи се на појавата на подуправување и подобрувајќи ја агилноста и стабилноста. Резултатот е попречно забрзување од преку 1 g, што е способност само на тркачките возила. Подвозјето е поставено неутрално, дозволувајќи контролирано надуправување во екстремниот работен модус, што е рај за вистинските уживатели во спортското возење.

Електронска регулација на амортизерите со специјална програма за тркачка патека

Врвно подвозје секако дека се подразбира кај Ford со значка RS. Во споредба со Focus ST, амортизерите се покрути, зглобовите и лежиштата се зајакнати, а стабилизаторите се подебели. Специјалност на електронски регулираните амортизери е модусот за тркачка патека. Инженерите на „Performance“ псоветија особено внимание и во електричното сервоуправуавње, за уште подиректно чувство и попрецизна повратна информација. На крај, тука се и специјалните гуми развиени заеднички со Michelin. Сериските гуми Pilot Super Sport имаат димензија 235/35 R 19, а постои опција за нарачка и на тркачки „полу-сликови“ Michelin Pilot Sport Cup 2.

Со коефициент 0,35, новиот RS е за шест проценти поаеродинамичен од претходникот, а воедно и челната површина е намалена за девет проценти, што влијае позитивно врз крајната брзина и потрошувачката на гориво.

Четири работни модуси, вклучувајќи тркачки и дрифт модус

Возачот може да избере четири работни модуси со бирачот покрај рачката на менувачот: Нормален, спортски, тркачки и дрифт. Секој од овие модуси влијае различно врз распределбата на моќта на погонот на сите тркала, како и на амортизерите, на онтролата на стабилноста, на сервоуправувањето, на реакцијата на моторот, но и на неговиот звук. Во „дрифт“, вртежниот момент соодветно се распределува меѓу двете оски за да се постигне добро контролирано надуправување.

ford focus rs 9839475Нова функција е „контрола на лансирање“. Откако ќе се активира функцијата преку менито за ракување и ќе се вклучи првиот степен, ќе се даде полн гас и ќе се отпушти спојката, системот се грижи за максимално можно забрзување во зависност од условите на подлогата, со соодветна регулација на вртежниот момент, на турбонатполнењето и на амортизерите. Уште еден специјалитет е „препораката“ за префрлување во повисок степен при оптимални 5.900 вртежи и трепкањето при достигнувањето на максималните 6.800 вртежи – како детал од мотоспортот.

За сопирањето се грижат предни дискови со пречник од 350 милиметри, место 336 кај претходникот, со четириклипни клешти од Brembo, лакирани во сината боја на RS, а по желба и со лого на производителот. Нивното ладење е задача на посебни канали во носот, како и на двојниот тунел во подот и дефлекторите на долните водилки.

Турбо 320 КС од четирицилиндарецот од 2,3 литри од Mustang

Технологијата EcoBoost за првпат се применува во модел RS. Основата доаѓа од 2,3-литарскиот четитрицилиндарец во Mustang, којашто доживеа темелни модификации за Focus RS. За моќноста, Ford само наведува дека изнесува „далеку над 320 КС“. Директното впрскување и варијабилната работа на обете брегасти вратила е дел од „EcoBoost“, на што се надоврзуваат турбополнач „Twin-Scroll“ со намалено триење и масивен интеркулер. За уживателите во „петцилиндарскиот“ звук на претходникот, Ford тврди дека новиот RS исто така располага со внимателно компониран звук на мотор. Мануелниот шестстепен менувач располага со скусени одови и модифицирана механика, за побрза и попрецизна промена на степените.

Мултифункциски ксенонски светла се во стандардниот пакет, со автоматско приспособување на светлосниот сноп според брзината, аголот на тркалата и растојанието од другите возила. Бандажите со препознатлив дизајн на RS се бојадисани во црно и олеснети се за 600 грама. Четири бои се достапни за Focus RS, вклучувајќи четирислојна нитро-сина, покрај стандардните бела, црна и сива.

Зад вратите, Focus RS пречекува со спортски полукожни седишта од Recaro, долу зарамнет спортски волан, алу-педали, посебна форма на рачката на менувачот и специфична арматурна табла, со трите инструменти за притисок на натполнење, за температура и за притисок на масло. Седиштата, воланот, облогите во вратите и патосниците имаат сина опшивка, како спортски акцент. Логото RS го има на седиштата, воланот и на праговите.

Впечатлива историја на моделите RS на Ford

Првиот модел на Ford со знакот RS е Taunus 15 M RS од 1968 година. Како кратенка за „Rallye Sport“, оттогаш знакот се има појавувано и на голем број тркачки возила на Ford, како носители на нови технологии што се имаат докажано на рели и на кружните патеки. Дериватите RS постојано имаат воведувано иновации во погонот и во подфозјето, почнувајќи од легендарниот RS200 од групата Б во рели, со когошто Ford во 1984 година го воведе погонот на сите тркала, за по него да следат Sierra RS Cosworth 4×4 од 1990, Escort RS Cosworth или Escort RS2000 4×4 од 1994 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест: Ford Mondeo 2.0 TDCi Titanium

Женева 2015: Nissan Sway го најавува изгледот на новата Micra