за

Овој Land Rover Defender некогаш го возеше Боб Марли

Во годината во којашто се одбележува 70-от роденден на Боб Марли, музејот посветен на легендата на регето во Кингстон доби уште еден значаен експонат што ќе ги привлекува посетителите.

Една од најчестите асоцијации на Јамајка е Боб Марли. Ниту еден друг музичар нема придонесено за идентитетот и популаризацијата на својата држава како што реге-легендата го направи тоа за овој карибски остров. Боб Марли често се возел по Јамајка во својот Land Rover Defender. Овој олдтајмер неодамна доживеа успешна „раставрација“. Локалните фирми се погрижија да го спасат овој близу 40 години стар класичар и по двегодишна напорна работа да го вратат во првобитната состојба. За набавка на поспецифични делови за возилото на музичката легенда почината во 1981 година на моменти буквално се водеше потрага низ целиот свет. Историски релевантниот Defender во сина боја сега е дел од музејот на Боб Марли во Кингстон, кој е на задолжителниот список за посети на туристите на Јамајка.

Пикапот од третата серија е произведен во 1977 година и се наоѓаше во многу запуштена состојба, полурасклопен, без мотор и долго време препуштен на својата судбина. Тоа беше предизвик за луѓето во ексклузивниот дилер на Land Rover за Јамајка. Во почетокот тие не можеа ниту да претпостават дека за реставрацијата на возилото на Боб Марли ќе бидат потребни цели две години. Defender беше расклопен до последната завртка, истрошените делови се заменија со нови, а моторот пристигна дури од Етиопија. Некои делови беа изработени рачно.

Во целиот проект уште од почетокот учествуваше и семејството Марли. Сидела Марли, најстарата ќерка на легендата на регето и успешна дизајнерска, ги креираше кожените облоги на Defender со кој познатиот татко ја возеше во нејзиното детство. Секако дека седиштата се изработени во заштитните „раста“ бои зелена, црвена и жолта.

Историскиот Defender сега е изложен на Хоуп Роуд 56 во Кингстон, Јамајка, кадешто се наоѓа поранешниот дом на иконата на растафари, подоцна претворен во музеј.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla отвори фабрика за автомобили во Холандија

Bosch го предупредил Volkswagen за илегалниот софтвер во 2007 година