за ,

Овие автомобилски јубилеи ни претстојат во 2016 година

Над 300 големи автомобилски родендени ќе славиме во оваа година. Тоа не треба да зачудува, по 130 години од првиот автомобил на светот, многу работи се имаат случено во меѓувреме.

Што имаат заедничко првиот патентиран автомобил Benz, фабриката за кочии во американскиот Колдвотер и Coca-Cola? Сите тие пред 130 години ги поставија темелите на индустриските империи кои го раздвижија целиот свет. Лимонадата со кофеин стана најпродаван освежителен пијалок на сите времиња, а фабриката за кочии што во 1908 година ја основаше Американецот Вилијам Дјурант прерасна во автомобилскиот концерн General Motors кој долги години беше најголем производител на возила во светот. Но, некој мораше претходно да го измисли автомобилот. Карл Бенц и Готлиб Дајмлер го патентираа првиот автомобил во светот во 1886 година. Во 2016 година претстојат големи јубилеи со кои се одбележува основањето на Mercedes-Benz (1926 година), BMW (1916) или Rolls-Royce (1906).

Британскиот родстер Morgan 4/4 ја задржа основната форма и констуркција цели 80 години
Британскиот родстер Morgan 4/4 ги задржа основната форма и констуркција цели 80 години

Родендени имаат и легендарни моделски серии, како Morgan 4/4 кој остана неизменет од премиерата во 1936 година до денес, потоа серијата 02 на BMW (1966 година) или првиот дванаесетцилиндарски мотор на германските марки по војната, вграден во серијата 7 на BMW во 1991 година. Ќе се присетиме и на згаснувањата на некои значајни марки, како Borgward пред 60 години, или на крајот на Talbot во 1986 година, како производител што за малку ќе го повлечеше во пропаст и сопственикот Peugeot. Чест ќе им оддадеме и на некои мали, но значајни ставки, како 110-годишнина од првата електрична запалка за цигари или 80-годишнина од првиот полуавтоматски менувач Cotal на Peugeot, со цена достапна за купувачите. Од историските личности во браншата ќе ја одбележиме стогодишнината од раѓањето на производителот на спортски автомобили Феручио Ламборгини.

Истокот се бунтуваше, но успеа да се приклучи на бранот на маљсовна моторизација. Москвич 402 е сопствена конструкција на Русите
Истокот се бунтуваше, но успеа да се приклучи на бранот на маљсовна моторизација. Москвич 402 е сопствена конструкција на Русите

Во 1956 година беа извршени и завршните подготовки за освојувањето на вселенскиот простор. Економското чудо на Западот ја достигна првата кулминација, наспроти бунтовите на Истокот коишто прикажуваа незадоволство на народот. Социјалистичките земји сепак се приклучија на бранот на масовната моторизација. Советскиот сојуз го замени дотогаш произведуваниот дериват на Opel Kadett со самостојно конструираниот Moskwich 402, Полјаците изненадија со FSO Sirena и со нејзиниот современ изглед, а Чесите решија да го развиваат новиот модел 1000 MB, со заден мотор и заден погон. Француските марки ги освојуваа странските пазари со футуристичкиот Citroen DS19, со револуционерната лимузина Peugeot 403 и со малечкиот и симпатичен Renault Dauphine.

Италијанците го бомбардираа светот со спортски автомобили. Lamborghini Miura беше дел од предводничкото трио заедно со Ferrari 330 GTC и Maserati Ghibli
Италијанците го бомбардираа светот со спортски автомобили. Lamborghini Miura беше дел од предводничкото трио заедно со Ferrari 330 GTC и Maserati Ghibli

Десет години подоцна пристигна цел ескадрон од спортски возила под знакот на Триколорите, предводено од Lamborghini Miura, Ferrari 330 GTC и Maserati Ghibli. Во овој напад на емоциите на автомобилските ентузијасти се придружија и De Tomaso Mangusta, Alfa Romeo Spider и Fiat 124 Spider, од кои последниов годинава се враќа со техника од Mazda MX-5. Тогаш никој не можеше да претпостави дека штотуку започнатата кариера на компактната лимузина Fiat 124 ќе заврши дури 50 години подоцна, во Русија. Lada продолжи да го произведува италијанскиот модел под лиценца, достигнувајќи продукција од речиси 20 милиони примероци.

Овие бројки се смешни за Елиот Хендлер, соосновачот на американскиот гигант за играчки Mattel. Тој пред половина век дојде на идеја да ги произведува впечатливите модели Hot Wheels, како конкуренција на англиските минијатури од Matchbox. Секако дека во 1966 година не недостигаа ниту вистинските модели во размер 1:1, како Chevrolet Camaro, англискиот пластичен тркач Lotus Europa, брзиот Porsche 911 S, компактниот BMW 1600-2 или Opel Rekord C со дизајн по пример на шише Coca Cola, исто како и егзотичниот Subaru Fronte со боксер мотор или автомобилот претставен како најбезбеден во тоа време, шведскиот Volvo 144.

Во следната декада светот заздраве од шокот од првата нафтена криза и го прослави тоа со цела генерација нови спортски модели, но и со неколку малечки автомобили, како поука од кризата. Во средината на 1970-те години особен впечаток остави Ford Fiesta, покрај чијшто дизајн француските Peugeot 104 и Citroen LN изгледаа како грди пајчиња. Во малечки серии, но со големи емоции се појавија Ferrari 512 BB, Maserati Kyalami, Lotus Esprit, серијата 6 на BMW, Triumph TR7 – и  Porsche 911, со поцинкувана каросерија против тогашниот најголем непријател, корозијата.

Со вградувањето на првиот германски мотор V12 по војната во серијата 7, BMW му го зададе најтешкиот удар во историјата на Mercedes
Со вградувањето на првиот германски мотор V12 по војната во серијата 7, BMW му го зададе најтешкиот удар во историјата на Mercedes

Во 1986 година пристигнаа нови ѕвезди: Opel Kadett Cabrio и Peugeot 205 Cabrio, како автомобили за уживање, но со достапна цена, а имаше и технички деликатеси, како Lancia Thema 8.32 со мотор од Ferrari или Mazda RX-7, спортскиот автомобил со ванкел-мотор. Аеродинамиката беше нов предизвик за техничарите. Audi 80 се појави со аеродинамична каросерија, исто како и Opel Omega, наследникот на Rekord. Volkswagen го подосвежи Golf со погонот на сите тркала Syncro и со 16-вентилска техника, а Volvo 480 беше прв автомобил на Швеѓаните со преден погон. Во највисоката класа се заостри дуелот меѓу класата S на Mercedes и серијата 7 на BMW. Марката од Штутгарт дотогаш немаше здобиено толку силен удар од Баварците, како со 12-цилиндарскиот мотор во BMW од серијата 7, прв германски мотор од овој тип по војната. Дури и новиот Jaguar XJ немаше шанси против серијата 7. Mercedes се реваншираше пет години подоцна, со сопствен V12 во 600 SEL.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кокпит на иднината: Каде ми исчезна воланот?

Пет работи кои помладите возачи ги немаат слушнато