Домашна стартап-компанија основана од докажани експертски имиња веќе е пред фаза на производство на својот изум кој применува алгоритам во регулирањето на брзината на сообраќајот. Smart Bumps се паметни лежечки полицајци кои реагираат единствено на возилата што ја пречекоруваат брзината.
Многу работи што отпрвин ни пречеле престануваме да ги забележуваме откако ќе навикнеме на нив. Поточно, откако ќе отрпнеме. Но, некои луѓе не остануваат рамнодушни и попрво ќе бараат решение за надминување на пречката, отколку да му препуштат на времето да им го истренира разумот. Smart Bumps е проект на такви луѓе, македонски експерти од подрачјето на електрониката, електриката и машинството, кои развија „лежечки полицаец“ со алгоритам што ги разликува пребрзите возила од оние што ја почитуваат дозволената брзина.
Со Smart Bumps, јавноста можеше да се сретне првпат на саемот Техноинвент во Скопје, во октомври 2016 година, откако компанијата претходно го привлече вниманието на Саемот за пронајдоци во Белград и освои златен медал за својот изум. Потоа, тимот на Smart Bumps ја претстави својата идеја за паметни лежечки полицајци и на Меѓународната Конференција за безбедност во сообраќајот во Скопје.
Без непријатност при минување преку паметни лежечки полицајци Smart Bumps – за „добрите возачи“
Колку изумите се поедноставни за разбирање, толку е поголема генијалноста во нив. Кога возачот ја почитува дозволената брзина, возилото минува речиси незабележливо преку Smart Bumps. Доколку брзината го пречекорува ограничувањето, паметниот лежечки полицаец реагира со вообичаената „казна“, протресувајќи го возилото. „Непријатноста што ја доживуваме при минување преку лежечките полицајци е сосем непотребна – за ’добрите’ возачи. Од таа причина си ја поставивме нашата цел, целосно да ги редизајнираме лежечките полицајци, по 110 години откако првиот лежечки полицаец бил поставен во Четнем, Њу Џерси, во 1906 година,“ објаснуваат од компанијата.
Видеата на коишто е прикажано дејствувањето на паметни лежечки полицајци Smart Bumps може да се погледнат на вебсајтот на компанијата
Во светот постојат најразлични обиди за надградување на идејата за ограничување на брзината со лежечки полицајци, во кои што се применува цела армада од технологии и техники за да се разликуваат „добрите“ и „лошите“ возачи: Видео камери, радари, сензори, сервомотори… Премногу комплицирано и неизводливо во практика. Сето тоа е надминато во Smart Bumps. Македонските експерти комбинираат врвен машински инженеринг со врвен електронски и софтверски инженеринг.
Покрај вообичаената функција, Smart Bumps може да дозволи возилата на службите за брза интервенција да минат со повисока брзина, а исто така дозволува и брзинското ограничување да се менува во текот на денот, според потребите и условите.
Тестирањето во реални услови на сообраќај во една скопска населба покажа одлични резултати
Тимот составен од докажани машински и електроинженери веќе има изработено повеќе прототипи, со цел да се тестираат крајните граници на издржливост на системот и да се воведат подобрувања. Еден од прототипите беше успешно тестиран во реални услови на сообраќај во една скопска населба.
Примената на Smart Bumps носи уште една значајна придобивка, којашто оди во прилог на заштитата на животната средина, односно намалувањето на емисијата на штетни материи од возилата. При почитување на дозволената брзина, возилата не мораат да запираат пред секој лежечки полицаец и потоа да забрзуваат, што секако се рефлектира во потрошувачката на гориво.
Возилата не мораат да сопираат и да забрзуваат, потрошувачката и емисијата на штетни материи се намалуваат
Експериментите имаат докажано дека минувањето преку класичен лежечки полицаец во просек ја зголемува емисијата на јаглерод диоксид за 5 грами. Лежечките полицајци најчесто се поставуваат во станбените населби, така што нивната замена со Smart Bumps, на жителите ќе им донесе и почист воздух и потивок сообраќај. Сето тоа Smart Bumps го постигнуваат без напуштање на суштината на „брзинските граничници“, на безбедноста во сообраќајот.
Системот во меѓувреме е патентиран, работата продолжува во наоѓање соодветна партнерска мрежа којашто што ќе го внесе Smart Bumps во производство на првата серија. Планот е првата серија паметни лежечки полицајци да се користи во тек на неколку месеци во комерцијален објект. Стекнатите искуства понатаму ќе послужат за демонстрација пред идните корисници, а на крајот и до целосно производство и примена на Smart Bumps на улиците.