за

Педесетгодишнина на култната Skoda што го привлече вниманието на Западот

Пред половина век Skoda го претстави елегантниот модел со две врати 1000 MBX. Моделот се произведе во само 2.517 примероци и наидува на голем интерес меѓу колекционерите на олдтајмери.

Skoda 1000 MBX De Luxe го одбележува 50-от роденден. Во март 1966 година, елегантната лимузина со две врати дебитираше на салонот во Женева. Сериското производство стартуваше веќе во октомври истата година и во тоа време MBX ги поставуваше врвните стандарди во класата на мотори со зафатнина до 1,0 литар.

SKODA 1000 MBXЛегендарниот модел беше круна на успехот на првиот големосериски модел на Skoda, на лимузината 1000 MB, и со тоа претставува важен дел од историјата на чешката марка. Токму во средината на 1960-те години, Skoda значително го зголеми производството, применувајќи во тоа време напредни технологии, како лиење под притисок на блокот на моторот и на куќиштето на менувачот.

Основата за MBX потекнуваше од големосериската лимузина Skoda 1000 MB, којашто се издвојуваше во конкуренцијата со модерната самоносечка каросерија, со моторот назад и со погонот на задните тркала. Посебно за производство на овој модел беше изградена комплетно нова фабрика, во непосредна близина на постоечките објекти. Целата фабрика се простираше на површина од 80 хектари, со повеќе од 40 фабрички хали и помошни објекти.

SKODA 1000 MBXИсторијата на лимузината со две врати MBX почнува во 1960 година, кога беа изработени два прототипа под името Skoda 990 Tudor. Дизајнот на каросеријата беше препознатлив по наназад закосените задни столбови кои се претопуваа во заобленото стакло, како и по вратите без прозорска рамка. На тој начин се постигнуваше многу подобро просторно чувство во кабината и подобра прегледност за возачот, а можеше и да се ужива во свеж воздух, затоа што и задните стакла се спуштаа.

Skoda 1000 MBX De Luxe доживеа премиера на 10-ти март 1966 година на салонот во Женева. На публиката особено ѝ се допаѓаше просторното чувство во кабината, поради отсуството на широки средни столбови. Меѓу прозорците имаше само тенка водечка шина за спуштање на задните прозорци.

Но, и техниката располагаше со неколку иновативни идеи. Skoda 1000 MB е прв модел од европска продукција со глава на мотор изработена од алуминиум со леење под притисок. Истата технологија се користеше и за куќиштето на четиристепениот менувач. Оваа постапка беше изум на чешкиот инженер Јозеф Полак, патентирана уште во 1922 година. Нејзината главна предност беше во скусувањето на времето на производство.

Skoda 1000 MBX беше задвижувана од четирицилиндарски бензинец од 988 сантиметри кубни со моќност од 52 КС при 5.000 вртежи. Со тежина од 815 килограми, MBX постигнуваше крајна брзина од 127 km/h, а потрошувачката на гориво изнесуваше меѓу 7,8 и 8,0 литри на сто километри. За напојување со гориво беа задолжени два кабуратора Jukov. Поради тоа што лимузината со две врати се изработуваше рачно и долготрајно, за нејзиното производство беше издвоен посебен простор во фабриката во Млада Болеслава. Последните дванаесет примероци од серијата од 1.403 возила од моделската изведба 1000 MBX ја напуштија фабричката хала во почетокот на 1968 година.

SKODA 1000 MBXВеќе во ноември следната година, Чесите ја понудија верзијата 1100 MBX De Luxe. Работната зафатнина на моторот беше зголемена на 1.107 ccm, додека моќноста остана непроменета. Поголемата динамика во возењето на овој модел произлегуваше од повисокиот вртежен момент, со вредност од 81,4 њутнметри, наспроти 75,7 њутнметри на стандардниот модел. Беа извршени и неколку модификации, со вградување помоќна пумпа за масло и поефикасно ладење на моторот. Оваа верзија на лимузината со две врати се произведе во 1.114 примероци до 1969 година, со што целата серија достигна 2.517 примероци. Иако тоа е незначителна бројка во споредба со масовното производство на класичната лимузина со четири врати 1000 MB, со 443.156 примероци, оваа верзија придонесе за значително зголемување на популарноста на марката на странските пазари.

Колекционерите посебно го ценат овој модел, чијашто вредност на пазарот на олдтајмери расте постојано. Но, 1000 MBX беше само вовед за тоа што следеше веќе една година подоцна, со претставувањето на спортското купе Skoda 110 R.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche ја откажа соработката со Шарапова по допинг-скандалот

Џејмс Бонд ќе вози автомобил со погон на батерии?