за

Ова е новиот Kia Sorento

Kia Motors премиерно го претсави новиот Kia Sorento во Кореја. Третата генерација доби повеќе стил, поголема практичност и понапредна технологија од претходникот.

Новиот знаменосец во програмата од теренци на Kia посредува поубедлива доза на престиж, има повеќе простор во кабината и има неколку свежи детали во опремата. Европската премиера на новиот Sorento е најавена за 2-ри октомври на салонот во Париз. Главен печат во изгледот на предниот дел од возилото даваат долгите светла коишто се развлечени наназад, исто како и впечатливите магленки и поголемата, речиси исправена маска во типичниот изглед на „тигарски нос“ на Kia. Исто како и студијата Kia Cross GT од салонот во Чикаго пред една година, маската има карактеристична тридимензионална мустра, којашто оддава впечаток како да е украсена со дијаманти.

Отстрана се забележува долгата хауба и широките задни столбови, како како заштитен белег на Sorento. Понискиот покрив, повисокиот страничен појас на каросеријата и во целина подинамичните контури му даваат атлетски став на новиот Sorento. Спојот на динамика и елеганција е нагласен со подолгата каросерија (+95 mm, сега 4,78 метри), понискиот покрив (-15 mm) и ширината поголема за 5 mm.

Едно од најважните подобрувања во третата моделска генерација е ентериерот, за чијшто дизајн беше задолжен центарот за дизајн на Kia во Франкфурт. Резултатот е елегантна кабина со луксузна нота, којашто дополнително се одликува со висок квалитет на материјалите.

Водечкото мото во дизајнот на ентериерот „модерно и широкоградо“ се однесува на концепт на јасни и хоризонтални линии. Тоа се воочува прво во широките инструменти, исто како и во украсните лајсни во кокпитот и во арматурната табла што преоѓа и во вратите. Богатата примена на материјали што се меки на допир и на кожа обезбедува модерно лукузен амбиент и посредува чувство на возило од премиум сегментот.

Со подолгата каросерија и со продолженото меѓуоскино растојание (2,78 метри, +80 mm), новиот Kia Sorento нуди повеќе простор во кабината во споредба со претходникот. Иако покривот е понизок, просторот за глава е зголемен благодарение на новото поставување на седиштата во сите три редови, а повеќе простор има и за нозете. Порасна и багажникот: При соборен трет ред седишта, назад собира 605 место 515 литри, што е зголемување од 17,5 проценти.

Во зависност од пазарот, за Sorento се нудат вкупно пет мотори во спектар на силини меѓу 172 и 270 КС. Основата е 2,4-литарски бензинец во верзија со или без директно впрскување, потоа следува 3,3-литарски бензинец, додека турбодизелите од 2,0, односно 2,2 литри од генерацијата R се преработени и нудат поголема култивираност и пониска потрошувачка на гориво. Како и досега, најпродаван мотор во Европа ќе биде дизелот 2.2 CRDi.

Инженерите на Kia ги подобрија и комфорот во возење, стабилноста при високи брзини и повратната информација во управувањето. Во водењето на тркалата е задржан концептот на претходникот, со мекферсон напред и оска со поевќе водилки назад, но модифициран е во повеќе подрачја.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првиот сериски Maserati: A6 од 1947 година

Новиот кросовер NX може да стане најпродаван модел на Lexus