за

Патот на бесот: Ова е возниот парк на Лудиот Макс

Светот го очекува нова филмска апокалипса. Во кината почнува да се прикажува четвртиот дел од акциониот серијал „Лудиот Макс“. Секако дека соодветни автомобилски креации не смеат да отсуствуваат.

Макс Рокатански се врати. Во кината стартува четвртиот дел од бескрајниот еп „Лудиот Макс“. Одметнатиот полицаец повторно се соочува со светот по апокалипсата и се бори за преживување и за бензин. Автомобилите се единственото што им преостанало на луѓето во филмот. Поимот автомобил треба да се прифати со голема резерва, затоа што во „Лудиот Макс: Патот на бесот“ всушност станува збор за монструми коишто имаат вградено мотор во себе.

Продуцентите ја ветуваат највозбудливата автомобилска бркотница на големото платно

Исто како во претходните филмови, Лудиот Макс повторно е со својот „Interceptor“, којшто некаде длабоко во основата е Ford XB Falcon Coupe од 1973 година. Во споредба со возилата на неговите противници, неговиот Interceptor повеќе изгледа како возило за обука. Во возниот парк на бесните се наоѓа на пример „Миротворецот“, односно преправен Chrysler Valiant, со гасеници место тркала. Уште повпечатлив е „Гигакоњот“, составен од два Cadillac DeVille Coupe од 1959 година, заварени еден врз друг, со огромни тракторски гуми и двојни издувни цевки дебели колку канализациска цевка. Стравопочит побудува и „Doof Wagon“, кој во неговата првобитна форма бил камион MAN со четири оски, а сега е во функција на борбен тапанар.

За кастингот на автомобилите беше задолжен продукцискиот дизајнер Колин Гибсон. Причината зошто во филмот се среќаваат само преправени олдтајмери е многу разбирлива. За еден автомобил да издржи во војна, потребно е тој да биде изработен од чврст челик, а не како денешните од карбон или алуминиум. Покрај тоа, овие автомобили се поправаат со хебла и чекан, а не со лаптоп. Некако се чини дека продуцентите во овој поглед алудираат на многу помладиот серијал „Брзи и бесни“.

Том Харди е новиот Макс Рокатански

Филмот ја раскажува одисејата на Лудиот Макс низ пустината, кадешто ги среќава бегалците од тиранот Имортан Џо и им се придружува во патешествието. Имортан е во потрага по бегалците и ги пушта своите борци против нив, снабдени со возила наоружани до покрив. Автомобилите и мотоциклите беа во центарот на збиднувањата уште во првиот филм од 1979 година. Мел Гибсон стекна меѓународна кариера со главната улога во овој филм. Гибсон се појавуваше и во двете продолженија во 1981 и 1985 година. Во новиот филм, во насловната улога на Лудиот Макс за првпат ќе се најде англискиот актер Том Харди. Неговото премиерно појавување како Лудиот Макс сигурно нема да биде лесна задача покрај славниот претходник, но исто така и покрај Миротворецот, Гигакоњот и сличните на нив.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хибридите на Toyota испорачуваат струја во Јелоустоун

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед не ги сакаат подарените Шевролети