за ,

Овие штетни материи излегуваат од издувот на нашите автомобили

Еколошки совесните средини во светот реагираа бурно откако се утврди дека автомобилите испуштаат азотни оксиди во многу поголема количина од дозволената. Но, зошто толку паника околу азотните оксиди и кои се останатите издувни гасови?

Некои материи во издувните гасови од автомобилите се штетни за здравјето, други за климата или за природата. Аферата со дизелите во Volkswagen, а сега и во Opel, ги стави азотните оксиди во центарот на вниманието. Азотните оксиди или NOx се штетни за белите дробови и настануваат речиси исклучиво од човекот. Постојат техники што ја намалуваат емисијата на штетни материи, за автомобилите да исполнуваат одредени гранични вредности. Според студијата што германските научници ја објавија во специјализираниот журнал „Nature“ во септември, во Германија годишно умираат околу 7.000 лица од заболувања што се предизвикани од издувните гасови во патниот сообраќај.

Еден литар бензин произведува 10 метри кубни издувни гасови

Тоа значи дека во еколошки совесната држава Германија секоја година умираат повеќе лица од штетните гасови од сообраќајот отколку во сообраќајни незгоди на патиштата. Ова се застрашувачки податоци, особено кога ќе се земе во предвид дека многу земји, вклучувајќи ја и Македонија, немаат ниту оддалеку реализирано толку висок степен на заштита на животната средина како Германија.

Но, кои се штетните материи во издувот на нашите автомобили што најмногу загрижуваат?

Азотни оксиди (NOx)

Азотните оксиди кои се штетни по здравјето, како азотен моноксид и азотен диоксид, во природата постојат само во незначителни количини. Тие потекнуваат првенствено од автомобилите, но и од термоелектраните што работат на јаглен, нафта и гас. Дизел моторите испуштаат многу поголема количина NOx од бензинците. Овие материи ја иритираат слузокожата и предизвикуваат кашлање, отежнато дишење и очни воспаленија. Најмногу се загрозени астматичарите. Но, азотните оксиди влијаат и врз крвотокот и срцето. Растенијата, пак, нападнати се од три страни: Азотните оксиди се отровни за лисјата и предизвикуваат презаситување на почвата со ѓубриво, како и зголемување на киселоста на почвата.

Покрај тоа, азотните оксиди придонесуваат за создавање на ситна прашина и површински озон. NOx се претвораат во безопасен азот (N2) и кислород (O2) во тростазните катализатори кај бензинските мотори. Мала количина NOx сепак останува. Разградувањето на азотните оксиди кај дизел моторите е значително потешко и успева на пример со впрскување на раствор од уреа во издувните гасови.

Од азотните оксиди, врз ефектот на стаклена градина влијае единствено динитроген моноксидот (N2O), познат и како „нитро“ на тјунинг сцената или смејачки гас во стоматологијата. Во постојните концентрации, тој не штети врз здравјето. Смејачкиот гас потекнува првенствено од полињата со каде што обемно се користат азотни ѓубрива. Моментно најзначаен NOx е азотниот диоксид (NO2).

Озон (O3)

Азотните оксиди при сончева светлина и при контакт со органски материи и кислород создаваат озон. Катализаторите во автомобилите и соодветните техники во електраните придонесоа за намалување на азотните оксиди во воздухот, со што се намалија и прекумерните вредности на озонот. Но, просечната концентрација на О3 се зголеми, првенствено поради тоа што автомобилите испуштаат помала количина на азотен моноксид, а тој ноќе го разградува озонот. Штетниот озон ги дразни слузокожата, очите и белите дробови, а може да предизвика и отежнато дишење. Исто како кај азотниот диоксид, астматичарите се најзагрозени, но и работниците и спортистите на отворено, а особено децата, поради високиот степен на размена на материи.

Ситна прашина (PM)

Овие ситни честички настануваат или директно во автомобилските мотори, електраните, индустријата и од чадот од цигари, или индирентно од азотните оксиди и останатите гасови. Ситните честички продираат до белите дробови, па дури и до крвотокот. Тие можат да предизвикаат воспаленија на дишните патишта, но и тромбоза и срцеви пречки.

Јаглерод диоксид (CO2)

Ова е најзначајниот гас што придонесува за ефектот на стаклена градина и учествува со 76 проценти во загревањето на земјината топка што е предизвикано од човештвото. Моторите трошат сé помалку гориво, но во исто време расте и бројот на големи автомобили со силни мотори, а се интензивира и камионскиот транспорт, поради што вкупната емисија на штетни материи од сообраќајот во одредени региони во светот бележи дури и зголемување во последните две-три децении.

Во 2015 година, производителите на автомобили во ЕУ мораат да ја почитуваат граничната вредност од 130 грами СО2 на километар, како просек од емисијата на сите модели во нивната понуда. Во 2020 година ќе бидат дозволени само 95 грами. Вредностите за јаглерод диоксидот во САД се незначително повисоки и за автомобили регистрирани во 2016 година се пропишува гранична вредност од 140 грами на километар. Оваа гранична вредност постепено ќе се намалува до 89 грами до 2025 година.

Во продолжение се табелите со граничните вредности за штетните материи во издувните гасови во патничките автомобили, од стапувањето на Euro 1 во 1993 година, до акуелните норми Euro 6.

Кратенки:

  • HC = јаглеводороди
  • HC+NOx = збир на јаглеводороди и азотни оксиди
  • NOx = азотни оксиди
  • CO = јаглерод моноксид
  • NMHC = неметански јаглеводороди
  • PM = ситна прашина, маса
  • PN = ситна прашина, број на честички
Патнички автомобили со бензински мотор
Гранични вредности во mg/km
Норма Euro 1 Euro 2 Euro 3 Euro 4 Euro 5 Euro 6b Euro 6c
Стапување во сила 1. Јан. 1993 1. Јан. 1997 1. Јан. 2001 1. Јан. 2006 1. Јан. 2011 1. Сеп. 2015 1. Сеп. 2018
CO 2720 2200 2300 1000 1000 1000 1000
(HC + NOx) 970 500
HC 200 100 100 100 100
од тоа NMHC 68 68 68
NOx 150 80 60 60 60
PM 4,51 4,51 4,51
PN 6·1012 6·1011
  • 1 со директно впрскување
  • 11 PN
  • 12 Над 85 kW
Патнички автомобили со дизел мотор
Гранични вредности во mg/km
Норма Euro 1 Euro 2 Euro 3 Euro 4 Euro 5 a Euro 5 b Euro 6
Стапување во сила 1. Jан. 1993 1. Јан. 1997 1. Јан. 2001 1. Јан. 2006 1. Јан. 2011 1. Јан. 2013 1. Сеп. 2015
CO 3160 1000 640 500 500 500 500
(HC + NOx) 1130 700 / 9002 560 300 230 230 170
NOx 500 250 180 180 80
PM 180 80 / 1002 50 25 5 4,5 4,5
PN 6·1011 6·1011

2 со директно впрскување

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lexus планира знаменосецот LS да го понуди во „водородна“ верзија

McLaren 570S е формула 1 болид за почетници