за

Поршето на Џенис Џоплин оди на наддавање во Њујорк

Примерок на Porsche со значајно историско минато ќе се најде на наддавање во Њујорк во средината на декември. Станува збор за автомобилот на Џенис Џоплин, а неговата вредност се проценува на најмалку 400.000 долари.

Во една од нејзините најпознати песни, Џенис Џоплин бара нејзиниот човек да ѝ купи Mercedes-Benz. Во тоа време, музичката легенда веќе долго време се вози во Porsche 356C 1600 Cabriolet. Џоплин го купила белиот Porsche во септември 1968 година за 3.500 долари и го испратила да се прелакира во психоделични тонови кај нејзин пријател. Оттогаш, по каросеријата на кабриолетот летаат пеперутки, расцутуваат цвеќиња и се гледаат портрети од членовите на бендот. Автомобилот често пати бил гледан по улиците на Сан Франциско. Тој бил паркиран и пред хотелот во Холивуд, кога кралицата на рокенролот на 4-ти октомври 1970 година починала од предозирање со хероин.

По смртта на Џоплин, автомобилот останал во семејна сопственост и две децении бил изложен во галеријата на славните во Кливленд. Семејството сега решило да го понуди автомобилот на наддавање. Реномираната аукциска куќа Сотби ќе прима понуди за историскиот автомобил на 10-ти декември, при што се очекува тој да достигне вредност од најмалку 400.000 долари. Но, кога станува збор за автомобили со значајно историско минато, вредноста на наддавањето може да се зголеми и неколкукратно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW G 310 R: Германски мотоцикл со индиска цена

BMW планира продажба на 200.000 мотоцикли до 2020 година