за

Пет користени теренци за 5000 евра што заслужуваат препорака

Малку е веројатно дека за пет илјади евра може да се најде теренец на странските пазари на користени возила што вреди за размислување. Според статистиката на дефекти сепак постојат модели што се покажуваат поиздржливи од другите.

Спортските теренци се избор на сé повеќе купувачи, особено по проширувањето на понудата во компактната и градската класа на возила. Но, нивната цена не секогаш се поклопува со тоа што стои на располагање во куќниот буџет. Тоа сепак не значи дека желбата или потребата од поседување спортски теренец мора да останат неисполнети. За пет илјади евра, странските пазари на користени возила нудат неколку модели што според статистиката на дефекти на германското здружение за техничка проверка TUV се издвојуваат од останатите модели во поглед на издржливоста.

Toyota RAV4 · Година на производство меѓу 2000 и 2006

toyota rav4

Втората генерација на пионерот на „софтроудерите“ пристигна со поголема каросерија, но не и со поголема тежина во споредба со претходникот. RAV4 доби и модерен дизел со common-rail. Може да се избира меѓу верзија со преден погон и со погон на сите тркала, како и меѓу каросерија со три и со пет врати, при што вторава е за дваесетина сантиметри подолга. Внатрешноста ја нуди вообичаената приспособливост, со лизгачка задна клупа. По фејслифтот во 2003 година, контролата на стабилноста и осум воздушни перници следуваат како стандардна опрема.

Како и повеќето модели во класата, Toyota RAV4 не е ниту влечна машина, ниту автомобил за тежок терен. Тоа што се добива е комфорно подвозје и добри предни седишта. Потрошувачката на бензинецот со 150 КС се одржува во разумни граници, но секако дека дизелот со 115 КС е прв избор на повеќето купувачи.

Во статистиката на дефекти на TUV се регистрирани случаи на проблеми со пумпата за висок притисок во дизел изведбата на RAV4. Покрај тоа, спојката кај дизелот не е дорасната за влечење тежок товар и се јавуваат прекумерно трошење и оштетувања. Кај бензинецот нема апсолутно никакви проблеми.

Подвозјето не е чувствувително на корозија и на трошење, не протекува масло од моторот или од менувачот, издувниот систем е долготраен. Светлата се почувствителни. Кај најстарите примероци, треба да се провери исправноста на пружините и амортизерите, дејството на сопирачките и истрошеноста на деловите од сопирачките, како и состојбата на издувниот систем. Во сите други подрачја, Toyota се покажува поиздржлива од другите модели со иста старост или километража.

Мала е можноста да се погреши при изборот на RAV4. Оваа генерација на моделот е дури и поробусна отколку наследникот. Единствено треба да се внимава на исправноста на сопирачките.

Honda CR-V · Година на производство меѓу 2001 и 2006

Honda CR-V

Honda го претстави моделот во 2001 година, со бензински дволитарец со 150 КС и дизел од 2,2 литри. Поинтересен е моделот со дизел мотор, особено по преработката во 2004 година. Класичната улога на теренец што се пробива по непристапни терени или влече тежок товар не му прилега на CR-V. Погонот на сите тркала реагира колебливо на несигурна почва, додека максималната тежина на приколка изнесува 1,5 тон. Затоа, Honda се снаоѓа одлично на долги патувања и на терен што не поставува преголеми предизвици.

При изборот треба да се внимава на можните дефекти на турбокомпресорот кај дизел моторот. Проблем може да се појави и во струјното напојување на пумпата за гориво, поради слабите осигурачи или оштетувања на каблите. Во поглед на подвозјето и сопирачките, CR-V е многу поотпорен од повеќето конкурентски модели и тука не треба да се очекуваат проблеми надвор од вообичаеното.

Корозија во издувниот систем или протекување масло од моторот и погонската спрега не се јавуваат, дури и кај примероците што се стари десетина години. Управувањето, дејството на сопирачките и издувниот систем се натпросечно издржливи. Дури и постарите примероци на Honda CR-V се одржани во подобра техничка состојба отколку повеќето други модели. Особено е за пофалба издржливоста на подвозјето, каде што повеќето теренци покажуваат слабост.

Subaru Forester · Година на производство меѓу 2002 и 2008

subaru forester

Во споредба со претходникот, втората генерација на Forester е поелегантна и поугледна. Во средината на моделскиот век, во 2005 година следуваше освежување со нов дизајн на предниот дел и со нов ентериер. Forester се одликува со спортски возни својства и соодветно стегнато подвозје, но притоа сé уште се снаоѓа на терен подобро отколку повеќето конкуренти. Пречка за изборот може да претставува тоа што Subaru е достапен само со бензински мотори. Ентузијастите гледаат поинаку, тие го ценат токму моторот на Subaru, поради боксер-конструкцијата.

Forester нема типични слабости во техниката и се покажува како солиден и издржлив теренски автомобил. Проблеми се јавуваат почесто во корозијата на издувниот лонец. Наспроти тоа, водењето на оските, управувањето и дејството на сопирачките се најсилни страни на Forester, добри се и оцените за функционирањето на светлата и за издржливоста на деловите од сопирачките. Послаба стратна се пружините и амортизерите.

Поради добрите теренски својства, оваа генерација на Forester добива препорака за возачите што почесто го посетуваат теренот, но ја заслужува препораката и поради нискиот процент на дефекти во споредба со конкуренцијата. Пред изборот сепак е од корист да се провери дали користењето на возилото по терен има оставено траги во амортизерите и во пружините.

Suzuki SX4 · Година на производство меѓу 2006 и 2014

suzuki sx4

Кросоверот од унгарско производство се вмешува како кандидат за теренско возило поради експертизата на Suzuki во погонот на сите тркала, но и поради добрата изработка. Кабината е доволно просторна, компактната каросерија е прегледна, дизелот е темпераментен, опремата е комплетна.

За градските возачи стои на располагање верзијата со преден погон, додека на авантуристите им се нуди верзија со погон на сите тркала и зголемено растојание од подлогата. Дизелот од Fiat не се одликува со особено култивирана работа, но затоа е штедлив и обезбедува многу поголема динамика во возењето, наспроти бензинските верзии на моделот.

Како проблем кај дизелот се јавува заситување на филтерот за честички при возење само во градски сообраќај. Регистрирани се и случаи на оштетувања на турбокомпресорот. Верзиите со погон на сите тркала покажуваат поизразено трошење на спојката, а чувствителни се и водилките на тркалата, амортизерите и пружините. Suzuki имаше неколку сервисни повици за отстранување на пропустите со држачите на резервоарот, споевите на управувачката летва, ретровизорите и катализаторот. Продавачот треба да располага со документација за извршените интервенции во овие сервисни повици.

Светлата исто така се чувствителни, а според TUV постојат и случаи на недоволно дејство на сопирачките, вклучувајќи и проблеми со дејството на рачната сопирачка. Затоа пак ретко се јавува протекување масло од моторот, сопирачките водови се исклучително трајни, нема проблеми ниту во издувниот систем.

Кај помладите примероци, стари две до три години е добро да се проверат амортизерите и пружините, кадешто најчесто се јавуваат проблемите. Следни на ред треба да се дејството на сопирачките и протекнувањето масло од моторот и погонот. Состојбата на водењето на тркалата и на управувањето би требало да е повеќе од задоволителна. Следната генерација стара меѓу четири и 5 години има подобри оцени за деловите од сопирачките во споредба со останатите возила од таа класа на старост, исто како и за светлата и издувниот систем.

Просечни оцени добиваат водилките на тркалата, додека дејството на сопирачките и состојбата на пружините и амортизерите е значително под просекот. Најстарата група возила, меѓу шест и седум години, уште добива одлични оцени за деловите од сопирачките, а не заостануваат многу ниту издувниот систем и осветлувањето. Подрачјата на управувањето и протекувањето масло од моторот и погонот се во просекот. Послаби подрачја се водилките на тркалата и дејството на сопирачките, како и пружините и амортизерите.

Suzuki SX4 е автомобил кој станува подобар како што старее. Времето и километрите му влијаат помалку отколку кај другите автомобили. Голема е противвредноста на возилото. При купувањето, прво проверка на предните светала, на рачната сопирачка и поглед на пружините и амортизерите.

Volkswagen Touareg · Година на производство меѓу 2002 и 2010

Volkswagen Touareg

Директниот сродник на Porsche Cayenne и Audi Q7 настапува во највисоката класа во оваа група, но соодветно на тоа и во најстарата категорија достапна за петте илјади евра буџет. Благородната атмосфера во кабината освојува, а достапни се и технички бисери, како пневматска амортизација со висинско местење.

Најтешкиот терен не е несовладлив предизвик за Touareg, исто како и влечењето товар со тежина до 3,5 тони. Петцилиндарскиот и шестцилиндарскиот дизел се прв избор, осумцилиндарецот е достапен во зададената ценовна рамка само во најстарите годишта.

Слаба точка на теренскиот Volkswagen е средишното лежиште на карданското вратило. Кај моторите и механиката на погонот на сите тркала нема посебни проблеми. Единствено треба почесто да се внимава на нивото на масло кај петцилиндарскиот дизел, поради повисоката потрошувачка на масло, а може да откаже и пумпата за гориво. Дефектите во турбокомпресорот или во заптивката на главата на моторот најчесто се резултат на чип-тјунинг. Volkswagen Touareg имаше сервисни повици за паркирната сопирачка и за бравите на безбедносните ремени.

Кај последните годишта се јавуваат слабости во управувањето и во водилките на тркалата. По седмата година се регистрира корозија на помошната рамка. Тоа што е за пофалба кај еден теренски автомобил е издржливоста на управувачкиот механизам и на погонските вратила. Повремено има проблеми со предните светла, а кај поновите модели и со задните светла.

Паркирната сопирачка го зголемува процентот на дефекти кај Touareg. Моделите стари шест и седум години имаат и проблеми со дејството на сопирачките. Наспроти тоа, сопирачките водови и сопирачките дискови обично се во ред. Бројот на возила што имаат проблеми со потрошувачката на масло е двојно повисок од просекот.

Шест и седумгодишните „туарези“ добиваат одлични оцени за издувниот систем, прижините и амортизацијата. Добри се и функционирањето на светлата, послаби оцени има за управувањето, дејството на сопирачките и за деловите од соппирачките. Внимание треба да се посвети на водењето на тркалата и на протекувањето масло од моторот и погонската спрега.

Последново е задолжително кај примероците стари осум и девет години, со околу 150 илјади изминати километри. Сопирачките и управувањето исто така не смее да се пропуштат при проверката.

Во целина, Touareg постигнува натпросечно добри резултати за издржливоста, што е реткост кај големите спортски теренци. Тоа што е необично, постарите модели обично се поиздржливи од примероците од поновите годишта.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault Espace ќе вози за Мајските Оперски Вечери

Мистеријата на Mitsubishi Outlander што се претвори во подвижен пчеларник