за

Олдтајмерите во Германија во подобра состојба и од поновите автомобили

Германското здружение за техничка контрола повторно беше активно и овојпат ги стави под лупа олдтајмерите. Зачудува тоа што возилата постари од 30 години се во подобра состојба и од некои многу понови автомобили.

Епитетот „авто-нација“, Германците го заслужуваат меѓу другото и со нивната наклонетост да ги одржуваат олдтајмерите во совршена состојба. И да ги возат, секако. Здружението за техничка контрола изработе статистичка анализа, со цел да утврди во каква состојба се германските олдтајмери и кои модели предводат во одбивањето да му се покорат на товарот на годините. Меѓу олдтајмерите што се регистрирани како историски возила и се постари од 30 години, со таблички „H“ кои се добиваат по специјална експертиза, најбројна е „бубата“ на Volkswagen, со над 30.000 примероци. Кај марките, сосема очекувано предводи Mercedes. Половината од олдтајмерите во Германија возат под знакот на сребрената ѕвезда.

Здружението ја анализираше техничката состојба на овие олдтајмери. Најмалку дефекти меѓу десетте најзастапени историски возила има Mercedes SL од генерацијата W 113, произведувана меѓу 1963 и 1971 година. Дури 61,9 проценти од примероците од овој модел го поминуваат строгиот технички преглед без какви било дефекти. Со минимален заостаток, по него следи Porsche 911/912 со 61,2 проценти од возилата во совршена техничка состојба, додека третото место, со 60,7 проценти, му припаѓа на моделот на Mercedes познат како „репаш“, од генерациите W 110, W 111 и W 112, произведувани меѓу 1959 и 1968 година.

Процент на возила без дефекти, со мали или значајни дефекти кај најпопуларните 10 олдтајмери во Германија
Процент на возила без дефекти, со мали или значајни дефекти кај најпопуларните 10 олдтајмери во Германија

По водечката тројка, следи уште еден модел на Mercedes, родстерот и купето од генерацијата R 107 / C 107, по него е комбито Volkswagen Typ 2 (Bulli), па „бубата“ на петтото место, пред Mercedes W 116 и Mercedes/8. Последните две места меѓу најпопуларните десет олдтајмери во Германија им припаѓаат на Opel Kadett и Mercedes W 123.

Сепак се покажува и другата страна на медалот. Кај W 123, која и натаму важи како една од најиздржливите лимузини во историјата, експертите утврдиле дека 54 проценти од возилата имаат технички дефект, додека овој удел кај Opel Kadett изнесува 52,4 проценти. Најчести технички недостатоци се утврдуваат во протекувањето масло, во неисправниот издувен систем и надминувањето на дозволената количина на штетни материи во издувот. Во овие категории, најслабо минуваат „бубата“ и Mercedes W 123. Сосема очекувано, на листата на технички недостатоци следат слабо осветлување и проблеми со електриката, како и слабо дејствување и дефект на системот за сопирање.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Појавени првите цртежи од идната генерација на Suzuki Swift

Британска фирма ветува водороден автомобил по цена на обичен