за ,

Ова е најнеодоливиот електричен автомобил на салонот во Париз

Moke се вбројува меѓу најсимпатичните изведби на оригиналното Mini, замислена како воена теренска верзија за во кал и чакал. Спартанското возило сега доживува повторно раѓање на салонот во Париз, но со погон на струја и со имиџ на ѕвезда по булеварите покрај брегот.

Сегашниот сопственик BMW веќе одамна се откажа од идејата да го реанимира легендарниот Moke. Овој минималистички автомобил без врати и покрив, со седишта како столици за кампување не се вклопува во стратегијата на централата на концернот во Минхен. Moke се има појавено четирипати во филмскиот серијал за Бонд, а денес е ценет избор за изнајмување во најпрестижните туристички региони. На „мондијалот“ во Париз, ова култно автомобилче доживеа ренесанса.

Малечката фрацуска фирма Duprat го произведува автомобилот во оригиналниот изглед и форма, но нивната верзија повеќе не се вика Moke, туку Nosmoke. Со изборот на ова име, производителот не мисли да го забрани пушењето на автомобилот, туку ги почитува правните одредби, според кои единствено BMW може да го користи оригиналното име. Moke сепак е дел од името на француската креација.

Електромотор од 10 киловати обезбедува 70 km/h за возилото тешко 550 kg

Суштинската разлика во споредба со оригиналот е под хаубата. Таму работи електромотор од 10 киловати, со когошто автомобилчето од 550 килограми постигнува пристојно 70 km/h. Французите ветуваат меѓу 80 и 100 километри со полни батерии. Моментно енергијата доаѓа од оловни батерии, чиешто полнење трае меѓу шест и осум часови, но планот е тие да се заменат со посовремени литиум-јонски батерии, со што значително ќе се подобрат и перформансите и времетраењето на полнењето.

Nosmoke во моментов се продава само во Франција, Луксембург и Швајцарија, по цена од околу 16.000 евра. Од опрема, електричниот класичар поседува единствено платнен покрив, којшто стои на конструкција како за шатор. Иако возилото првично беше замислено како воено возило, теренските способности се мошне ограничени, но затоа, Moke е сосема пригоден за возење по булеварите во монденските летувалишта.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen пред Toyota во трката за најголем производител на автомобили

Mercedes единствена европска марка во светскиот Топ 10