за

Петцилиндарецот на Audi го прославува 40-от роденден

Пред четири децении Audi го вгради првиот петцилиндарски мотор во тогашниот Audi 100. Со времето моторот доби турбо, четиривентилска техника, возеше на рели, а послужи и како основа за дизел. Денес 2.5 TFSI работи во Audi RS3 и во TT RS, продолжувајќи ја традицијата.

Петцилиндарците на Audi уживаат голема почит кај познавачите, уште од времето кога Quattro владееше во светското рели. Предности имаше и во цивилното секојдневие, особено во поглед на издржливоста и во штедливоста. Секако и препознатливиот звук на петте цилиндри одигра голема улога во градењето на имиџот.

Првиот петцилинидарец проработе во 1976 година во Audi 100 од втората генерација. Шефовите на марката сакаа да го позиционираат новиот модел повисоко во споредба со претходникот, меѓу другото и со вградување мотори со пет или шест цилиндри. Инженерите се откажаа од опцијата за шест цилиндри поради неповолната распределба на тежината и потребата од многу простор.

Audi 100 GLS 5E (C2), 1979

Петцилиндарецот беше развиен врз основа на тогаш уште младиот EA 827, вградуван во целиот концерн Volkswagen, вклучувајќи ги Audi 80 и Audi 100. Моторот со зафатнина од 2,1 литри располагаше со 136 КС при 5.700 вртежи и 185 њутнметри при 4.200 вртежи. Модерен систем за впрскување на горивото придонесуваше за штедливост и рамномерно ослободување на моќноста. Првите примероци од Audi 100 5E беа испорачани во март 1977.

Два екстреми на петцилиндарецот: Дизел со 70 КС и турбо-бензинец со 170 КС

Веќе во следната година следеше првиот дизел, со зафатнина од два литри и 70 КС, за во 1979 година да дебитира и првиот бензинец со турбонатполнење. Со 170 КС и вртежен момент од 265 њутнметри, овој мотор се вградуваше во новиот топ-модел Audi 200 5T.

Audi quattro (B2), 1980 (Салон во Женева)

Кулминација на петцилиндарскиот мотор беше Audi Quattro од 1980 година. Со турбонатполнење, 200 КС, интеркулер и постојан погон на сите тркала, Quattro беше одлично подготвен и за трки и за амбициозни спортски возачи. Во 1983 година Финецот Хану Микола го освои светскиот шампионат во рели. Истата година Audi го претстави Sport quattro, покус за 24 сантиметри и со проширена трага, со нов четиривентилски мотор од алуминиум и моќност од 306 КС. Тоа беше најсилниот германски автомобил достапен за возење во јавен сообраќај.

Секако дека и легендарниот Sport quattro возеше со петцилиндарец

Sport quattro послужи како основа за легендарниот рели автомобил од групата Б, со 450 КС. Тој стартуваше на претпоследната трка во 1984 година, на релито на Брегот на слоновата коска. Швеѓанецот Стиг Бломквист на следните единаесет трки возеше Audi quattro A2 од групата Б, со 360 КС, освојувајќи ја возачката титула и титулата за Audi. По повлекувањето на Audi во 1986 година следеше уште еден спектакл: Валтер Рерл во 1987 година победи на Пајкс Пик со Audi Sport quattro S1, со 598 КС.

Audi 100 TDI (C3), 1990

За салонот во Франкфурт во 1989 година Audi приготви големо изненадување. Audi 100 TDI како прв сериски автомобил со петцилиндарски турбодизел со директно впрскување и комплетно електронска контрола на моторот. Моторот од 2,5 литри располагаше со 120 КС. Во меѓувреме се прошири и понудата од бензинци со пет цилиндри. Во 1994 година пристигна Audi RS 2 со 315 КС, којшто со комби-каросеријата основаше нов потсегмент меѓу спортските автомобили.

Средната класа ги изгуби петцилиндарците со пристигањето на Audi A4 од генерацијата B5 во 1994 година. Нови мотори V6 постепено ги заменуваа петцилиндарците. Последните од оваа сорта, 2.5 TDI во Audi A6 и 2.3 Turbo во Audi S6, заминаа во 1997 година.

Камбек за триесетгодишнината од првиот мотор со пет цилиндри во Audi TT RS

Големиот камбек се случи во 2009 година, со турбонатполнење и директно впрскување на горивото во Audi TT TS. Спортското одделение quattro GmbH извлече 340 КС од попречно вградениот мотор od 2,5 литри. Истиот мотор подоцна им донесе врвни перформанси и на

RS 3 Sportback и на RS Q3. Во 2012 година се појави и TT RS plus, со 360 КС. Петцилиндарецот денес достигнува 400 КС во Audi TT RS. Меѓународното експертско жири седумпати по ред го прогласува 2.5 TSI за мотор на годината во неговата категорија.

[FAG id=25322]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot ќе претстави 26 нови модели до 2019 година: Теренци на местото на вановите

Lada распали со новитети на салонот во Москва