за

Новиот Volkswagen Passat пристигнува в година

Новата генерација на Passat ќе ја користи платформата од Golf VIII и ќе понуди повеќе простор и нови мотори. Продажбата на моделот од средната класа ќе почне кон крајот на 2014.

Тој отсекогаш бил подобриот Golf. Моделот од средната класа на Volkswagen никогаш не газел по непознат терен, но затоа секогаш бил совршен до последната завртка, изработен педантно, функционален, и секако, достапен и со стабилна вредност како користено возило. Новиот Passat од генерацијата B8 под ламарината е речиси идентичен со Golf. Големиот Volkswagen ја користи истата техничка платформа како неговиот компактен брат, чии што предности се рационалното искористување на просторот и поголемата просторност во кабината, како и ниската тежина. Дури и понудата од мотори не се разликува од Golf. Единствената позначајна разлика е тоа што купувачите на Passat ќе имаат поголем избор од дополнителна опрема.

Понудата од каросериски изведби останува непроменета

Гамата на Passat останува непроменета во споредба со сегашниот модел. Понудата ќе се состои од лимузинската и од комби изведбата Variant, чија што продажба на матичниот пазар ќе стартува во ноември 2014. Една година подоцна ќе стартува и верзијата приспособена за возење по терен Alltrack, додека во 2015 е закажана премиерата за купе-лимузината CC, која веројатно повторно ќе го носи името Passat.

vw passat variant b8

Volkswagen планира и други модели со ознака CC, меѓу другото и купе теренец на база на Tiguan. Специјално за кинескиот пазар се развива луксузна верзија на Passat, од локална продукција. Оваа лимузина што е позиционирана меѓу моделите Passat и Phaeton во основата е редизајниран Audi A6.

Шефовите размислуваат и за купе и комбилимузина по пример на Audi A5

Моделската палета на Passat првично беше замислено да се состои од шест различни изведби, односно лимузина, комби Variant, купе лимузина CC, комбилимузина со пет врати, спортски теренец, купе и кабриолет. Но, на Volkswagen од една страна му се потребни големи производствени серии, а од друга страна, планираната комбилимузина со пет врати, исто како и купето и кабриолетот, би биле преблиску до Audi A5.

Врвот на понудата ќе му припадне на Passat R со 300 КС

Како дополнителна варијанта има шанси единствено спортски дотераниот Passat R. Овој топ модел со погон на сите тркала и со менувач со двојна спојка ќе биде достапен со бензински мотор со 300 КС и дизел со 258 КС. Во понуда ќе биде вклучена и специјална палета на опрема R, со поголем избор на каросериски бои и облоги на седиштата, бандажи и каросериски додатоци. На тој начин секој Passat ќе може да поседува индивидуална нота.

Повеќе простор при иста должина – благодарение на платформата од Golf

Новиот Passat ќе има за осум сантиметри поголемо растојание меѓу оските, благодарение на новата платформа и рационалното искористување на просторот. Должината останува иста, се менуваат пропорциите. Каросеријата ќе биде поширока и пониска, а превисите напред и назад ќе се скусат. Со тоа ќе се добие повеќе простор во кабината, а воедно и во багажникот.
Предните светла користат светлечки диоди, исто како и задните. Како опција ќе се нудат бандажи со големина до 18 инчи, исто како и ставки од луксузниот сегмент, на пример проекциски дисплеј, серво мотор за затворање на вратите и панорамски покрив. Таблата со инструменти во иднина ќе работи исклучиво дигитално, со виртуелни стрелки и хромиран прстен околу инструментите.

Исклучување на цилиндрите при послабо оптоварување

Со новата платформа се намалува тежината на возилото за 100 килограми, како еден од предусловите за намалување на потрошувачката на гориво до 15 проценти. На стартот од продажбата ќе се нудат 1,4-литарски бензинец со 125 и 150 КС, 1.8 TSI со 180 КС, 2.0 TSI со 220 и 280 КС, како и дизелски 1.6 TDI со 115 КС и 2.0 TDI во верзии со силина од 150, 185 и 231 КС.

Врвните мотори ќе бидат комбинирани со погон на сите тркала и седумстепен менувач со двојна спојка. Системот старт-стоп ќе биде стандард со сите мотори, исто како и нормата Euro 6 и исклучувањето на дел од цилиндрите при послабо оптоварување на моторот. Верзијата со хибриден погон исто така ќе се ориентира според техниката од Golf, со таа разлика што кај неа ќе се користи електромотор со моќност од 100 КС.

passat 2014 cc

Новиот систем од авторадија што ќе доживее премиера со фејслифтот на Polo во почетокот на следната година ќе се применува и во идниот Passat. Врвната верзија на радиото ќе има поголем монитор на допир, поврзување со паметен телефон, како и дополнителни функции, меѓу кои интернет, ТВ, стриминг на музика и географски карти на Гугл. Од новите системи за асистенција ќе бидат достапни прикажување на возилото од птичја перспектива, како помош при паркирање, тристепена амортизација, говорни команди и забавни системи за патниците на задната клупа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Десет работи без кои не се може во зима

Volkswagen нуди возење во Поларниот Круг за 2.800 евра