за

Олдтајмерите на Maserati стануваат вредна инвестиција

Ентузијастите што можат да си дозволат инвестиција во олдтајмер обично посегнуваат по Mercedes 300 SL. Но, во меѓувреме и класичните модели на Maserati почнаа да добиваат многу на вредност.

Старите модели на Maserati станаа вредна инвестиција. Во последните десет години, класичните модели на луксузната спортска марка поскапеа енормно. Најголем раст на вредноста е забележан кај кабриолет изведбата на Maserati 3500 GT, за когошто аналитичарите на Classic Data пресметаа зголемување од дури 422 проценти. Моделот Spyder што се произведуваше во Carrozzeria Vignale во периодот од 1957 до 1966 година, пред десет години чинеше околу 70.000 евра за добро сочуван примерок, а денес истиот вреди преку 360.000 евра.

Стандардната купе изведба на 3500 GT исто така доби на вредност. Купето во 2004 година чинеше 43.000 евра, а денес се проценува на 130.000 евра. Меѓу најценетите модели според експертите за олдтајмери спаѓа Maserati Ghibli, моделот што носи име на ветар во Сахара. Овој спортски модел произведуван од 1966 до 1972 година, во своето време се вбројуваше меѓу најбрзите сериски модели. Во 2004 година, нереставриран Ghibli 4700 Coupe се ценеше на вредност од 43.500 евра, додека денешната вредност му изнесува близу 100.000 евра, што претставува раст од 130 проценти. Според Classic Data, вредноста на овој модел ќе продолжи да расте.

Најскапи се верзиите Spyder од овој модел, од коишто се произведени само 125 примероци. На наддавањето во февруари, примерок од Ghibli Spyder се продаде за 749.000 евра. Тоа е највисока цена што досега ја постигнал модел на Maserati.

На љубителите со помал буџет им е достапен моделот Biturbo когошто Италијанците го произведуваа од 1981 до 1986 година. Каталошката вредност на моделот се намали во последните неколку години и моментно изнесува околу 9.000 евра, секако за добро сочуван примерок.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Каква еколошка свест градат автомобилските марки во Македонија?

Видео: Најбрзиот Seat во историјата во екстремен симулатор