за ,

Почеста проверка на притисокот во гумите при големи температурни промени

Правилниот притисок во гумите е важен за безбедноста и за економичноста, исто како и за техничката исправност на подвозјето. Кога температурите варираат, не заборавајте да го проверите притисокот во гумите.

Притисокот во гумите е првото што возачот мора да го има на ум секогаш кога седнува во возилото. Правилниот притисок е важен за безбедноста, за штедливоста, но е исто толку важен и за сочувувањето на компонентите на подвозјето. Логично е дека со внимавање на притисокот се продолжува и трајноста на самите гуми. Новите генерации модели стандардно доаѓаат со контрола на притисокот го гумите, односно со предупредување кога сензорите ќе регистрираат пад на притисокот. Тоа е пропишано законски, исто како и контролата на стабилноста. Повеќето возила сепак возат без ова корисно надгледување на притисокот и возачот мора сам да го проверува тоа, особено при поголеми температурни промени.

Следниве совети секогаш се добредојодени кога станува збор за притисокот во пневматиците:

Каде стои податокот?

Правилниот притисок во гумите обично е наведен од внатрешната страна на капакот на резервоарот или на рамката на возачката врата. Возењето со понизок притисок ја зголемува потрошувачката на гориво за околу десет проценти. Тоа значи дека доколку возилото троши 10 литри бензин, при 10.000 километри годишно, дополнителната количина гориво што возилото ќе ја потроши поради неправилниот притисок изнесува околу 100 литри или 6.400 денари. Тоа е веќе значајна ставка. Се проценува дека околу една третина од возилата имаат пренизок притисок во гумите и тоа се однесува како на автомобилите, така и на товарните возила.

Од слабиот притисок се оштетува носечката структура во гумата, се предизвикува прегревање на гумата и се зголемува абењето на самите гуми, но и на компонентите од подвозјето.

Колку често да се проверува?

Притисокот кај патничките автомобили треба да се проверува најмалку еднаш месечно. Во преодниот период меѓу годишните времиња се препорачува проверката да се врши секоја недела. Поголемите температурни промени можат да доведат до намалување на притисокот во гумите.

Кога да се проверува?

Пропишаните вредности за притисокот важат за незагреани гуми. Само десет километри возење е доволно за гумите да се загреат, а со тоа да се зголеми и притисокот во нив, така што при проверката на топло само ќе се отчитаат неточни вредности. Некои возачи дури и го испуштаат воздухот кога ќе добијат повисока вредност на притисокот, мерејќи на топло. Секако дека тоа е катастрофална грешка. Корисно е во возилото секогаш да се наоѓа мерач за притисок, со проверен квалитет и со потврдена точност. Инвестицијата во мерачот во секој случај е помала отколку купување нови гуми. Проверката со удирање со нога во гумата е по малку наивна метода.

Повеќе е подобро

Притисокот во гумите не смее да биде понизок од тој што го пропишува производителот на возилото. Доколку притисокот е за 0,2 бар понизок од пропишаниот, при возење во град се троши за пет проценти повеќе гориво. Половина бар под пропишаниот притисок може да ја зголеми потрошувачката за половина литар на сто километри. Покрај тоа, возењето по автопат претставува голема опасност во тој случај. Наспроти тоа, возењето со притисок за 0,2 до 0,3 бар над пропишаниот не пречи, доколку тоа не се практикува постојано. Превисокиот притисок исто така ги влошува возните својства и предизвикува поголемо и нерамнонерно трошење на гумите. Патот на сопирање е подолг, влечната сила се влошува. При превисок притисок во подолг период, се оштетува и подвозјето.

Бројки што не се занемаруваат

При притисок што е за 20 проценти под пропишаниот, трајноста на гумата се намалува за 25 проценти, додека во случај кога притисокот е за 30 проценти под нормалната вредност, трајноста на гумата се преполовува.

Повеќе притисок при повеќе товар

Кога со натоварено возило се патува на одмор и воопшто кога се совладуваат поголеми растојанија под полната натовареност, потребно е соодветно да се зголеми и притисокот во гумите. Важно е да не се заборави притисокот повторно да се испушти по товарната тура.

Воздухот е сосема доволен

Во сервисните работилници често пати се нуди можност за полнење на гумите со азот или друг гас. Предностите од нивното користење немаат физичка основа и соодветно на тоа никогаш не се докажале во практиката.

Не ги заборавајте капачињата

Капачињата на вентилите не се за украс. Тие дополнително го затвораат вентилот и го штитат од нечистотија. Нивното отсуство може да биде причина за пропуштање на воздухот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

renault captur wave

Renault подготви специјална серија Captur Wave

Kumho со концептен автомобил: Оваа Kia троши 2,5 l/100 km