за ,

Со новиот полнач во Скопје, Европа има вкупно 118.131 полначи за електромобили

полнач во скопје, полнач за електрични возила

Македонија се приклучува на електричниот бран. Со новиот полнач во Скопје, во таканаречениот Кинески ѕид, нашата престолнина отсега прикажува четири локации на коишто електричните автомобили можат да ги наполнат батериите. Можеби тоа ќе беше значајно доколку Скопје не е најзагаден град во Европа или доколку воопшто во историјата биле преземени чекори за ублажување на еколошката катаклизма.

Стотици илјади автомобили со дизел мотор коишто не поседуваат филтер за гареж, автопатишта среде станбени населби, сервисни улички претворени во магистрални улици за камиони да фрлат бетон и врз последната тревна површина и пешаци во зашеметена состојба кои се тетерават по половината метар преостанат тротоар. Тоа можеби изгледа како апокалиптична филмска кулиса во којашто треба да прискокне следниот холивидски херој, но е реалност во македонската престолнина. И во секој поголем град во државата.

Пред прогласувањето на стартот на електромобилноста, неопходно е да се постават основите на одржливоста на животната средина во возниот парк и во почитувањето на еколошките норми;  македонските градови се меѓу најзагадените во Европа

Затоа, пак, Скопје има четири станици со полначи за електрични автомобили. Од пред неколку денови, една станица повеќе од претходно. Истата се наоѓа во објектот што историјата почесто го спомнува како „Кинески ѕид“ и претставува огромно достигнување на Македонија во пресрет на електромобилноста, која само што не почнала да го освојува светот.

Полнач во Скопје е исто како рибар на Чернобилско езеро

Мал проблем“, покрај отровниот воздух во Скопје и Македонија при уште незапалени печки, претставува фактот што електричните автомобили, инфрастуктурата за нив, градењето на свеста на граѓаните за одржливоста на животната средина и државната помош за поттикнување на преодот во ерата на електричниот погон, во светот без апатични гласници, функционираат веќе подолго време.

За секоја луксузна лимузина со Еуро 0 увезена во државата во екот на моторизациско-популистичката преродба, во Европа се поставуваше приближно по еден полнач за електрични автомобили. Како што на улиците во Скопје им се додаваше по уште една лента за автомобили и се одземаа по две ленти од зеленилото околу, и како што средината за живеење се претвораше во гладијаторска арена меѓу автомобили и луѓе, така европските градови ги затвораа улиците за возилата со штетна емисија и го враќаа приоритетот на човекот над машината.

полнач во скопје, полнач за електрични возила германија
Вистинската смисла на полначите за струја се постигнува кога енергијата се произведува на одржлив начин, во случајов преку фотоволтаички соларни колектори; Пример: Станица за полнење на Honda во Офенбах, Германија

Додека европските земји во минатата деценија ја доживуваа револуцијата во електричниот погон, да ги достигнат сегашните 715.000 електрични возила и близу 120.000 јавни полначи за струја, нашиот возен парк спадна од 25.000 автомобили стари до две години во 2008 година, на 6.000 „двегодишни“ автомобили во 2015 година, и од 176.000 автомобили стари над 10 години во 2008-та на 305.000 автомобили во оваа старосна категорија во 2015-та. За претставата да биде верна, над 300.000 автомобили во моментов се постари и од 15 години. Повеќе од двојно е зголемен бројот на дизели, показателите за аерозагаденоста „позеленуваат“ единствено во 6.30 часот во првата среда од август.

Некој можеби нема да се воздржи чинот на поставување полнач за струја во услови на густо загадена атмосфера да го именува како дегутантно, но затоа нашата редакција се повика на неколку фундаментални статистички показатели за европската инфрастуктура од полначи за електрични автомобили.

Моментно во Европа функционираат 118.131 јавно достапни полначи за електрични автомобили, односно по одделни типови:

  • 104.656 обични полначи со моќност до 22 kW
  • 3.298 полначи од тип 2 или Mennekes => Конектор според IEC 62196, зарамнет озгора, за полнење батерии на електрични возила, со моќност на полнење меѓу 3 и 70 kW. Стандард утврден од Европската Комисија
  • 4.530 полначи ChaDeMo => Трговска ознака за брзи полначи кои најчесто обезбедуваат до 62,5 kW високонапонска еднонасочна струја преку специјален конектор, предложени како глобален стандард од истоимената асоцијација
  • 3.554 полначи CCS (Combined Charging System) => Комбинирана спојка базирана врз приклучок за наизменична струја од тип 2 (VDE), компатибилен со SAE-стандардите за полнење на еднонасочна струја, со дополнителни пинови кои овозможуваат брзо полнење на еднонасочна струја под 200-450 волти и до 90 kW
  • 2.093 полначи Tesla Supercharger => Наменски брз полнач на еднонасочен напон, со моќност на полнење до 135 kW; овозможува Model S со батерии од 85 kWh да наполни енергија за 270 километри за половина час и да постигне целосна наполнетост за 75 минути

Број на јавно достапни полначи за електрични автомобили по држави

Држава

Број на полначи

Густина на мрежа
(број на возила
по полнач)

Холандија

30493

3

Германија

20295

5

Франција

16129

8

В. Британија

13524

8

Норвешка

9633

15

Шпанија

4547

3

Швајцарија

3869

5

Шведска

3719

10

Австрија

3008

5

Данска

2546

3

Италија

2228

5

Белгија

1651

16

Португалија

1284

4

Ирска

1001

2

Финска

929

4

Чешка

546

3

Словенија

483

1

Словачка

442

1

Естонија

384

3

Полска

329

3

Хрватска

234

1

Унгарија

213

4

Луксембург

212

9

Романија

110

3

Малта

97

1

Турција

76

7

Латвија

72

4

Исланд

51

69

Кипар

36

3

Грција

33

6

Литванија

26

7

Бугарија

22

1

 

Под електрични возила се подразбираат возила со погон на батерии и плагин-хибридни возила, како и возила со погон на водород, односно со горивни ќелии. Според последната статистика за јуни годинава, во Европа се регистрирани вкупно 715.414 електрични возила и 1.762 електрични автобуси. Батериските и плагин-хибридните возила учествуваат приближно со половина во електричниот возен парк.

Далеку од занемарлив е бројот од преку 50.000 доставни возила со батериски погон; Пристапот во центарот во повеќето европски градови е можен единствено со возила со електрифицирана погонска спрега; Голем број држави посебно ги привилегираат фирмите со електричен возен парк

По одделни категории, Европа има регистрирано 16.558 мотоцикли, 23.718 квадрицикли, 360.006 патнички автомобили, 53.914 доставни возила и 1.191 автобуси со батериски погон. Со плагин-хибриден погон возат 355.348 патнички автомобили и 571 автобус.

Топ 10 држави во Европа со најголем возен парк од електрични возила

Вкупен број на регистрирани електрични возила до јуни 2017, вклучувајќи батериски електрични возила и плагин-хибридни возила. Најмногу возила со електричен погон во јули годинава се продадени во Германија (4.211), Норвешка (3.968), Велика Британија (3.499), Франција (1.483) и Белгија (1.179). За еден месец, европскиот возен парк се зголемил за 19.310 електрични возила.

Држава

Регистрирани
електрични
возила

Норвешка

140.752

Холандија

115.210

Велика Британија

111.728

Франција

101.799

Германија

92.731

Шведска

37.594

Белгија

24.705

Швајцарија

19.202

Австрија

14.854

Шпанија

12.103

Прво да се постават основите на одржливоста на животната средина, па потоа да говориме за електричните возила

Електричниот погон сé помасовно ги потиснува конвенционалните мотори со внатрешно согорување на глобално ниво. Поставувањето полначи е само последниот чекор што го заокружува сплетот од предуслови за преоѓање во ерата на електромобилноста. Во Македонија, утнато беше веќе во раните чекори. Место да се продолжи барем со воспоставената динамика на обновување на возниот парк до средината на минатата декада, со возила од основните класи, но нови и со чиста емисија, државата беше „нападната“ од стари и нееколошки автомобили, од коишто Европа сакаше да се спаси по секоја цена. Место да ги претопува и да плаќа скапи пенали за прекумерната емисија на СО2 од железарниците, Европа ги испрати своите загадувачи да ги усреќат билбордираните фигури чијшто домен досега до чешмите и палмите.

Вкупниот број на станици за полнење, инаку, изнесува 118.135, вклучувајќи ги нашите четири.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Renault Koleos Македонија

Новиот Renault Koleos стартува со продажба во Македонија

Opel Ampera-e

Peugeot одбива да го продава електричниот Opel Ampera-e?