за

Овој сообраќаен знак го читаат автономните возила

Делницата од автопатот А9 во Баварија доби нови сообраќајни знаци, непознати за возачите. Тоа не е проблем, затоа што истите се наменети да ги „читаат“ автономните возила. Производителите на автомобили ја користат оваа делница за тестирање и развој на технологијата што го заменува возачот зад воланот.

На дел од автопатот А9 во германската покраина Баварија може уште сега да се фрли поглед во иднината. Сојузното министерство за сообраќај го одобри овој дел од автопатот за тестирање на технологијата за автономно возење, којашто за само неколку години ќе прерасне во вообичаена ставка во новите автомобили. Делницата што официјално се води како „поле за тестирање на дигиталниот автопат“ е масовно користена од производителите на автомобили, за усовршување и развој на автономното возење или „автопилотот“.

По должината на „дигиталниот автопат“ е вградена најсовремена технологија којашто возачите и не ја забележуваат, но еден досега невиден сообраќаен знак може да предизвика забуна. Специјалните знаци се поставени со цел технологијата за автономно возење да може полесно да ја одреди моментната положба на возилото во однос на средината.

На автоматизираните и „вмрежените“ возила им е потребна прецизна информација за нивната положба на автопатот. Тоа сега го овозможуваат чудните сообраќајни знаци, заедно со најсовремените сензорски системи во возилото и по автопатот, како и со дигитална карта со сантиметарска прецизност.

Знаците со прецизна геометриска шара и во црно-бела боја се штотуку поставени по должината на „дигиталниот автопат“, распоредени на растојание од 2,5 километри. Истите се разликуваат од стандардизираните сообраќајни знаци и немаат значење за возачите.

Германското министерство за сообраќај го пушти дигиталниот автопат во септември 2015 година, на автопатот А9 во Баварија, како технолошка база за производителите. Тестирањето на технологијата за автономно возење го овозможуваат најразлични напредни системи поставени по должината на автопатот, почнувајќи од сензори, мерни уреди, до системи за комуникација меѓу возилата и меѓу возилата и инфраструктурата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Норвешка достигна 100.000 автомобили со електричен погон

Toyota претстави нова генерација мотори