за

Од мотоцикл до 40-тонски влекач: Кој сопира најдобро?

Клубот АДАК повторно има интересна споредба. Повеќе категории возила се докажуваа која ќе има најкус пат на сопирање на тестот, почнувајќи од мотоцикл па сé до влекач под полно оптоварување.

Налетувањето во возило одзади се вбројува меѓу најчестите видови сообраќајни незгоди. Причината за незгодите најчесто е недоволното растојание меѓу возилата. Возачите често пати погрешно ја проценуваат ефикасноста на сопирачките на другите возила. Најголемиот европски клуб на возачи АДАК за таа цел ја спореди ефикасноста на сопирачките на возила од неколку различни категории. Победникот е патнички автомобил, по него следат возило со приколка за кампување, мотоцикл, доставно комби и моторхоум. На последното место очекувано се најде 40-тонски влекач со полуприколка.

Техничарите на АДАК избраа две возила како претставници на категоријата патнички автомобили – компактот Volkswagen Golf и теренецот од средна класа BMW X3. Мотоциклите ги претставуваше BMW 1200 GS, влечната композиција се состоеше од BMW X3 и приколка за кампување Hymer Carado, од моторхоумите беше избран Dethleffs Golbebus T4. Од категоријата на доставни комбиња стартуваше Mercedes Sprinter, додека камионот беше DAF XF. Сите возила на тестот беа натоварени до максималната дозволена тежина и мораа со максимално оптоварување на сопирачките за запрат во место од брзина од 80 киломтри на час.

40-тонскиот камион запира 11 метри по компактниот автомобил

Како што се очекуваше, влечната композиција од возило со приколка за кампување, со пат на сопирање од 25,2 метри запираше подолго од Golf и од BMW X3, чии вредности изнесуваа 23,2, односно 23,5 метри. Изненадува тоа што влечната композиција беше подобра од мотоциклот, кој запра по дури 25,3 метри. Значително се послаби резултатите на доставното комби и моторхоумот, со вредности од 28,0 и 29,8 метри. Иако влекачот со полуприколка е последен во оваа споредба, техничарите на АДАК го оценија неговиот пат на сопирање од 36,2 метри мошне позитивно. Во споредба со сите други возила, чија што максимална дозволена тежина изнесува 3,5 тони, камионот тежи преку 11 пати повеќе. Покрај тоа, за камионите од оваа категорија е пропишано стандардно вградување на систем за асистенција при итно сопирање.

Споредба на должината на патот од сопирање од 80 km/h за сите категории на возила, под дозволеното максимално оптоварување
Споредба на должината на патот од сопирање од 80 km/h за сите категории на возила, под дозволеното максимално оптоварување

Споредбата на клубот понатаму покажува дека степенот на натовареност не влијае премногу врз должината на патот на сопирање. Разликите во должината на сопирањето може да претставуваат опасност првенствено во случај кога меѓу возила од различни категории не се одржува неопходното минимално растојание, на пример, кога мотоцикл вози преблиску до камион или до патнички автомобил. Повикувајќи се на овие резултати, АДАК предлага системите за предупредување при премало растојание меѓу возилата и системите за асистенција при итно сопирање да се вградуваат сериски во сите категории возила, а не само во камионите.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мак Аутостар го донесе салонот од Франкфурт во Скопје

Американците негодуваат повторно: Овојпат Mini им е недоволно безбеден