за

Овие автомобилски јубилеи ни претстојат во 2015 година

Во 2015 година ќе се одбележуваат преку 100 големи јубилеи. Еден од нив е 50-годишнина на Rolls-Royce Silver Shadow

Без минато нема иднина. Тоа важи за сите производители на автомобили. Во 2015 година ни претстојат огромен број јубилеи за прославување. Изненадува тоа што многу пронајдоци од минатото дури денес наидуваат на примена во сериските автомобили.

Со погонот на водород, електричниот погон и со автомобилите што управуваат самостојно ни претстои нова ера во автомобилизмот. Но, ако се погледне подобро списокот на јубилиеи што светот на четири тркала ќе ги одбележува во 2015 година, станува јасно дека најголемиот дел од иновативните концептите за иднината и не се толку нови.

Автомобилскиот пионер Готлиб Дајмлер пред 130 години регистрираше два патента за „погонска машина на петролеј“ и за „возило за јавање“. Првиот патент се однесува на првиот мотор што е развиен специјално за автомобил, додека вториот е претходник на мотоциклите. Но, конвенционалниот мотор со внатрешно согорување наидува на поширока примена дури во 1915 година. Пред сто години по улиците во повеќето големи градови возеле претежно автомобили со погон на струја или пареа. Само во САД во тоа време биле регистрирани околу 100.000 електрични автомобили, за коишто постоела пристојна инфраструктура за полнење струја. Секако дека за овие автомобили не била потребна курбла за стартување на моторот. Електричните автомобили добиле силен удар дури со пронаоѓањето на електричниот стартер за бензинските мотори. Покрај тоа, патувањето на долги релации со енергијата во батериите било нерешен проблем исто како и денес.

Еден од најзначајните јубилеи во 2015 година е половина век од првиот Audi со четиритактен мотор, моделот Audi 72 од 1965 година
Еден од најзначајните јубилеи во 2015 година е половина век од првиот Audi со четиритактен мотор, моделот Audi 72 од 1965 година

Ниту погонот со горивна ќелија, односно со водород како погонско гориво, не е толку нов колку што се мисли. Во една научна студија од 1965 година се открива дека уште пред половина век имало повеќе концепти на возила со овој совршено чист погон. Прв е тракторот со погон со горивна ќелија од Allis-Chalmers, за подоцна да следи и тестирањето со водородниот погон од Land Rover во 1965 година. Шеесеттиот роденден го одбележува дури и идејата за компјутерски управуваните автомобили. Првите возења во јавноста се извршени во американската сојузна држава Небраска, со идеја автономното возење да се реализира на специјални автопатишта управувани од компјутери. Но, идејата наишла на проблем поради неможноста да се регулираат одговорноста при судир и финансирањето. Во тие години и народот веруваше во авангардната техника и беше подготвен да ја прифати во секојдневието.

Французите имаа уште една голема марка, Simca. Нивниот последен модел од пред 30 години требаше да се појави на пазарот како Arizona, но заврши како Peugeot 309
Французите имаа уште една голема марка, Simca. Нивниот последен модел од пред 30 години требаше да се појави на пазарот како Arizona, но заврши како Peugeot 309

Во 1925 година постоеше дури и посебен сервис којшто на возачите од другите места им помагаше во снаоѓањето во големите градови. Овој сервис веќе одамна е заборавен, исто како и автомобилските марки, коишто во своето време се вбројуваа меѓу најголемите. Меѓу нив е најстариот британски производител Wolseley, којшто пред 40 години згасна во когломератот од марки British Leyland. Истата судбина ја доживеа и Simca, којшто во 1955 година го ставаше во сенка дури и Peugeot. Пред 30 години Simca го имаше последниот голем успех. Французите го развија Simca-Talbot Arizona, когошто Peugeot подоцна го комерцијализираше како Peugeot 309, обележувајќи го влезот на марката во компакт класата. Одамна е заборавен и најголемиот „мини“ на сите времиња, тешкиот и близу два метри широк AMC Pacer. Овој американски автомобил се појави пред 40 години, во годините по нафтената криза, како решение за скапото гориво. Можеби изгледа чудно, но Pacer се нудеше и во верзија со мотор V8.

Шведската марка Volvo одбележува стогодишнина во 2015
Шведската марка Volvo одбележува стогодишнина во 2015

Тие јубилеи ќе им бидат значајни само на најзакоравените љубители на марките. Поразлично е со годишнините на постоечките гиганти во автомобилската индустрија. Пред 100 години, Svenska Kullerfabriken SKF го регистрираше името Volvo (латински за „се тркалам“), дванаесет години пред појавувањето на првиот модел Volvo Jakob. Марката Cadillac во 1915 година ја започна првата трка со коњски сили и со престижни модели. Автомобилите на Cadillac со мотори V8 го предизвикаа Packard да го развие првиот V12 за сериски автомобил.

Кои сé јубилеи нé очекуваат во 2015 година, дознајте во следниот преглед:

130-годишнини

– 1885: Готлиб Дајмлер на 3-ти април го регистрира патентот за „погонска машина на гас, односно петролеј“, првиот мотор за вградување во автомобил
– 1885: „Возилото за јавање“ од Готлиб Дајмлер е патентиран на 29-ти август како претходник на мотоциклите. Пол Дајмлер, син на Готлиб, го направи првото возење на 10-ти ноември

120-годишнини

– 1895: Весникот „Чикаго Тајмс-Хералд“ ја распиша првата автомобилска трка во САД. Победи автомобилскиот пионер Френк Дуриеј со самостојно конструирано возило. Основана е компанијата Duruyea Motor Wagon како прв оригинален американски производител на автомобили
– 1895: „Аутокар“ е првиот автомобилски магазин, печатен во Велика Британија. Во САД излегува „Хорслес Ејџ“ (ера без коњи) како прв автомобилски магазин
– 1895: Continental започнува производство на пневматици

100-годишнини

– 1915: SKF ја регистрира марката Volvo на 22-ри јуни и ја основа фирмата-ќерка Volvo AB
– 1915: Dodge стартува со сериски производство
– 1915: Cadillac вградува мотори V8 во новите модели. Додека во Европа владее првата светска војна, во Америка владее вистинско лудило по КС и престиж. Packard го вградува првиот мотор V12 конципиран за сериско производство во Twin Six Touring

90-годишнини

– 1925: General Motors го презема англискиот големосериско производител Vauxhall, а четири години подоцна и германскиот Opel
– 1925: Во САД за првпат се продаваат повеќе возила со затворена каросерија отколку кабриолети. Трендот доцни во Европа, затоа што затворените каросерии се поскапи од отворените кабриолети, особено кај челичните конструкции
– 1925: Јапонската автомобилска индустрија започнува со извоз, прво во Кина
– 1925: Основан е германскиот Ford. Во почетокот T-Model се склопува во Берлин

80-годишнини

– 1935: Opel P4 – прв германски народен автомобил и Olympia – самоносечка каросерија
– 1935: Претставена е Toyota A1 со шестцилиндарски мотор од 3,4 литри како прв автомобилски прототип на Toyota
– 1935: Претставена е Toyota G1 како прво товарно возило на Toyota
– 1935: Volvo PV 36 Carioca
– 1935: Volvo PV657-659 и TR 701, лимузини со нов шестцилиндарски мотор
– 1935: Умира автомобилскиот пионер Андре Ситроен

75-годишнина

– 1940: Претставен е Lincoln Continental со европски стил, како прв луксузен модел на благородната марка на Ford, изработен исклучиво рачно

70-годишнини

– 1945: „Штат дер ка-де-еф-ваген” (град на возилото ‘моќ преку радост’) станува Волфсбург и започнува производството на Volkswagen Beetle
– 1945: Државата го презема Renault
– 1945: Марката SS Cars се преименува во Jaguar Cars

60-годишнини

– 1955: Fiat 600, италијанско народно возило и глобален успех
– 1955: Претставена е Toyota Crown
– 1955: Volvo стартува со извоз во Северна Америка
– 1955: Simca го презема Ford France и со производството го престигнува Peugeot
– 1955: Citroen DS
– 1955: Peugeot 403 со дизајн од Pininfarina
– 1955: Сојузна Република Германија станува втор најголем производител на автомобили по САД
– 1955: Дизајнерското лудило на перки на опашот ја зафаќа индустријата
– 1955: Во американската сојузна држава Илиноис е задолжително новите автомобили да поседуваат точки за прицврстување безбедносни ремени
– 1955: Во САД се тестира автономното возење

55-годишнина

– 1960: Toyota стартува со извоз во Европа. Првиот модел е Crown, испорачан на Малта

50-годишнини

– 1965: Peugeot 204 со преден погон и како комби Break, подоцна и со најмалиот дизел мотор во светот
– 1965: Во Инголштат е произведен првиот Audi, обележувајќи го завршувањето на ерата на двотактни мотори под марката Auto Union DKW
– 1965 : Престанува производството на Porsche 356
– 1965 : Porsche 912
– 1965 : BMW 2000 CS
– 1965 : Fiat 850 Spider
– 1965 : Glas 2600 V8
– 1965 : Mercedes-Benz S-класа W 108
– 1965 : Opel Rekord B
– 1965 : Renault 16 со комбилимузинска каросерија со пет врати
– 1965 : Rolls-Royce Silver Shadow
– 1965 : Светска премиера на Toyota 2000 GT како прв јапонски спортски автомобил
– 1965 : Претставена е Toyota Sports 800, од 1977 година и како хибридно возило
– 1965 : Volkswagen 1600 TL
– 1965 : Тестирања со автономни автомобили во САД
– 1965 : Се истражува техниката на горивни ќелии за автомобили
– 1965 : Гумите со бел круг се најпопуларна опција во САД, ја нарачуваат дури 84 проценти од купувачите на Ford Mustang

40-годишнини

– 1975: AMC Pacer, американски „малечок“ автомобил, долг 4,36 метри и широк два метри
– 1975: BMW серија 3
– 1975: BMW 528
– 1975: Престанува производството на Citroen SM, а подоцна и на DS
– 1975: Jaguar XJS
– 1975: Lancia Beta Montecarlo
– 1975: Mercedes-Benz 450 SEL 6.9
– 1975: Mercedes-Benz W 123
– 1975: Opel Ascona B
– 1975: Opel Manta B
– 1975: Peugeot 604 V6
– 1975: Престанува производството на Porsche 924
– 1975: Renault 30 TS V6
– 1975: Simca 1307/1308
– 1975: Хибриден погон на Toyota. На салонот во Токио дебитира Toyota Century GT45, со комбинација од гасна турбина и електромотор
– 1975: Vauxhall Chevette
– 1975: Volkswagen Golf GTI
– 1975: Volkswagen Polo
– 1975: Volvo 265 (прво комби на Volvo со шестцилиндарски мотор)
– 1975: Volvo 66
– 1975: Згаснува Wolseley, најстарата британска марка автомобили

30-годишнини

– 1985: Alfa 75
– 1985: BMW 325iX, BMW M3, BMW M5, BMW серија 3 Cabrio
– 1985: Citroen и Peugeot произведуваат во Кина, долго пред повеќето конкуренти од Западот
– 1985: Chrysler Maserati TC
– 1985: Ferrari 328 GTS (со мотор од 3,2 литри), Ferrari 3.2 Mondial, Ferrari 412, Ferrari GTO
– 1985: Fiat Uno Turbo i.e., Fiat Regata Weekend, Fiat Croma
– 1985: Ford Scorpio
– 1985: Honda Accord, Honda Accord Aerodeck, Honda Legend
– 1985: Lancia Ypsilon, Lancia Delta S4 (патничка верзија)
– 1985: Peugeot 205 Cabrio, Peugeot 309 (Talbot Arizona)
– 1985: Seat Malaga
– 1985: Subaru 1800 Coupè, Subaru XT
– 1985: Втора генерација на Toyota Starlet, со преден погон и дизел мотор
– 1985: Во март е претставено купето со средишен мотор Toyota MR2
– 1985: Првата Toyota Celica (T16) со преден погон
– 1985: Toyota Supra 3.0i
– 1985: Започнува производството на дури 450 прототипи за Lexus LS, којшто ќе биде претставен четири години подоцна
– 1985: Volvo 740/760
– 1985: Volvo 780
– 1985: Volvo 480 ES

25-годишнини

– 1990: Audi 100
– 1990: Завршнува производството на Citroen 2 CV со 3.868.605 примероци
– 1990: Lamborghini Diablo
– 1990: Премиера на Lexus LS 400 на салонот во Франкфурт
– 1990: Mitsubishi 3000 GT
– 1990: Renault Clio
– 1990: Toyota Previa како прв ван во светот со седум, односно осум седишта и мотор вграден во подот
– 1990: Volvo 940/960

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tata Nano: Тјунинг на најевтиниот автомобил во светот со 233 КС

Skoda Fabia ја победи Opel Corsa на споредбен тест на Auto Bild