за ,

Новиот Volkswagen Tiguan стартува со продажба во Македонија

Модуларната платформа му го донесе на Tiguan истото што претходно го постигна и кај Golf, Passat & Co. Пониска тежина, повеќе простор во кабината и во багажникот, штедливост и комфор во возењето. Подеднакво импресионира и опременоста на малиот брат на Touareg.

За денешните модели во сегментот на компактните теренци да се издвојат во конкуренцијата, повеќе не е доволно возилото да биде „само“ безбедно, комфорно и штедливо, туку се потребни и дополнителни вредности. Вмрежувањето и електрификацијата на погонската спрега се развојните подрачја во коишто производителите вложуваат сé повеќе и соодветно на тоа, конкурентската битка во голем дел се пренесува и во овие нови подрачја. Според Volkswagen, нивниот нов Tiguan ги исполнува сите овие барања. Според тоа што го кажуваат првите впечатоци, Tiguan „прерасна“ во мал брат на Touareg.

„Читателите на 'Ауто билд' го избраа Tiguan за 'Автомобил на годината со погон на сите четири тркала', награда што ја освојува по петти пат од лансирањето на првиот модел во 2007 година” - Владимир Димитровски, бренд менаџер на Volkswagen
„Читателите на ‘Ауто билд’ го избраа Tiguan за ‘Автомобил на годината со погон на сите четири тркала’, награда што ја освојува по петти пат од лансирањето на првиот модел во 2007 година” – Владимир Димитровски, бренд менаџер на Volkswagen

Втората генерација пристига со по три бензински и дизел мотори, во дијапазон од 115 до 190 КС. Понудата стартува со 1,4-литарскиот бензинец TSI со 125 КС, по што следува верзија на моторот со 150 КС и активно исклучување на цилиндрите, додека врвот на бензинската понуда е за новиот 2.0 TSI со 180 КС, кој дебитираше во Audi A4. Сите три дизели го користат како основа дволитарскиот мотор и се достапни во верзии со моќност од 115, 150 и 190 КС.

Најсилниот дизел пристига подоцна, со дволитарскиот дизел со битурбо натполнење и 240 КС од Passat. Новитет во понудата од погонски единици е хибридниот Tiguan GTE, со погонската техника од Golf GTE и Passat GTE. Хибридниот модел се очекува да стартува со продажба дури в година, откако Volkswagen ќе ја претстави верзијата со продолжено меѓусокино растојание и опција за трет ред седишта, како втора каросериска изведба во моделското семејство на Tiguan. Најдостапната можност да се вози Tiguan во моментов чини 25.327 евра, за верзијата со 1,4-литарски бензинец и ниво Comfortline, додека врвот му припаѓа на Tiguan 2.0 TDI со 190 КС, седумстепен менувач со двојна спојка, погон 4Motion и ниво на опрема Highline, со цена од 39.686 евра.

Новата платформа донесе довеќе простор во кабината и во багажникот

Блискоста со поголемиот Touareg се забележува во изгледот, но и во техниката. Најсилен впечаток остава моќниот и визуелно проширен преден дел, додека отстрана доминира вообичаената „торнадо“ линија, заедно со работ што се протега до опашот. Внатрешноста на компактниот теренец пречекува со нова генерација седишта, со ротациски прекинувач за избор на програми за возење по асфалт и по терен кај верзиите со погон 4Motion, како и сои проекциски дисплеј што се впушта во арматурната табла. Од осумте сантиметри раст во меѓуоскиното растојание во споредба со претходникот најмногу профитираат патниците на задната клупа. Зад поместливата задна клупа стои на располагање багажник со зафатнина поголема за 145 литри во споредба со првиот Tiguan, со импресивни 615 литри. Користењето на багажникот е олеснето со зголемениот отвор во каросеријата и со товарниот раб што е понизок за 45 милиметри.

„Совршено обмислен од првиот до последниот милиметар, тој им е достапен на милионите возачи и на нивните семејства како простран и флексибилен придружник за нивните секојдневни приватни или службени потреби. Накратко, новиот Tiguan е возило за сите намени кое е предвесник на една нова ера во автомобилската индустрија” – Александар Цветковски, продукт менаџер на Volkswagen
„Совршено обмислен од првиот до последниот милиметар, тој им е достапен на милионите возачи и на нивните семејства како простран и флексибилен придружник за нивните секојдневни приватни или службени потреби. Накратко, новиот Tiguan е возило за сите намени кое е предвесник на една нова ера во автомобилската индустрија” – Александар Цветковски, продукт менаџер на Volkswagen

Валкани ногавици нема да им се случуваат на сопствениците и патниците во Tiguan, затоа што праговите се изведени по пример на големиот брат Touareg, со што се избегнува контакт со валканите делови од каросеријата. Во понуда и натаму е можноста да се избере „теренска“ верзија на преднот браник, кој поседува поголем агол на пристап во споредба со стандардниот и овозможува искористување на несомнениот теренски потенцијал на Tiguan. Кај претходникот, секој петти купувач се решавал за оваа опција, додека уделот на моделските верзии со погон на сите тркала изнесувал над 50 проценти.

Со околу 2,8 милиони продадени примероци, моделската серија Tiguan во меѓувреме прерасна во еден од најголемите носители на продажбата на Volkswagen. Една четвртина од продажбата отпаѓа само на домашниот пазар. Новата генерација сепак ќе мора да се соочи со многу побројна конкуренција отколку при стартот на првиот Tiguan пред девет години. Марката има големи очекувања од продажбата на идната верзија со продолжено меѓуоскино растојание на пазарите во Кина и во Северна Америка.

Volkswagen ги гледа предностите на новиот Tiguan во споредба со конкуренцијата и во богатата понуда од системи за асистенција во подрачјата на безбедноста и комфорот. Меѓу нив секако дека предводи системот Front Assist со самостојно запирање при опасност од судир и интегрирано препознавање пешак на патот, исто како и системот за следење лента, проактивната заштита на патниците и предната хауба што со пиротехничко активирање се подигнува за пет сантиметри во случај на незгода со пешак или велосипедист, заради намалување на опасноста од повреди.

Фактот што новиот Tiguan се базира на модуларната платформа се огледува најмногу во тежината на каросеријата, со 50 килограми помалку во споредба со претходникот, како и со поголемата просторна понуда во кабината и повисокиот комфор во возење. Корисниците на приколки секако ќе профитираат и од зголемената максимална тежина за влечење товар до 2.500 килограми. Меѓу опциите се наоѓаат и луксузни ставки, како „ерго-активни“ седишта со масажа или систем од камери што на централниот дисплеј ги прикажува подрачјата кои возачот не може да ги види од седиштето. Поврзувањето на интернет исто така е достапно во понудата од опции, исто како и интеграцијата со паметни телефони или таблети.

Исто како и кај останатите модели во својата понуда, Порше Македонија го надградува стандардниот пакет на опрема на Tiguan и без доплата уште во основниот модел нуди автоматски клима уред со три зони на конрола, радио со дисплеј на допир, блутут, USB, мултифункциски кожен волан, безбедносен пакет со систем за спречување судир и систем за следење лента, автоматика на светла и бришачи, средишен потпирач за рака напред, паркинг сензори напред и назад, магленки и комплет алат и дигалка за возилото.

[FAG id=24292]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

PSA Group развива електрични автомобили со кинескиот Dongfeng

Специјална серија на Lotus Evora за педесетгодишнината