за ,

Половина век на Peugeot 204 Coupe и Cabriolet

Со беспрекорен стил со италијански потпис и револуционерна техника, купето и кабриолетот на база на Peugeot 204 беа меѓу највпечатливите модели во компакт класата во средината на 1960-те години.

Пред 50 години Peugeot ги претстави 204 Coupe и 204 Cabriolet, со револуционерната техника од стандардната лимузина, но и со дизајн со којшто обата модела се издвојуваа во богатата понуда во компакт класата. Peugeot 204 е прв модел на француската марка со преден погон, но во него се кријат многу повеќе иновации од тоа, коишто менаџерите решија да ги премолчат, за тогаш конзервативната клиентела да не се „исплаши“. Подоцна се покажа дека воопшто немало простор за толкава недоверба кон иновациите, затоа што издржливоста и квалитетот на изработка уште од почетокот се издвоија како најсилни атрибути на Peugeot 204.

peugeot 204 coupe cabrio 9

Публиката реагираше одушевено и на дизајнот на „лавчињата“ 204 Coupe и 204 Cabriolet. Лимузината 204, претставена една година пред купето и кабриолетот, ги позајми своите заводливи форми, креирани заеднички со Pininfarina. Кабриолетот во семејството на моделот 204 исто така беше дизајниран кај Италијанците и доживеа деби на салонот во Париз во 1966 година. Конципиран како класичен двосед, кабриолетот беше покус од лимузината за 23 сантиметри. На должина од 3,74 метри, моделот понуди чувство на возење како во родстер, во комбинација со стилски линии и џиновски багажник.

Peugeot 204 Coupe воведе вистинска дизајнерска револуција во класата

Втор дебитант на салонот беше 204 Coupe, со авангарден дизајн, голем капак на багажникот и преклоплива задна клупа. Изгледот на купето со спортско-динамичен стил е дело на тогашниот главен дизајнер на Peugeot, Пол Буво. Медиумите го прогласија купето за важен втемелувач на високата автомобилска мода. Тоа го потврди и жирито во есента 1966, доделувајќи му ја на Peugeot 204 Coupe најважната награда за дизајн во Франција, „Grand Prix de l’Art et de l’Industrie Automobile”.

peugeot 204 coupe cabrio 2

Продажбата врвеше одлично. За три години, од купето се произведоа над 40.000 примероци. Во исто време, кабриолетот кој спојуваше италијански стил и француска префинетост, повеќе успеваше да ги освои женските срца и стана бестселер во сегментот. Со обата модела, Peugeot ги освојуваше ентузијастите коишто не се двоумеа да платат повеќе за автомобил што се издвојува во масата. Така порачуваше и рекламната порака во 1968 година: „Што е брзо, француско и скапо?“ Цената на купето беше за една третина повисока отколку за лимузината со четири врати, но и останатите купеа во класата чинеа исто во тоа време.

Револуцијата во техниката отиде многу подалеку отколку што се откриваше

Купето и кабриолетот на база на Peugeot 204 се издвојуваа и со благородните металик лакови на каросеријата, во темносина, беж и сива боја, како реткост во класата. Секако дека и техниката послужи како добра основа за градење на имиџот на моделите. Peugeot 204 беше мошне напреден за своето време, со преден погон, диск сопирачки напред, како и независно водење на предните и задните тркала. Под хаубата се наоѓаше попречно вграден четирицилиндарец од 1,1 литар, изработен од алуминиумски лив, кој ја пренесуваше силата преку целосно синхронизиран менувач со четири степени.

peugeot 204 coupe cabrio 14

При тежина на кабриолетот од само 845 килограми, моторот со 53 КС немаше проблеми да обезбеди пристојни перформанси, исто како и во купето, со тежина повисока за 30 килограми. Купето и кабриолетот ги докажуваа издржливоста и темпераментот и на многубројни релија и на тркачките патеки. Дури и премиерното возење за печатот се одржа на тркачката патека Монтлери.

Peugeot воведе нов дизајнерски правец со претставувањето на 204, таканаречениот „Syle Maison“. Со него, лавовската марка се издвојуваше како дизајнерска предводница меѓу големосериските производители. Еден од највпечатливите елементи од новиот дизајн беше предната маска, којашто за првпат беше развлечена хоризонтално преку целиот преден дел и беше придружена со препознатлива форма на светлата. Истата форма подоцна ги карактеризираше и моделите Peugeot 504 и 304.

[FAG id=25181]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Научници од Харвард ја претвораат сончевата светлина во гориво

Mercedes со најдобра јулска продажба во историјата