за

По Детроит 2015: Америка, земја на неограничени можности – со евтиниот бензин!

Салонот во Детроит по традиција ја отвора сезоната на најважните меѓународни салони во светот. Денес е последниот ден на салонот, по двонеделниот маратон во центарот Кобо.

Американскиот пазар на автомобили, со 17 милиони возила, колку што се очекува да се продадат во текот на 2015 година, останува најважен пазар на светот, секако, покрај кинескиот. Заклучокот останува ист и по овогодишниот салон во Детроит: Автомобилска Америка функционира многу поразлично од останатиот свет.

Центарот Кобо привлече преку 800.000 посетители во рамките на салонот за автомобили NAIAS во Детроит, кадешто американскиот автомобилски свет одржува собири уште од 1907 година. Според тоа, овој салон што се одржува секоја година е привлекува приближно исто толку посетители колку биеналниот салон IAA во Франкфурт. Последното издание на германскиот салон во 2013 година привлече 881.000 посетители.

Значењето на американскиот пазар го потврдија изложувачите со 45 светски и национални премиери. Длабокото поклонување на светската бранша пред американските купувачи доаѓа од срце. Пазарот во САД продолжува со растечка динамика, исто како и целата економија во државата, што претставува значаен сигнал во овие времиња кога кинеската економија бележи најслаба стапка на раст во последните 25 години.

За пет години продажбата порасна за 6 милиони возила

Напредувањето на американската автомобилска индустрија се потврдува со импресивни бројки. Банкарската и економската криза буквално ја закопаa автоиндустријата во земјата во 2009 година. Тогашната продажба падна на 10,4 милиони возила. Во 2013 година бројките пораснаа на 15,582 милиони возила, а во минатата беќе беа постигнати пристојни 16,531 милиони продажни на нови возила. Според пазарните аналитичари, во оваа година во големата земја ќе се продадат 17,11 милиони возила, а веќе во 2018 година се очекува да падне и бројката од 18 милиони продадени возила.

Во време на евтин бензин никој не се интересира за штедлив погон. Ѕвездите на NAIAS 2015 имаат по 550 КС
Во време на евтин бензин никој не се интересира за штедлив погон. Ѕвездите на NAIAS 2015 имаат по 550 КС

Волшебната бројка што стои зад актуелната ситуација на американскиот пазар на автомобили, а со тоа и зад последниот салон во Детроит, гласи: 50 центи. Просечната цена на литар бензин моментно изнесува 50 центи, односно околу 27 денари. Лудилото на евтините горива повторно ја зафати САД, којашто во огромна мера е зависна од увозот на нафта. Новитетите во Детроит по коишто ќе остане во помнење првиот салон во годинава ќе препукнат од силните мотори.

Спортските возила со преку 500 КС ги мамеа ентузијастите на штандовите, како Honda NSX и Ford GT. Како најуспешна марка во Америка, Ford не пропушти да изложи уште два болида со по 500 КС, Mustang Shelby GT и пикапот F-150 Raptor. Во истата класа на моќ вози и Lexus GS-F, со монструмски осумцилиндарец под хаубата.

Новиот праг на моќност на големосериските модели се движи кон 700 КС!

Audi ја одбележа премиерата на втората генерација на големиот теренец, Mercedes грубо го копираше BMW со купе-верзијата на класата М, додека Volkswagen преку студијата Cross Coupe GTE го најави идниот спортски теренец долг пет метри, чијашто премиера ќе следува в година. Моќноста достигна досега недопрени граници во големосериското производство. Corvette Z06 доби мотор V8 со натполнење и 659 КС, додека Cadillac CTS-V го има истиот мотор, само со десет КС помалку.

Евтиното гориво не само што тотално ги потисна возилата од помалите класи, туку и возилата со алтернативен погон. Ford и General Motors потврдија дека забележале огромен пад во интересот за овие возила. Соодветно на тоа, обата производитела ги потстегнаа плановите за производство за 2015 година.

Гамата на најпродаваното возило во САД во последните три децении е крунисана со Ford F-150 Raptor со 500 КС
Гамата на најпродаваното возило во САД во последните три децении е крунисана со Ford F-150 Raptor со 500 КС

Преку неколку статистички податоци се покажува во колкава мера американскиот автомобислки свет се разликува од нашиот. На американските патишта моментно се возат околу 250 милиони возила, од коишто само 130 милиони се патнички автомобили. Купувачите во САД имаат поразличен вкус и потреби. Најпродаваните три возила во статистиката се пикапи. Тие официјално се водат како лесни товарни возила, место како патнички автомобили и поради тоа не мораат да ги задоволуваат строгите безбедносни норми, па соодветно и цената им е значително пониска.

Огромниот пикап на Ford во САД стартува веќе од 22.000 евра

Неприкосновен број 1 во САД е Ford F-150 со 753.851 продадени возила во 2014. Цената на основниот модел изнесува 25.420 долари или 21.819 евра. Следи Chevrolet Silverado со 529.755 возила, пред Dodge Ram со 439.789 возила продадени во минатата година. Најпродаваната класична лимузина се наоѓа дури на четвртото место: Toyota Camry лани се продала во 428.606 примероци.

И неамериканските марки мораат да ги следат навиките на американските купувачи: Nissan Titan
И неамериканските марки мораат да ги следат навиките на американските купувачи: Nissan Titan

Покрај ваквите практики на купувачите, секако дека и другите успешни марки во САД не сакаат да даваат одговари на прашања што во моментов очигледно дека никој не ги поставува, па затоа и го нудат тоа што се бара. Nissan, петта најголема марка на американскиот пазар, ја претстави новата генерација на пикапот Titan, со петлитарски дизел V8 со 310 КС и способност да влече шест тони. Истиот круг на купувачи го цели и Toyota Tacoma, исто така премиера на салонот. Toyota, трета најпродавана марка во САД, го нуди ова моделско име уште од 1964 година.

Врз основа на актуелните ниски цени на суровата нафта не може да се изгради среднорочен, а уште помалку долгорочен енергетски модел. Експертите се единствени во нивните прогнози дека цената на нафтата ќе почне да расте порано или подоцна. Аналитичарите на „волстрит онлајн“ се повикуваат на предвидувањата на „водечките економски организации“ и предвидуваат дека цената на нафтата ќе продолжи да расте во следните 15 до 20 години.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Колку навистина трошат големите теренци: Тест на Auto Bild

Новата измама на Opel: Karl е само скапа верзија на Chevrolet Spark