за

Новиот Mondeo пристига во декември: Дизелот за 23.900 евра

Двете години чекање се исплатеа. Новиот Mondeo е комплетно опремен со напредна технологија, ги има новите мотори на Ford, но најважно, ја има и конкурентската цена

Еден од најочекуваните новитети на нашиот пазар пристига веќе во следниот месец. Ford Mondeo 1.6 TDCi со 115 КС и ниво на опрема Trend повторно ќе биде меѓу најисплатливите модели во класата.

Веќе во средината на декември стартува новата генерација на Ford Mondeo на македонскиот пазар. Раното пристигање на новиот знаменосец на Ford е само првото пријатно изненадување од Ми-Да Гранд Моторс. Во 2015 година претстојат многу премиери на нови модели на Ford на македонскиот пазар, вклучувајќи го и култното име Mustang. Во следната година ќе имаме речиси целосно обновување на моделската гама на марката со сината слива, со повеќе моделски имиња што премиерно се појавуваат на пазарот.

Моделската офанзива на Ford започнува уште во оваа година, во средината на декември, кога стартува продажбата на новата генерација на моделот од средната класа Mondeo. Во понудата од погонски единици влегуваат истите мотори како на западноевропскиот пазар, вклучувајќи го новиот 1,5-литарски четирицилиндарец со турбонатполнење и директно впрскување на горивото, како поголем брат на еднолитарскиот EcoBoost – повеќекратен носител на титулата на светски мотор на годината. Со овој мотор со моќност од 160 КС и декларирана просечна потрошувачка од 5,8 литри на сто километри ќе стартува ценовникот на Mondeo.

Најсилниот бензинец во новиот Mondeo вози со 240 КС

Македонскиот пазар сепак повеќе ги преферира дизелските модели во оваа класа. Mondeo 1.6 TDCi со 115 КС и просек од 4,2 L/100 km, во нивото на опрема Trend, официјално ќе стартува на нашиот пазар од 23.900 евра. Бензинската понуда ја дополнува 2.0 Ecoboost со 240 КС, додека кај дизелите стојат на располагање двете верзии со дволитарскиот дизел, првата со 150 КС, втората со 180 КС. Сите мотори, со исклучок на дволитарецот со 240 КС, којшто следува во комбинација со шестстепен автоматски менувач, стандардно поседуваат систем за штедење гориво старт-стоп и шестстепен мануелен менувач.

Со комбилимузинската форма, Mondeo се повикува на легендарните Scorpio и Sierra
Со комбилимузинската форма, Mondeo се повикува на легендарните Scorpio и Sierra
Со деталите од опремата уште не располагаме, но раководејќи се според матичниот пазар на германската марка, може да се очекува новиот Mondeo во нивото Trend стандардно да поседува радио со команди на волан, електрика на сите прозорци, електронска паркирна сопирачка, автоматски клима уред со две зони и магленки. Точното ниво на опременост секако ќе биде познато веќе во средината на декември. Исто како и во претходната генерација на моделот, Ford нуди поволни и логично скроени пакети со повеќе ставки на опрема, како „дизајн-пакет“, со алу-бандажи од 16 инчи, собирање на ретровизорите, хромирани детали на каросеријата.

За дволитарскиот бензинец и сите дизелски модели е достапно и повисокото ниво Titanium, кое според германскиот ценовник вклучува дополнително средишен дисплеј на допир од 20 инчи, ракување преку говорни команди, собирање на ретровизори, автоматика за долго светло, копче за стартување, темпомат, автоматика на бришачи и светла, спортски седишта и алу-бандажи од 17 инчи. Точната спецификација на ова ниво исто така ќе биде потврдена со комерцијализацијата на моделот.

За првпат модел со хибриден погон во гамата на Mondeo

Во новата генерација на Mondeo за првпат ќе се нуди и модел со хибриден погон, во комбинација од дволитарски бензинец и електромотор со системска моќност од 187 КС и потрошувачка од 4,2 литри на сто километри. Хибридниот Mondeo би бил особено интересен за нашиот пазар од аспект на акцизното ослободување на автомобилите со „електрифициран“ погон. Засега не е планирано овој „Mondeo со две срца“ да биде вклучен во ценовникот на Ford за македонскиот пазар, што од друга страна е поврзано и со прифатеноста на хибридниот погон во поширокиот регион. Во секој случај станува збор за можна заштеда на акцизата во висина од 5.400 евра, односно околу 6.400 евра вклучувајќи го данокот од 18 проценти. Mondeo Hybrid е воедно и единствен во гамата што ќе биде достапен со лимузинската форма на каросеријата, наспроти останатите модели коишто се нудат само во комбилимузинска изведба со пет врати и во комби изведба Turnier.

Новиот Mondeo повторно настапува со најдобра противвредност во класата

Одговорот на прашањето што го поставуваат пазарните лисеци пред почетокот на продажбата на секоја нова моделска генерација гласи: Не! Од моделот од претходната генерација на Mondeo, со редовна цена од 18.200 евра за бензинецот и 22.000 евра за дизелот, во комбинација со почетното ниво Ambiente, повеќе нема примероци на располагање. Во директна споредба, новиот Mondeo во верзија со 1,6-литарски дизел со 115 КС и ниво Trend ќе биде само 300 евра поскап од претходникот, што значи дека генерациската смена не само што не е „болна“ во ценовна смисла, туку нуди и поголема противвредност, ако се земат во предвид дополнителните ставки во опремата и унапредената технологија – и секако фактот што за комбилимузинската каросериска изведба досега мораше да се плати дополнително.

Логото е на носот место во маската, како кај престижните британски купеа
Логото е на носот место во маската, како кај престижните британски купеа
Во споредба со конкуренцијата, којашто сé повеќе се проретчува, дизелскиот Mondeo со 115 КС и цена од 23.900 евра во нивото Trend повторно е најисплатив избор меѓу моделите од средната класа. Opel Insignia 2.0 CDTi со 110 КС и со основното ниво Insignia му се спротивставува на Ford Mondeo со цена од 23.641 евра, но со значително послаба опременост, исто како и Skoda Superb 1.6 TDI со 105 КС и 20.920 евра за основното ниво, односно 24.460 евра во второто ниво на опрема што е споредливо со опременоста Trend кај Ford. Некогашниот јапонски партнер ја има Mazda6 со 150 КС за 25.980 евра, но повторно со послаба опременост, додека Toyota Avensis 2.0 D-4D се нуди за 24.490 евра во нивото Comfort и 27.490 евра за нивото Executive, коешто е на рамниште со Trend кај Mondeo. Останува уште да се објави цената на најсилниот конкурент во класата, новата генерација на Volkswagen Passat.

Освеженото моделско годиште на Focus чини само 400 евра повеќе од претходникот

Стратешкото обновување на моделската гама на Ford продолжува со фејслифтот на моментно најпродаваниот автомобил во светот, компактот Focus, чијшто старт на македонскиот пазар се очекува кон крајот на декември и почетокот на јануари. Во последно време честопати се случуваше фејслифтите да настапат со драстично повисока цена, условено од новите системи што постојано пристигаат во браншата и ја прават конкурентската трка уште поостра, но очигледно дека нема причина за таква загриженост кај компактот на Ford. Новиот Focus ќе стартува од 14.300 евра за бензинската варијанта 1.6 Ti-VCT со 85 КС, односно 400 евра повеќе од претходникот. Кој се смета за добар преговарач веројатно може да направи добра зделка за примерок од сегашниот модел, од когошто уште стојат на располагање неколку примероци.

Најголемото освежување на новиот Focus е во значително поедноставената средишна конзола
Најголемото освежување на новиот Focus е во значително поедноставената средишна конзола
Во надворешноста нема поголеми измени, со исклучок на новата маска, но затоа има четири нови мотори под хаубата, со смалена работна зафатнина. Новиот 1,5-литарски бензинец од генерацијата EcoBoost, со турбонатполнење и директно впрскување на горивото се нуди во верзии со 150 и 182 КС, додека исто толку големиот дизел во трите верзии постигнува 95, 105 и 120 КС. Секако дека во понудата и натаму останува наградуваниот еднолитарски EcoBoost, во верзии со моќност од 100 и 125 КС. Горниот дел од понудата го комплетира дволитарскиот TDCi со 150 КС, а останува и 1,6-литарскиот дизел со 95.

И Ford се впушта во вжештената конкурентска битка на кросоверите

Големо освежување претставува доаѓањето на компактниот кросовер EcoSport, којшто од оваа генерација ќе се нуди глобално, за разлика од претходникот што беше резервиран исклучиво за јужноамериканските пазари, кадешто постигна впечатливи успеси во продажбата. Техничката основа на кросоверот со должина од четири метри доаѓа од Fiesta, а понудата на мотори ја сочинуваат

EcoSport е одговорот на Ford на актуелниот продажен бум во сегментот на кросоверите
EcoSport е одговорот на Ford на актуелниот продажен бум во сегментот на кросоверите
бензинец 1.0 EcoBoost со 125 КС и 1,5 литарски дизел со 90 КС и исто толкав бензинец со 112 КС. EcoSport ги има во визир конкурентите Opel Mokka, Renault Captur и Peugeot 2008. Во почетокот, малиот брат на Kuga ќе биде достапен на европскиот пазар само со погон на предните тркала, како поевтина и поштедлива верзија, впрочем исто како и обата француски кросовера од конкуренцијата. Кросоверот би можел да постигне повпечатлив успех на македонскиот пазар, по стапките на Fusion, којшто беше задржан на половина пат меѓу Fiesta и сегашниот EcoSport. Пазарниот старт на кросоверот на Ford е во почетокот на вториот квартал од 2015 година, односно во текот на идниот април.

Нема наследник на Capri, но затоа има уште подобро – Mustang!

Американската легенда за прв пат во 50-годишната историја е достапен официјално на европскиот пазар. Mustang доаѓа в лето
Американската легенда за прв пат во 50-годишната историја е достапен официјално на европскиот пазар. Mustang доаѓа в лето

Новитетите не престануваат тука. Напротив, во втората половина од следната година доаѓа најголемото изненадување на нашиот пазар, почетокот на продажбата на американското купе со култен статус – Ford Mustang. За прв пат во педесетгодишната историја на Mustang, моделот се нуди официјално и на европскиот пазар – во согласност со актуелната стратегија на Ford, еден модел да се нуди глобално. Долго време Ford е без купе во средната класа, а уште подолго без достоен наследник на легендарниот Capri. Неговиот наследник не доаѓа, но затоа следува уште подобро: Mustang, како едно од највредните и најзвучни имиња на сите времиња, не само во американската, туку и во глобалната автоиндустрија. Традиционалниот V8 со зафатнина од пет литри и моќност од 418 КС не смее да недостига во Mustang, а покрај него, посебно за европскиот пазар ќе се нуди и 2,3-литарски турбобензинец од генерацијата EcoBoost со 320 КС.

Во средината на следната година претстои голем караван со новите модели низ Македонија

Ниту вановите не остануваат без моделско освежување. Во мај следува комерцијализација на компактниот ван C-Max, којшто доживеа премиера на штотуку завршениот салон во Париз, исто како и ванот на база на новиот Mondeo, динамичарот во класата на вановите, Ford S-Max. Последниов треба да пристигне на нашиот пазар кон крајот на вториот квартал, што значи во периодот меѓу јуни и јули следната година. Обновената гама на Ford ја комплетира и новата генерација на Tournier, којшто е веќе достапен на пазарот.

На помош на техничкиот близнак Mondeo. Динамичниот семеен и бизнис ван S-Max пристига во јуни 2015
На помош на техничкиот близнак Mondeo. Динамичниот семеен и бизнис ван S-Max пристига во јуни 2015

За заокружување на обновувањето на моделската гама, Ми-Да Гранд Моторс планира во периодот на мај или јуни да организира караван низ Македонија, на којшто заинтересираните купувачи и љубителите на марката ќе имаат можност лично да ги испробаат новите модели на Ford. Секако дека во меѓувреме не се исклучени и други изненадувања од марката со синото лого, Focus и Fiesta со значката ST, на пример!

Галерија со сите новитети на Ford за 2015 година

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Како да се справите со влажноста во кабината?

Global NCAP бара итно повлекување на Datsun Go