за , ,

Нови слики и детали од студијата Hyundai Intrado

Петер Шрејер е една од актуелните ѕвезди меѓу дизајнерите на автомобили. Чудото што Германецот го постигна со Kia, сега треба да се пренесе и на сестринската марка Hyundai.

Како што веќе пишувавме, Hyundai планира радикална промена на дизајнот и студијата Intrado, на којашто и претстои премиера во Женева, прикажува како би изгледале идните модели на успешната корејска марка. Сензацијата е во тоа што матичниот дизајнер на Kia за прв пат креираше возило за Hyundai – иако официјално дизајнот на студијата е потпишан од сопствениот дизајнер Томас Биркле и од неговиот тим во европскиот центар за развој и истражување во Риселсхајм.

Студијата Intrado е инспирирана од аеронаутиката и од параглајдерството. Името Intrado е поим од аеродинамиката, каде што се користи за именување на долната површина на некоја носечка површина. Од параглајдерството потекнува изборот на материјалите во кабината, како и младата целна група на којашто Hyundai се обраќа со оваа студија.

Во кокпитот има само неколку копчиња и инструменти. Идејата е возачот да ужива во возењето, место да размислува околу работата на неговото возило. Сé што е во оваа функција во и на возилото, лакирано е во параглајдерски типична портокалова боја, како контраст со црните површини.

Каросериската структура е изработена од исклучително лесна рамка од карбон и челик со висока цврстина, за кого што Hyundai со задоволство наведува дека потекнува од сопствената челичарница. Голема иновација се крие во изработката на оваа рамка, со цел да се постигне ниска тежина.

Третиот важен детал кај Intrado е погонот. Hyundai е горд на тоа што ix35 Fuel Cell е прво сериско возило со погон на водород и истиот погон во унапредена верзија сега го вградува во студијата. Под хаубата се наоѓаат горивните ќелии и контролната електроника, во дебелиот тунел во кабината се сместени литиум јонските батерии, а под задната клупа и под багажникот се двата резервоара за водород.

Резервоарите со зафатнина од 144 литри држат 5,64 килограми водорот, под притисок од 700 бари. Во комбинација со батериите од 36 киловати, тоа му овозможува на Intrado да потроши помалку од еден литар гас на сто километри, односно вкупно 600 километри со едно полнење – што е исто како кај обичен погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Русите ја произведоа 28-милионитата Lada

Фејслифт на Ford Focus во стилoт на Fiesta и Mondeo