за

Пред 125 години е патентиран дизел моторот

Година и пол наназад, дизел скандалот беше главна тема, не само во вестите од автомобилизмот. Моторот што Рудолф Дизел го патентираше пред 125 години не заслужи да биде трајно обележан со таков скандал. Светот повеќе треба да го помни овој мотор како една од најефикасните погонски единици што се пронајдени досега.

Кога Рудолф Кристијан Карл Дизел на 27-ми февруари 1892 година поднесе барање за заштита на правата до Кралската служба за патентирање, за својата „Нова рационална топлинска машина“, моторот беше само во идејна фаза. Требаше да мине уште година и пол за првпат да проработи машината на Германецот родум од Париз. Денес агрегатот не само што е неразделен од автомобилскиот сообраќај, туку се користи и во камионите и бродовите, за локомотиви и контејнерски бродови, па дури и за авиони и за воена механизација. Последново се покажа судбински кобно за славниот изумител.

Основната идеја на Дизел беше да развие мотор што не користи искра за палење доведена однадвор, односно каде што смешата од погонско гориво се пали само под дејство на нејзино компримирање. Експертите беа скептични за оваа генијална идеја. Тие сметаа дека технологијата не располага со материјал што ќе биде способен да го издржи енормниот притисок во моторот. Дизел доби голема подршка од Хајнрих фон Буц, тогашен директор на Maschinenfabrik Augsburg, кој заедно со конструкторот ја прослави работата на прототипот на 10-ти август 1983 година.

Првиот дизел мотор произведен од MAN, некогашен Maschinenfabrik Augsburg

Dizel 125 godini patent 1

Иако освен со техничките проблеми Рудолф Дизел мораше да се соочува и со сомневања околу неговото право врз изумот, вратата за неговиот мотор да се продава на светскиот пазар беше широко отворена. Уште во 1898 година почна лиценцирано производство на мотори во САД и во Швајцарија, за две години подоцна во Лондон да биде основана Diesel Engine Company. Во 1912 година е произведен првиот прекуокеански брод со дизел мотор, исто како и првата локомотива со овој погон.

Постојат сомневања дека кралскиот двор на Вилхелм Втори наредил ликвидација на Рудолф Дизел

Во меѓувреме, во кралска Германија владееше голема омраза додека дизел моторот доживуваше експанзија на светскиот пазар. Соништата за превласт на Вилхелм Втори беа попречени од стравувањето дека моторот што е совршено погоден за примена во воени цели би можел да им падне в раце на потенцијалните противници. Познавачите на историјата се сомневаат дека токму од тие причини кралскиот двор наредил ликвидација на Рудолф Дизел, за време на неговото патување до англискиот Харвич на 29-ти септември 1913 година. Теоријата за наводно самоубиство е неиздржана.

Но, раната смрт на Дизел не го попречи глобалниот успех на моторот наречен според пронаоѓачот. Дизелот се вградуваше уште во подморниците за време на првата светска војна, а првиот камион со дизел датира од 1923 година. Дури 13 години подоцна, моторот најде примена и во сериското производство на патнички автомобили. На меѓународниот салон на автомобили и мотори во Берлин во 1936 година, публиката ја доживеа премиерата на Mercedes-Benz 260 D.

Mercedes-Benz 260D од 1936 година е првиот патнички автомобил со дизел мотор

Dizel 125 godini patent 3

Пробивот на дизелот во автомобилите не се случи веднаш, иако моторот веќе се имаше докажано со штедливоста и издржливоста. Автомобилите со дизел мотор беа бавни и слаби. За лошата репутација придонесе и препознатливиот остар звук на моторот, кој многумина ги потсеќаше на земјоделските машини и на камионите. Не помогна многу и фактот што моторот можеше да работи и со грејно масло, па дури и со маслиново масло или масло од репа.

За тоа време, дизелот напредуваше со рапидно темпо на останатите полиња на мобилноста. Како што растеа транспортни бродови, растеше и потребата од поголеми и посилни мотори. Најголем досега произведен дизел мотор е двотактниот Wärtsilä-Sulzer RTA96-C, со работна зафатнина од 25.480 литри, распределена на 14 цилиндри, со моќност од 109.000 КС. Коленастото вратило се врти со само 102 вртежи во минута, а максималниот вртежен момент изнесува 7,6 милиони њутнметри!

Volkswagen Golf Diesel придонесе за масовна продажба на дизел моторот

Dizel 125 godini patent 5

Контејнерските бродови со мотори високи колку куќа денес се столб на светското стопанство. Моторот на Рудолф Дизел испиша и поглавје во аеронаутиката. На 14-ти август 2004 година, авионот со четири седишта DA-42 Twin Star, развиен од Diamond Aircraft, го прелета Атлантикот со погон од два турбодизел мотори.

Големиот пробив на дизелот кај патничките автомобили се случи дури со присилното полнење на цилиндрите со компримиран воздух под дејство на турбокомпресор. Повторно инженерите на Mercedes го имаа пионерскиот чекор, со 300 SD како прв патнички автомобил со турбодизел мотор. Потоа следеше директното впрскување на горивото, што повлече натамошно зголемување на моќноста. Групацијата Fiat прва ја стави оваа комбинација на тркала, но Audi ја предизвика светската манија со своите TDI-мотори.

Во 2006 година Audi R10 TDI ја постигна првата победа на Леман за болид со дизел мотор

Последните сомнежи во моќноста на согорувачот на нафта паднаа со мотоспортот. Во 2006 година, Audi R10 TDI беше прв тркачки автомобил со дизел мотор што победи на 24 часа Леман. Дванаесетцилиндарецот постигнуваше моќност од 650 КС и вртежен момент од 1.100 њутнметри. Успехот не се должеше толку на надмоќта на моторот, колку на неговата штедливост. Audi не беше многу побрз од конкуренцијата, но мораше да дополнува гориво поретко. Денес дури и спортската марка Porsche вградува дизел мотори, иако поранешниот шеф Венделин Видекинг долго време се противеше на тоа.

Новите генерации дизел мотори мора да поседуваат скапа техника за пречистување на издувните гасови

Dizel 125 godini patent 7

Осознавањето на неопходноста од заштита на животата средина и заострувањето на нормите за издувни гасови фрлија сенка врз генијалниот изум на Рудолф Дизел. Азотните оксиди што произлегуваат при согорувањето условуваат комплициран третман, што значително ги поскапува дизел моторите. Токму овој ценовен притисок беше главната причина за шефовите на Volkswagen да се решат за преземање недозволени мери во своите дизел мотори. Уште е неизвесно колку милијарди отштета ќе мора да плати концернот и какви штети ќе претрпи имиџот на неговите марки. Но, Рудолф Дизел сигурно не заслужи зборот „скандал“ да го придружува неговиот изум, ниту од техничко, ниту од историско гледиште.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes започнува со изградба на фабрика во Русија

Комбито на Dacia добива изведба Stepway