за

Ова е најлуксузниот салон за автомобили во светот

Само во последното проширување пред четири години во центарот се инвестирани дополнителни 33 милиони долари

Салон за разубавување, школа за голф, уметничка галерија и најексклузивен ресторан во околината. Сето тоа е дел од огромниот комплекс во американскиот град Ескондидо.

Најлуксузниот продажен салон за автомобили во светот не се наоѓа во Њујорк, Дубаи или Монте Карло, туку во Ескондидо, град со 150.000 жители во близина на Сан Диего, во САД. Секако дека Lexus Escondido е многу повеќе од обичен дилер. Комплексот на трговецот со Lexus вклучува уште салон за разубавување, школа за голф, фризерница, уметничка галерија и ексклузивен ресторан.

Сопственичката Џуди Џоунс вложила 33 милиони долари во последното проширување на комплексот пред четири години. Lexus Escondido, со огромна фонтана напред и со објект со димензии на салон за мебел, не само што е поексклузивен од другите објекти во коишто се продаваат автомобили, туку нуди и цел свет на доживувања. Тристотини вработени се грижат 12.000 автомобили годишно да го променат сопственикот. Половината отпаѓа на користени возила.

Мештаните го нарекуваат центарот „Тајниот град“

На неколку милји во правец на брегот се наоѓа филијалата „Карлсбад“, со ексклузивен третман на гостите и луксузен клуб салон опремен со фотелји со масажа. Но, комплетниот пакет за релаксација и уживање „Аутотејнмент“ може да се добие само во централата во Ескондидо. Не случајно, мештаните ја нарекуваат „Тајниот град“. Однадвор е тешко да се претпостави какви содржини се нудат внатре.

Сите активности во центарот сепак имаат иста цел: Да се стекнат нови клиенти и да се задржат постојните
Сите активности во центарот сепак имаат иста цел: Да се стекнат нови клиенти и да се задржат постојните

Додека омилениот Lexus е на проверка во сервисната работилница, сопственикот може да работи на усовршување на ударот со професионален тренер за голф, на дигитализиран терен за голф. Децата во меѓувреме се разигруваат на детското игралиште под надзор на дадилка, а сопругата може сето време да го помине во салонот за разубавување. Кој сака може да погледне неколку дела во уметничката галерија. Сето ова не е визионерска идеја на трговец со Rolls-Royce во Емиратите, туку е секојдневие во Lexus Escondido.

Најексклузивниот ресторан во околината со 13.000 гости годишно

Најголемата атракција во комплексот не е последниот Lexus NX 300h, ниту пак знаменосецот LS 600h, туку луксузниот ресторан на покривот, со огромен балкон со спектакуларна глетка кон крајбрежјето и Елфин Форест. За секој случај, има изложени и неколку модели на Lexus. Ресторанот годишно го посетуваат 13.000 гости. Тој работи дури и во неделите, кога сервисот мирува.

Автомобилите сепак не се потиснати во заднина, покрај уметничката галерија, салонот за разубавување или луксузниот ресторан „Винтана“. Дилерот во Ескондидо во секое време има на располагање по 900 примероци од целата моделска гама на Lexus. Огромната залиха мора да постои, затоа што купувачите во САД немаат навика да чекаат и буквално секој очекува неговото ново возило да биде испорачано веќе следниот ден. Lexus Escondido се грижи и за клиентите што немаат вишок време и им нуди бесплатно преземање и враќање на возилото за сервис.

Дека замислата функцонира беспрекорно сведочат неколкуте случаи кога клиенти седнале само на ручек, а си заминале со нов автомобил од 50.000 долари. Од друга страна, и производот треба да одговара.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

P1 GTR: Најсилниот и најексклузивен McLaren ќе дебитира во Женева

BMW Мотоцикли со рекордна продажба лани