за

Овие четири малечки пристигаат наесен

Skoda Fabia

Во следните неколку месеци следува вистински бран од новитети во класата на малечките возила. Претстојат четири нови генерации на моделски имиња што уживаат висока популарност меѓу купувачите.

Од малечките возила денес не се бара да бидат само малечки и евтини. Цената и натаму останува еден од клучните агументи што решаваат при изборот, исто како лесната подвижност во градскиот сообраќај и поедноставното наоѓање простор за паркирање. Во меѓувреме, возилата од четириметарската класа достигнаа зрелост да понудат и други квалитети, како можност за воведување на индивидуалност во стилот, напредна безбедносна опрема, актуелнизирано поврзување со мобилни уреди, и секако, задоволителна понуда од простор во кабината. Во следните неколку месеци пристигаат новите генерации на четири модели од оваа класа, коишто постигнуваат големо учество во продажбата.

Еден од нив е третата генерација Skoda Fabia, којашто досегашната ориентираност кон практичност и функционалност ќе ја надогради со поспортска нота отколку досега. Внатрешноста ќе има повпечатлив дизајн и во духот на времето ќе може да се дотерува според желбите на купувачот. Преоѓањето на модуларната платформа на концернот Volkswagen, Fabia ќе изгуби до 65 килограми од тежината, што во комбинација со оптимираните мотори ќе резултира со потрошувачка намалена до 17 проценти. Под хаубата ќе работат комплетно нови мотори со три и со четири цилиндри. Најштедливиот е 1.4 TDI со 75 КС, со потрошувачка од 3,1 литри во верзијата Greenline.

Меѓу бестселерите во класата се вбројува и Opel Corsa, којашто влегува во веќе петтата генерација. Дизајнот останува верен на претходниот, со ниско поставена маска во стил на Adam, со профилирана хауба и задни светла по пример на Astra. Под хаубата се вселуваат нови мотори, меѓу кои трицилиндарскиот турбо од Adam, со 90 или со 115 КС. Голем напредок има во електрониката, односно во новите интелигентни можности за поврзување со мобилни уреди и ракување со истите. Од безбедносната опрема ќе бидат достапни систем за следење лента, систем за самостојно запирање при опасност од судир при градски брзини на возење, како и радар за надгледување на мртвите агли.

Обата модела од европските марки ќе добијат силна конкуренција од Јапонија, во новата Mazda2, како и во Hyundai i20. Првиот од нив го презема динамичниот изглед на предниот дел од поголемите браќа, покрај тоа ќе биде опремен со напредни системи за асистенција и со нови решенија за поврзување со мобилни уреди. Внатрешноста е средена педантно и со повеќе стил во споредба со претходникот. Понудата од погонски единици во почетокот ќе се сведува на три бензинци со зафатнина од 1,5 литар и моќност до околу 100 КС. Кусо време по стартот на продажбата ќе следува и комплетно нивиот 1,5-литарски дизел со 105 КС.

Втората генерација на Hyundai i20 е развиена посебно за европскиот пазар и настапува со поспортски изглед, побогата опрема и поголема кабина во споредба со актуелниот модел. Последново е резултат и од новата платформа, којашто од 2011 година ја користи Kia Rio. Импресивни 320 литри стојат на располање во багажникот. Понудата од погонски единици ќе ја сочинуваат мотори од актуелниот модел, како и од Kia Rio, а се најавуваат и нови мотори.

Конкуренцијата не мирува. Volkswagen Polo веќе почна да се продава во темелно освежената верзија, меѓу другото опремен и со системите за асистенција од Golf, а кон крајот на август ќе започне и продажбата на фејслифтот на Toyota Yaris, со повпечатлив дизајн и со освежена внатрешност.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota FT-1 на чекор поблиску до реалноста

Колку заработуваат возачите во формула 1?