за

Ова Audi се радува на секој застој на патот

Идната генерација на Audi A8 најавена за 2017 година ќе поседува асистент за застој. Функционирањето на овој систем моментно се тестира на улиците во Шангај.

Во кинеската метропола Шангај деновиве вози еден A7, но за разлика од останатите возила околу него, рацете на неговиот возач не се наоѓаат на воланот. Германската марка моментно ја проверува работата на новиот асистент за застој со специјално опремен A7. Кога возилото напред сопира, самостојно сопира и тој, кога патот наидува на свијок, возилото ја следи линијата исто како да е управувано од возачот. Дури и кога некој забрзан возач ќе се престрои пред ова Audi, техниката го регистрира тоа возило и соодветно се приспособува според новонастанатата ситуација.

Роботското око будно го следи сообраќајот

Хаосот не ја заморува оваа напредна техника од иднината. Инженерите на германската марка на тестирањето ги следат реакциите на системот којшто во следната генерација на знаменосецот Audi A8 самостојно ќе го води возилото низ сообраќајниот тек до брзина од 60 километри на час и соодветно ќе сопира, забрзува, запира, ќе ја следи лентата и ќе управува во свијоците. За разлика од братскиот прототип којшто паралелно вози на автопатот А9 во Германија, ова Audi не располага со ласерски скенер одзади. Пилотот за застој се раководи според возилата напред и не ја менува лентата, па затоа сензориката е концентрирана на патот пред возилото. Со напредувањето на софтверот се овозможи патот да се следи само преку една камера зад ветробранот, место со две камери. Тоа е важно заради цената на системот, исто како и заради растоварување на ветробранот од натрупување со најразновидни уреди.

Наредбата доаѓа од горе

Камерата снима 35 слики во секунда и истите ги обработува за дел од секундата. Целта на системот е да препознае статички објекти на снимката, односно да препознае дека возилото напред сопира или е веќе запрено. Кога софтверот ќе утврди дека контурите на објектот, односно на возилото напред се зголемуваат, го препознава тоа како статички објект и наредува соодветна реакција од авто-пилотот, односно забавување или целосно запирање.

За сето тоа време, техниката го прикажува околниот сообраќај и возилата на дисплејот во таблата со инструменти, со јасна и прецизна слика. Кога ќе исчезнат ознаките за лентите на патот, според коишто системот исто така се раководи, авто-пилотот почнува одбројување во траење од десет секунди, за возачот да ја преземе контролата над возилото. Интелигенцијата на системот оди дотаму, што тој препознава кога возилото е на автопат. За таа цел авто-пилотот ги користи податоците од сателитската навигација.

Крстосувањето на Audi A7 по патиштата околу Шангај повеќе е демонстрација на техниката, отколку тестирање, затоа што е очигледно дека системот е веќе подготвен и останува само уште доусовршување до конечната премиера на авто-пилотот во новиот Audi A8 во 2017 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Битката за автомобилската круна се разгорува повторно

Daimler и Qualcomm работат на безжично полнење на електрични возила