за

Ова се најпопуларните бои кај автомобилите

Бела, црна, сива или сребрена боја. Светот и натаму се вози претежно во овие бои и во нивните најразлични нијанси. Боите што внесуваат поголема живост во уличната слика не можат да ја соборат доминацијата на првиве. Сепак постои една боја што почнува да го разбива сивилото.

Техниката, комфорот или практичноста не решаваат секогаш околу изборот на автомобилот. Честопати пресечуваат емоциите, чувствата што ги предизвикуваат надворешниот или внатрешниот дизајн. Пресудна улога тука имаат и боите. Производителите ги користат боите и специјалните ефекти да ја нагласат формата на каросеријата и да му дадат карактер на возилото. Боите секако пристигаат од специјалистите, од BASF на пример. Најголемиот добавувач за автомобилски лакови секоја година објавува статистика за најпопуларните бои кај сите класи на возила. Покрај тоа, експертите на компанијата ги предвидуваат и трендовите кај боите за претстојните години.

Во кои бои се вози автомобилскиот свет?

Автомобилите по европските улици и натаму се возат претежно во бела, црна, сива или сребрена боја. Четири од секои пет продадени автомобили во текот на ланската година имаат каросерија во една од овие бои. Трендот е непроменет веќе со години. Белата е најбарана боја, со 29 проценти, но затоа купувачите ги сакаат специјалните ефекти што во бојата се постигнуваат со сјајни честички. На патиштата низ Европа има се повеќе каросерии лакирани со бисерен ефект. Истите ефекти се ценат и од возачите што се решаваат за останатите „неколоритни“ сегменти.

Тоа се однесува особено на црната боја, втора по бараност, со 19 проценти. Сивата и натаму добива на популарност и со 18% речиси ја достигнува црната боја. Овој скок се должи првенствено на опаѓањето на побарувачката за сребрената, класиката меѓу металик боите, којшто во минатите години се доживуваше како обележје за технолошкиот напредок. Лани само 12% од автомобилите произведени во Европа добиле каросерија во сребрена боја.

Ова е соодносот на бои за сите автомобили произведени лани во Европа

(во големиот прстен се прикажани сите бои, вклучувајќи ги црната, сивата, сребрената и белата, додека во помалиот прстен се прикажани само основните бои)

сите класи возила

Меѓу „вистинските“ бои, на купувачите им се нуди многу поширок избор од сјајни и брилијантни тонови на боја. Исто како и преклани, уделот на основните бои на целиот европски пазар изнесува 22 проценти. Сината е најпопуларна основна боја со удел од 10% и има добиено една процентна стапка наспроти преклани. Експертите предвидуваат дека нејзината популарност ќе продолжи да расте. Втора по популарност е црвената боја, со 6 проценти, додека на третото место е кафената, којашто лани била помалку барана отколку во 2015 година и постигнала удел од само три проценти.

Преостанатите три проценти од автомобилите во Европа се лакирани во беж, зелена, портокалова, златна, виолетова и жолта боја, со што овие тонови ги задржуваат својот статус на малку застапени, но значајни бои. Иако нивниот удел е речиси незначителен, разновидноста од тонови и комбинации од ефекти кај овие бои е ненадмината.

Овие бои се најбарани по одделните класи автомобили

Уште поинтересно е кога соодносот на боите се разгледува по одделни класи.

Компакти и модели од средна класа

Ова е најголемиот сегмент возила во Европа, со една третина од автомобилската продукција. Поради големиот удел на модели од овој сегмент, не изненадува тоа што соодносот меѓу боите тука е сличен со соодносот на возилата од сите класи. Единствено е позастапена сината боја (11%), како и сребрената (14%), додека уделот на белата боја е помал (26%) – иако белата е најчеста боја и во оваа класа.

компакт и средна класа

Теренци и кросовери

Теренците и кросоверите се втор најголем сегмент со удел од 22 проценти во вкупниот пазар – и нивниот удел продолжува да расте рапидно. Тука преовладува сребрената боја, со 20 проценти. Кафената исто така е популарна, но повеќе кај поголемите, отколку кај помалите модели.

теренци

Градски автомобили

Третото место им припаѓа на градските автомобили, чијшто удел изнесува 20 проценти. Тука важи правилото: Колку е помал автомобилот, толку бојата му е посветла и повпечатлива. Белата е најзастапена кај градските автомобили (33%), но затоа темните и безживотни бои, како црната и сивата, најретко се избираат за овие возила. Сите овие сиви и црни бои заедно достигнуваат 30 проценти. Црвената исто така се избира најчесто, дури 9% од градските автомобили се во оваа боја. Уделот на основните бои е повисок отколку во останатите класи.

градски возила

Возила од високата класа и спортски модели

На возилата од високата класа, како и на спортските автомобили и кабриолетите отпаѓаат само три проценти од целиот пазар. Суштинската разлика во споредба со останатите класи е во основните бои. Тука преовладуваат црните тонови, но високо котира и зелената боја со 3 проценти. Силните зелени тонови се придружени со потемни сенки, коишто постигнуваат посебен, елегантен изглед на каросеријата. Тежиштето кај спортските возила е на сивите (25%) и сините тонови (12%).

висока класа

спортски автомобили

BASF моментно располага со околу 600 најразлични тонови на автомобилски бои. Шампионот во овој сегмент наведува дека најголемата разновидност на бои, односно најголемиот број на тонови на боја не е кај белата или црната боја, како најпопуларен избор на купувачите, туку кај сината боја – повеќе од сто варијанти може да се изведат од оваа боја. Барем знаеме што да очекуваме во иднина. Повеќе сини бои на улиците.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lamborghini со рекордна продажба од 3.500 автомобили

Nissan стартува со испорака на новата Micra