за

Премиера на Volkswagen T6 во Амстердам

Тоа што Golf е меѓу автомобилите, Transporter е меѓу комбињата и доставните возила. На салонот во Амстердам доживеа премиера шестата генерација на големиот Volkswagen.

Чудно е зошто новата генерација на Transporter не доживува премиера во Хановер, кадешто е седиштето на марката доставни возила на Volkswagen, туку токму во Амстердам. Но, причината за тоа им е сосема јасна на познавачите на историјата на овој култен автомобил. Без упорноста на холандскиот трговец со автомобили Бен Пон, „були“, како што го нарекуваат љубителите, воопшто немаше да го доживее светлото на денот. Тој беше меѓу првите трговци што ја продаваа „бубата“ надвор од Германија и во 1947 година ги убедуваше шефовите на Volkswagen, дека на марката ѝ е неопходен втор модел.

Продадени 12 милиони примероци за 65 години

Останатото е историја. Пон на малечок тефтер ги нацрта првите скици за изгледот на практичното комби. Неговата идеја предвидуваше заоблена каросерија, дводелен ветробран и мотор назад. Овие цртежи и белешки постојат до денес и Холанѓаните се горди на ова достигнување. На претставувањето на новиот модел присуствуваше и Фанја Пон, внука на пронаоѓачот на „були“.

Оригиналната скица и белешките од 1947 година на Бен Пон се зачувани до денес
Оригиналната скица и белешките од 1947 година на Бен Пон се зачувани до денес

Во вообичаениот манир на Volkswagen, каросеријата претрпе само малку измени и го следи актуелниот дизајнерски јазик на моделите од патничката програма на марката, но затоа има нови мотори Euro 6, многубројни варијанти, квалитетно изведена кабина и најсовремена комуникациска технологија, заедно со поврзување на интернет и пристап до најразличните услуги што се нудат на мрежата. Во текот на неговата 65-годишна историја, „були“ се има појавено во верзии на фургон и камионет, како минибус за превоз на патници, како луксузна бизнис „лимузина“, семеен автомобил и транспортер за авантуристи, но и како полициско, протипожарно и амбулантно возило. Речиси не постои форма што Transporter ја нема доживеано.

Најсилната моделска верзија располага со 204 КС

Досега се продадени околу 12 милиони примероци од Transporter. Новата генерација располага со истите системи за асистенција како во патничките модели, почнувајќи од систем за препознавање на заморот кај возачот, до самостојно запирање при опасност од судир. Со основниот дизел со 84 КС, Transporter T6 чини околу 23.000 евра на германскиот пазар, додека „автомобилската“ верзија Multivan чини близу 30.000 евра. Најсилната верзија вози со дволитарски дизел со 204 КС.

На почетокот на продажбата ќе биде достапна ексклузивната серија „Generation SIX“, којашто се базира врз Multivan Comfortline и располага со исклучително ниво на опрема, почнувајќи од дополнително затемнети задни стакла, преку диодни предни и задни светла, до хромирани лајсни на каросеријата и во кабината. Посебно за оваа серија се достапни четири комбинации на каросерија во две бои, бандажи од 18 инчи во ретро дизајн и детали во кабината во согласност со каросеријата.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Европејците повторно во автомобилска манија: Пораст во продажбата од 8,6%

Ексклузивна серија на Porsche Panamera за 250.000 евра