за

Последниот Volkswagen Phaeton од „стаклената мануфактура“ во Дрезден

По 14 години, од ексклузивните погони во Дрезден излезе последниот примерок од луксузната лимузина на Volkswagen. Phaeton никогаш не успеа да им се спротивстави на Mercedes S-Class & Co., но дали тоа треба да се смета како неуспех?

Околу Volkswagen Phaeton постојат спротивставени мислења. Дали тој е врвот во моделската историја или е можеби најголемиот неуспех на марката од Волфсбург? Нема двоумење единствено околу тоа дека луксузната лимузина на Volkswagen беше врвно инженерско дело. Но во финансиски поглед, Phaeton остана голема празна дупка. Серискиот број на последниот примерок што ја напушти стаклената мануфактура во Дрезден е најдобро сведоштво за тоа. Вработените во фабриката се собраа околу автомобилот со сериски број 84.235. За сите овие 14 години, од Phaeton просечно се произведувале по околу 6.000 примероци годишно.

Phaeton се произведуваше во ексклузивните погони во Дрезден како на „послужавник“
Phaeton се произведуваше во ексклузивните погони во Дрезден како на „послужавник“

Последниот произведен модел поседува 4,2-литарски мотор V8, со 335 КС и погон на сите тркала. Голема пумпа се создаде кога Volkswagen го претстави првиот Phaeton во 2002 година. На отворањето на таканаречената „стаклена мануфактура“ во Дрезден присуствуваше и тогашниот германски премиер Герхард Шредер. Phaeton стана новата државничка лимузина. Но, тоа не му беше од голема помош на луксузниот Volkswagen. Логото на марката изгледаше депласирано на модел од највисоката класа. Покрај тоа, во дизајнот отсуствуваше неопходниот дух на луксузните лимузини. Многумина го гледаа возилото како пренадуван Passat. Стратезите на Volkswagen го сметаа тоа како предност и очекуваа Phaeton да го купуваат луѓе што не сакаат да бидат премногу забележливи во својата скапа лимузина. Но, во луксузната класа, тоа никој не го бара.

Во кабината се нудеше сиот замислив комфор и луксуз, со климатизација без провев и со украсни панели од најблагородно дрво. Најголемата конкуренција за Phaeton сепак доаѓаше од сопствените редови во концернот. Audi A8 веќе беше докажана и прифатена луксузна лимузина во моментот на појавувањето на големиот Phaeton, а во тоа време во концернот влезе и ексклузивната британска марка Bentley. Овие модели ја користеа техниката од Phaeton, а делумно и се произведуваа во фабриката Дрезден, организирана како во најпрестижните марки.

Кинеските купувачи и натаму ќе го имаат Phaeton, во форма на штотуку претставениот Phideon
Кинеските купувачи и натаму ќе го имаат Phaeton, во форма на штотуку претставениот Phideon

Најголемите обожуватели на големиот Volkswagen беа кинеските купувачи. Тие го одржуваа моделот во живот. Во 2010 година следуваше темелно освежување на Phaeton, единствено поради релативниот успех на пазарот во Кина. Лимузината на Volkswagen ќе продолжи да живее на најголемиот пазар за автомобили во светот, во форма на новиот Phideon. Петметарскиот крстосувач има слично име, а и дизајнот ги следи основните црти на Phaeton.

Какви се шансите за некој иден Phaeton на европскиот пазар? Досега се најавуваше дека наследникот на големата лимузина на Volkswagen ќе се појави во 2018 година и ќе се нуди со напреден електричен погон. Неодамна концернот сепак реши да му ги препушти сите карти во електричниот погон на Audi. Според тоа, приказната за Phaeton завршува тука.

Стаклената мануфактура во Дрезден понатаму ќе функционира како ексклузивен центар за испорака на нови автомобили и за претставување на новите тематски подрачја пред публиката, како електромобилноста и дигитализацијата во автомобилската бранша.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Почнува сериското производство на Honda NSX

350.000 фунти за место за паркирање во Лондон