за

Париз со 30 километри на час против загадувањето и застоите

На една третина од територијата на Париз ќе се вози најмногу со 30 km/h. Тоа го предлага градоначалничката Ан Хидалго, за светската метропола да ги намали загаденоста и застоите.

Ајфеловата кула, Монмартр и базиликата Сакре кер се гледаат сé помалку. Најпознатите знаменитости на Париз се сокриени зад темни облаци од автомобилски издув, индустриски смог и густи испарувања од греењето на објектите. Градоначалничката Ан Хидалго планира со драстични мерки да се бори против загаденоста на воздухот. Во рамките на нејзината борба „Анти-Полуција“, таа посегна прво по сообраќајот. Намерата е да се забави сообраќајот по улиците. До крајот на годината, зоните со дозволена брзина до 30 километри на час ќе покријат повеќе од една третина од територијата на градот. Станува збор за патишта и булевари во должина од 88 километри. Понатаму, до 2020 година, брзинското ограничување ќе се воведе во целото централно подрачје на Париз. „На тој начин ќе се релаксира јавниот простор, улиците ќе станат побезбедни и ќе се намали бучавата од сообраќајот,“ објаснува Хидалго.

На Периферик веќе две години се вози со 70 km/h

Париската градоначалничка го опфаќа јадрото околу Триумфалната порта и булеварот Сен Жермен, за потоа да следат популарните квартови во источниот дел од градот. Програмата ќе се надополни со проширување на „зоните за средба“ околу Нотр Дам и Сен Луи, односно токму на најраздвижените улици и на местата кадешто пешаците имаат предимство и возачите мораат да почитуваат брзинско ограничување на 20 километри на час. Брзината ќе се ограничи повторно на париската обиколница. Таму веќе две години важи брзинско ограничување на 70 километри на час, со што значително се намали бројот на застои на „периферик“ – според официјалните мерења, нивниот број е намален за дури 36 проценти.

[pull_quote_center]Разликата во брзината меѓу метропола со дозволена брзина до 50 km/h и град во којшто претежно важат зони со темпо 30 изнесува само 1,5 километар на час.
Кристоф Најдовски, заменик градоначалник задолжен за сообраќај[/pull_quote_center]

Дебатата во моментов се води околу прашањето дали намалувањето на брзината ќе придонесе за намалување на загаденоста на воздухот. Државната агенција за животна средина во студијата од 2011 година дојде до заклучок дека квалитетот на воздухот зависи од најразлични фактори, но тој првенствено е поврзан со сообраќајниот проток. Европските метрополи сепак продолжуваат да експериментираат со концептот на ограничување на брзината и во 20 француски градови веќе се воведени слични ограничувања.

Парижаните не се одушевени од идејата за ограничување на брзината на 30 km/h. Дневникот „Ле Паризиен“ ги коментираше плановите на градоначалничката со „автомобилот повеќе не е добредојден“, истовремено повикувајќи се и на идната забрана за автомобили со дизел мотор, како и на амбициозниот план за проширување на пешачките зони.

Просечна брзина од 15,9 километри на час на годишно ниво

Во реалноста, бавното возење веќе долго време е секојдневие во француската престолнина и тоа не само во 20-те проценти од улиците во коишто важи брзинско ограничување на 20 километри на час. Сообраќајот во Париз постигнува просечна брзина од 15,9 километри на час на годишно ниво.

„Ако сакаме Париз да зачекори во 21-от век, непотребно е центарот да се ослободува од транзитниот сообраќај“, оценува заменик градоначалникот Кристоф Најдовски, одговорен за сообраќајот. „Париз во 20-от век беше конципиран околу шемата ‘прво автомобилот’, како проект од 1960-те години.“ Разликата во брзината меѓу метропола со дозволена брзина до 50 km/h и град во којшто претежно важат зони со темпо 30 изнесува само 1,5 километар на час. Како голем поклоник на возењето велосипед, Најдовски заклучува: „За да се движиш низ Париз, автомобил воопшто не е потребен.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Каков избор на користено возило е Toyota Avensis

Германски супермаркет бесплатно ги полни електромобилите на клиентите