за

По 17 години пауза: Toyota се враќа во светското рели со Yaris WRC

Следната сезона во светското првенство во рели може да ја врати некогашната слава на „калливиот крал на мотоспортот“ со сменетите правила. Но, големи се очекувањата и од враќањето на Toyota во релито и продолжувањето на серијата големи возачки имиња како Канкунен, Саинц и Ориол, коишто ги имаат постигнато своите триумфи токму зад воланот на јапонската марка.

На еден месец пред стартот на следната сезона на светското првенство во рели во Монте Карло, Toyota Gazoo Racing WRC е во завршна подготовка за настанот што тимот го исчекуваше со нетрпение. И не само тимот на Toyota. Цели 17 години, некогашниот ас отсуствуваше од патеките за рели.

„Yaris WRC е добро дизајниран автомобил со неверојатен потенцијал. Новите правила дозволуваат многу поголема слобода при развојот. Иако ни претстои истражување на сите можности, можеме да кажеме дека автомобилот е издржлив и брз. Одвај чекам да ги видам резултатите во услови на трка“

Томи Макинен, шеф на тимот Toyota Gazoo Racing WRC

Yaris WRC е дел од новата генерација тркачи во светското рели, од којашто се очекува да ја врати популарноста на кралот на мотоспортот – во кал и мраз. Моторот од 1,6 литар со директно впрскување и турбонатполнење располага со 380 КС.

Yaris WRC е дело на Том Фаулер, Сајмон Кериер и Мико Руохо

Тоа што возилото изгледа многу поагресивно во споредба со претходните шампионати се должи на сменетите правила коишто даваат поголема слобода во поглед на аеродинамиката. Три големи имиња стојат зад конструирањето, изработката и развојот на Yaris WRC: Том Фаулер, Сајмон Кериер и Мико Руохо.

Две возила Yaris WRC, со Јари-Мати Јатвала и Јухо Ханинен зад воланот, ќе се појават на првата трка од светското рели, на 19-ти јануари во Монте Карло. Како тест возач ќе им се придружи Есапека Лапи, младиот Финец кој годинава го освои шампионатот WRC2.

https://twitter.com/TGR_WRC/status/807267375208923137

Големи имиња во релито се запишани во историјата на Toyota, почнувајќи од Ове Андерсон, кој го основаше рели-тимот на Toyota во 1970-те години, преку Бјорн Валдегард, човекот кој ја катапултираше марката до светска слава во 1980-те, до Карлос Саинц, Јуха Канкунен и Дидие Ориол, кои со Toyota ги освоија шампионатите во возачка конкуренција во 1990-те години.

Непроценлива е улогата на Томи Макинен во новиот тим, возачот кој долги години доминираше во светското рели зад воланот на Mitsubishi и Subaru.

Технички податоци · Yaris WRC

Toyota Yaris WRC

Мотор

  • 4 цилиндри, турбо, директно впрскување
  • Работна зафатнина 1.600cc
  • Моќност над 380 КС
  • Вртежен момент над 425 Nm
  • Пречник / Од: 83,8 mm / 72,5 mm
  • Рестриктор на воздух: 36 mm

Пренос и погон

  • Менувач со 6 степени со хидраулично ракување
  • Погон на сите тркала, 2 x механички диференцијали, активен централен диференцијал со опција за распределба на вртежниот момент.
  • Спојка дволамелна, синтерирана

Подвозје / Суспензија

  • Напред и назад: Мекферсон
  • Управување: Хидраулично, со запчеста летва
  • Сопирачки: На земјена подлога 300 mm со воздушно и водено ладење, на асфалт 370 mm со воздушно и водено ладење

Димензии и тежини

  • Должина / ширина / висина: 4085 mm (со аеро-кит) / 1875 mm / приспособлива
  • Ширина на трага: Приспособлива
  • Меѓуоскино растојание: 2511 mm
  • Најниска тежина: 1190kg

Перформанси

  • Забрзување: Непознато
  • Крајна брзина: 201 km/h (зависно од преносен однос)

[FAG id=26719]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Стаклените кули на Volkswagen лансираат 500 нови автомобили дневно

Електричниот Faraday Future побрз од Ferrari, Tesla и Bentley